100 години од британскиот масакр на стотици Индијци

Во Индија настанот е познат како Џалиaвала баг масакрот, во кој британските колонијални сили отвораат оган на стотици невооружени жени, деца и мажи. Британија до ден денес и се нема извинето на Индија за масакрот.

На масакрот од 13-ти април 1919 му претходат немири во северниот индиски град Амристар. Дента поголем број Индијци се собираат во оградениот парк-градина Џалиaвала баг и мирно протестираат против апсењето и депортацијата на двајца локални индиски лидери.

Собирот бил спротивен на наредбите на британските колонизатори и надлежниот бригадир-генерал Реџиналд Дајер. Кога Дајер разбира дека народ почнува да се собира во Џалиaвала баг, тој со уште неколку единици војска се упатува кон градината.

Дел од војниците го блокираат главниот влез во градината, а останатите војници се распоредуваат на останатите неколку влезови и по наредба на Дајер почнуваат да пукаат. Стрелбата е насочена кон толпата која се обидува да избега од некој од споредните влезови. Пукањето во насобраните без престан трае околу 10 минути, додека војниците не ја потрошиле целата муниција.

Следниот ден во извештајот за настанот Дајер пишува „чув дека се убиени меѓу 200 и 300 луѓе од толпата, моите војници испукаа 1.650 куршуми,“ бројка добиена со пребројување на празните шаржери на стрелиштето.

Истрагата на британските власти една година подоцна, покажува дека во масакрот се убиени 379 луѓе.

Процената на Индискиот национален конгрес е дека имало речиси 1.000 мртви.

Во 1997 Елизабета Втора положува венец на местото на Џалиaвала бат масакрот, меѓутоа целото внимание го привлекува нејзиниот сопруг кој изјавува дека индиското пребројување на жртвите на масакрот биле „претерано“.

Во 2013, премиерот на Британија за време на посетата на Индија го опишува масакрот како „крајно срамен“, меѓутоа не дава извинување за него.

Пред некој ден за време на говорот во Парламентот, Тереза Меј порача дека инцидентот е „срамна лузна“ на британско-индиската историја.

Британците и понатаму се немаат извинето за целиот настан. Индијците и понатаму не можат да се помират со жртвите и со одбивањето на Британците да се извинат за тоа што го направиле.

Инаку, во 1920, една година по масакрот Долниот дом на британскиот парламент го казнува Дајер за убиството на индиските цивили. Казната е предвремено пензионирање од британските вооружени сили.

16 април 2019 - 18:07