Чичен Ица, тантара пантара

И археолошкиот локалитет Чичен Ица во Мексико e во опасност да го изгуби специјалниот статус од УНЕСКО. Заради тезги со сувенири и дрангулии. Слично како Охрид, 30 години не можат да го решат проблемот.

Институтот задолжен за заштита на културното наследство на Чичен Ица на Јукатан ја призна својата немоќ да се справи со сè побројните тeзги и импровизирани штандови кои прават ова место да личи повеќе на панаѓур отколку на културно наследство под заштита на УНЕСКО. 

Првите тезгаџии се дојдени уште на почетокот на 90-тите години и секоја година ги има сè повеќе. Институтот држи еден периметар во кој не ги пушта но признава дека не може да се справи со нивната упорност без асистенција на други инстанци.

„Мислиме дека државните и федерални власти не ја сфаќаат димензијата на овој проблем. Ние пробавме сè што е во наши раце но немаме ни правни средства ни кадровски капацитети да го заштитиме Чичен Ица“, велат тие. 

Се работи за импресивен локалитет од времето на Мајите односно она што е останато од нивната култура и цивилизација, меѓу кои и најпрепознатливата пирамида од тие простори. Комплексот годишно го посетуваат 2,6 милиони лица. Се работи за исклучително стари градби и од наша перспектива, тезгаџии се банален проблем: да беа кај нас, овие градби веќе ќе добие некаква дозвола за надградба (два спрата плус поткровје).

За време на администрацијата на претходниот гувернер Роландо Запата Бело, бил изготвен план на трговците да им се изгради посебен објект но потоа дошла друга гарнитура па решила дека тој план мора да се ревидира. Класика. И така тера тоа 30 години. 

А Охрид навистина не знаеме до каде е. „Сериозноста“ на акцијата за негово упристојување ни стана јасна кога помпезно најавуваната „голема чистка“ започна со рушење на некаква дивоградба во горна Влашка маала, локација која благе везе нема со она за што е загрижен УНЕСКО.

1 ноември 2019 - 12:42