Европа до Британија: Разбудете нè кога ќе знаете што сакате од брегзит

Пишувајќи пред неодамнешното гласање со кое беше одбиен планот на Меј за брегзит, колумнистот на Гардијан, инаку Данец, пренесува како целата драма им изгледа на сите други кои живеат вон островот: „Извинете што не можеме да бидеме возбудени околу гласањето. Од надвор, тоа личи само како уште повеќе парализирање и илузии.“

Авторот и колумнист Јорис Лајндијк објаснувајќи дека планетава не се врти околу Британија и брегзит, пишува:

Тоа што британскиот политички и медиумски естаблишмент е обземен со овонеделното издание на повеќегодишната психодрама наречена брегзит, е за простување; сепак тоа е нивна земја и ова беше епизода полна со акција. Меѓутоа за голем број Европејци, гласањето е горе-долу истото: Британците се уште не знаат што сакаат, па политичарите вртат во круг, па вртат во круг, и после уште малку вртат во круг.

Јасно е дека, за британските политички новинари и коментатори околу Вестминстер, секој од овие кругови е неверојатно возбудлив - што можеше да се види и неделава.

Меѓутоа од дистанцата што ја дозволува живеењето во ЕУ, ништо од ова не е ново. Вон целата галама што се крева, Британија политички многу малку има мрднато во изминатите 2 и пол години. Ова не е хаос. Ова е парализа. Земјата и понатаму одбива да се соочи со последиците на својата одлука да напушти, повторно и повторно одложувајќи го изборот од пост-брегзит опциите што и се достапни.

А причината за ова е едноставна: секоја од овие опции вклучува економска или изборна болка што би ја распарчило која било страна, тука опфаќајќи ги и оние што се за останување, и оние што се за мек или за тврд излез од ЕУ.

Ова одбивање да се живее во реалниот свет воопшто и ја овозможи победата на брегзит, и продолжи да биде доминантниот став во Британија во септември 2016, или во јули 2017, а и во јануари 2019. Па затоа простете им на Европејците што се обидуваат да го сокријат зевањето кога од нив ќе се побара да се заинтересираат за уште едно гласање кое работите нема никако да ги приближи на единствената тема што е важна: дали Британците решија што сакаат?

18 јануари 2019 - 15:42