До допинг скандалот на Русија, и пред него

На 8 мај 2016, 60 минути на Сибиес емитува емисија за допингот во Русија, ова е четврто продолжение од серијата околу наводното постоење на систематско допингување во рускиот спорт. Во емисијата интервјуиран е Григориј Родченков екс-директорот на руската антидопинг лабораторија во Москва. Неколку дена подоцна тој има и интервју со Њујорк тајмс, во кое тврди дека руската државна допинг програма е активна уште од Олимпијадата во Сочи, и дека наредбата за нејзиното формирање доаѓа речиси директно од Путин.

"Еден важен факт кој успева да им ескивира на меѓународните набљудувачи е дека медиумската кампања, која започна кратко по замрзнувањето на руско-западните односи во 2014, е изградена врз 'сведочењата' на тројца руски граѓани кои беа заемно поврзани и вклучени во серија допинг скандали, а подоцна ја напуштија Русија и се обидоа да живеат на Западот," пренесува Зиро хеџ.

Првата од овие тројца е 29-годишната Јулиа Степанова, која може да се смета за иницијатор на скандалот. Таа се натпреварува на трки на средни патеки, а нејзино најголемо постигнување е бронзената медала на Европското првенство во атлетика во 2011.

Во 2013 таа на две години е дисквалификувана од антидопинг комисијата на руската атлетска федерација заради "флуктуации во крвта во нејзиниот атлетичарски биолошки часовник." Вакви флуктуации се сметаа за доказ за допинг, заради што сите резултати на Степанова по 2011 се сметаат за невалидни, а сите пари заработени од трчање во 2011-2012 требала да ги врати.

Степанова е главниот извор на новинарот на АРД, Хајо Зеплет, кој почнува со снимање документарец за измамите во руските спортови. По објавувањето на првиот документарец на АРД во декември 2014, Степанова си заминува од Русија со сопругот и синот. Во 2015 таа бара политички азил во Канада.

Втор е Виталиј Степанов, сопругот на Јулија, инаку поранешен вработен на РУСАДА (руската антидопинг агенција). Човекот живее и работи во САД од 15-годишна возраст, и подоцна решава да се врати во Русија. Во 2008 Степанов почнува да работи во РУСАДА на допинг контроли. Тој ја запознава својата сопруга, во тоа време Русанова, во 2009 на натпревар во Чебуксари. Виталиј заминува од РУСАДА до 2011, што е истата година кога неговата сопруга за прв пат е позитивна на допинг тестовите. Подоцна Степанов изјавува дека бил свесен дека неговата сопруга се допингувала.

Третиот лик во целата кампања е поранешниот директор на антидопинг лабораторијата, Грегориј Родченков. Според Виталиј, токму Родченков е тој што им го продава допингот на руските спортисти додека истовремено се обидува да ги скрие резултатите од допинг тестовите. Родченков има докторат по хемија од Ломоносов, а во антидопинг лабораторијата работи од 1985-та. Подоцна работи во петрохемиска индустрија во Канада и Русија, за во 2005-та да се врати како директор на антидопинг лабораторијата.

Во 2013 Марина Родченкова - сестрата на Грегориј - е прогласена за виновна и е казнета за продавање на анаболични стероиди на спортистите. Истрагата го опфаќа и самиот Грегориј. Под закана дека ќе добие обвинение, Грегориј се обидува да се самоубие, меѓутоа со време е хоспитализиран и спасен. Психијатриската проверка на Родченков покажува дека тој страда од шизотипно растројство, засилено од стрес. Како резултат на ова, се повлекува обвинението против него. Меѓутоа и покрај дијагнозата и обвинението за него и пресудата за сестра му, Грегориј останува на позицијата директор на единствената руска антидопинг лабораторија акредитирана од светската антидопинг агенција. Тој останува на позицијата се до есента 2015 по избивањето на скандалот започнат од АРД и брачниот пар Степанови. Во септември 2015 светската антидопинг агенција го обвинува Родченков за намерно уништување на илјадници примероци со цел прикривање допинг меѓу руските спортисти.

Пред донесувањето на конечната одлука Меѓународниот олимписки комитет го анализираше извештајот од независниот експерт, канадскиот професор Ричард Мекларен, кој ја обвини целата руска федерација за учество во допингувањето. (Претходно самиот Мекларен на прес-конференција од 18 јули изјави дека во рок од 57 дена не успеал да идентификува кој било спортист што имал корист од ваква манипулација за прикривање на позитивни допинг тестови.) Мекларен признава дека неговиот последен извештај се базира на сведоштвото на еден единствен човек - Родченков, кој иако е обвинет од Светската антидопинг агенција за уништување стотици тестови, во извештајот е претставен како кредибилен извор.

Извештајот на Мекларен е основата врз која ИОК одлучи кои сè руски спортисти можат да се натпреваруваат во Рио, притоа "обвиненијата во него нема да бидат расправани на суд, ниту пак некој има можност да ги оспори доказите презентирани во него."

Крајната одлука е дека околу 70% од руските спортисти кои се квалификувале ќе можат да се појават на Летните олимписки игри.

6 август 2016 - 13:36