Фидел Кастро му е татко на канадскиот премиер. Точка.

Познато е дека Кастро бил стар семеен пријател со Пјер и Маргарет Трудо, родителите на актуелниот канадски премиер. Но фрапантната сличност меѓу Фидел и Џастин покрена лавина приказни дека таа блискост во некој момент била претерана. Што има да читате понатаму, ќе кажете: „Tатко му е бе, видов на интернет“.

„Фидел Кастро беше 'поголем од животот' лидер, кој му служеше на својот народ речиси половина век. Како легендарен револуционер и оратор, Кастро создаде значаен напредок во образованието и здравството во својата земја. Сочувствуваме со народот во Куба за губењето на овој извонреден лидер“ - Џастин Трудо.

Ваквата невообичаено топла порака на сочувство на канадскиот премиер веднаш предизвика дигање веѓи кај многумина западни политичари. Некои можеби се шокираа од самата должина на текстот. Трамп на пример, по веста за смртта на Кастро успеа (велат сам и без никаква помош) да го срочи овој твит:

Пораката на Трудо, како и извесната физичка сличност меѓу него и Кастро во помлади денови, меѓу љубителите на заговори ја покренаа најзабавната теорија на заговор овие денови: дека покојниот кубански лидер му е вистинскиот татко на Џастин Трудо; следствено, зборовите на сочувство се протолкуваа како тага по својот татко (му има кажано мајка му).

Не постојат директни докази за ова тврдење, ама, кога тоа пречело? Приказните се плетат околу посредни индиции.

А во случајот три се главни:

Прво, Пјер и Маргарет Трудо имаа бурен брак. Таа имаше љубовна афера со американскиот сенатор Тед Кенеди, а брачната врска им се распадна среде гласините дека Маргарет се швалерисува со Рони Вуд од Ролинг стоун.

Додека беа во брак, имаат одено во Куба, каде што обајцата биле шармирани од жовијалниот кубански револуционер, за што сведочат и биографиите на Пјер Трудо.

Само од овој податок комотно може да се заклучи дека Фидел ја оверил Маргарет бидејќи знаете како иде тоа, Куба, сонце, песочни плажи, маку повеќе бакарди во колата.... не се правете мутави.

Второ, никој не е ќор, сликите сами кажуваат:

Трето и најважно, случајно ли Трудо таква политика води, со сенс за обесправените, со многу приземност и реалност во однесувањето, со одвојување милијарди за субвенции и слично? Се разбира дека не е случајно, тоа е резултат на фактот дека во неговите вени тече револуционерната и антиимперијалистичка крв на легендарниот кубански лидер.

Како што гледате, овој случај е цврст како бетон.

 

 

Освен дека Џастин е роден на 25 декемри 1971 година, точно 9 месеци по медниот месец на Пјер и Маргарет, кој го поминаа во Британска Колумбија и долго пред првпат да патуваат за Куба.

30 ноември 2016 - 12:32