Исто е, ама не е исто

Анализа на квалитетот на 26 идентични производи од хрватскиот и германскиот пазар, покажала дека повеќе од половина од примероците земени од хрватските маркети се со полош квалитет и поскапи отколку оние од германските маркети.

Сумарно, испитувањето извршено од хрватската Агенција за храна покажува дека само кај 4 од 26 тестирани производи, немало разлика ни во квалитет ни во цена. Кај 54% од производите имало разлика во квалитет, додека над 60% од производите во моментот на купување биле поскапи на хрватскиот пазар.

Тоа што е најдена разлика во квалитетот кај некои производи што доаѓаат од иста фабрика, според хрватската европратеничка Биљана Борзан, покажува дека во овие фабрики постојат паралелни производни ленти за ист производ за различен пазар.

Како примери се издвојуваат виршлите Вуди, кои за хрватскиот пазар се направени од т.нр. механички откостено месо, кое според прописите на ЕУ не смее да се означува како месо. Истите овие виршли на германскиот пазар се произведени од право мисиркино и пилешко месо. Плус, производот од хрватскиот пазар содржи адитив полифосфат, а во анализите се откриени и разлики во боја, вкус и текстура.

Кај детската храна на Хип - ориз со морков и мисирка, верзијата за хрватските купувачи содржела значително помал дел на зеленчук и поголем дел на ориз отколку германскиот производ. Исто така производот за Хрватска немал воопшто компир. Кашичката во Хрватска била 54% поскапа отколку во Германија.

Нутела купена во Хрватска содржи сурутка како поевтина суровина и помал процент на млеко, додека во Германија таа е изработена само од млеко. Производот за хрватски пазар бил посветол и наместо арома на лешник имал арома на какао.

Кај овошните јогурти на Активиа утврдено е дека во Хрватска има повеќе шеќер и помалку јагоди.

Освен храна, најдена е значителна разлика кај прашокот за алишта Ариел, кој купен во германски маркет има значително посилно дејство на пониски температури (40 степени).

Производи што се покажале дека се идентични на двата пазари и по квалитет и по цена се: Хепи деј 100% сок од портокал, Ред бул, Барила шпагети и Ленор омекнувач. Идентични по квалитет, ама поскапи во Хрватска биле: Принглс, Колгејт и Рио маре туна во маслиново масло.

Единствен производ што бил поквалитетен во Хрватска е Харибо Хепи-кола, кој во Германија има повеќе шеќер од декларираното.

2 септември 2017 - 16:44