Писмо од Техеран

Со казнувањето на Иран, Трамп ризикува отворена војна меѓу нашите две држави

Американскиот претседател треба да пружи отпор на притисокот од неговите советници и да ги де-ескалира тензиите во Персискиот залив, порачува во колумната за Гардијан поранешниот ирански претседател Мухамед Катами.

Пред 21 година, на мој предлог, Генералното собрание на О.Н. ја именуваше 2001 како годината на „дијалогот меѓу цивилизациите“ и ја искажа својата посветеност на мирот и отфрлањето на војната и насилствата. Иранскиот народ, и покрај своите историски маки и проблематична историја, отвора ново надежно поглавје на соработка и дијалог со големите сили (САД, Британија и Русија). Овие надежи, сепак, беа уништени од терористичките злосторства на 11 септември 2001, и нивните трагични последици од разорувачките војни низ западна Азија. Катастрофалните војни во Ирак и Авганистан, и останатите интервенции во регионот ги влошија веќе постојните проблеми, и го поставија патот за подем на меѓународниот тероризам, граѓанските војни во Сирија и Ирак, и грабежите и воените злосторства кои се уште се случуваат во Јемен. Овие конфликти го направија регионот небезбеден и влијаеа на безбедноста низ светот.

Во истиот период развојот на цивилната нуклеарна програма на Иран стана тест за дијалог околу мирот. Со цел да се изгради доверба кај меѓународната заедница мојата администрација бараше и се трудеше да започне дијалог, и по години тешки и бурни преговори, владата на претседателот Руани успеа во комплетирањето на ЈЦПОА (Joint Comprehensive Plan of Action), познат како Иранскиот нуклеарен договор, со шесте светски сили.

Иран постојано повторуваше дека не сака да создаде нуклеарно оружје. Освен што ја исполнуваше својата обврска според спогодбата против ширењето на нуклеарното оружје, како гест на добра волја Иран ги прифати мерките од ЈЦПОА за обезбедување на транспарентна потврда на својата цивилна нуклеарна програма. Успешното затворање на ЈЦПОА беше големо достигнување кое покажа дека реципроцитетот и взаемната доверба меѓу Иран и големите светски сили, не само што беа пожелни, туку и посакувани. Дополнително, тоа дејствуваше како важна основа врз која може да се гради, и која во себе го содржеше ветувањето за поплодни и позитивни односи меѓу нашите држави во иднина. За жал, Иран беше единствената држава која се придржуваше до ЈЦПОА, додека останатите потписници или ги прекршија или ги избегнуваа своите обврски од договорот.

Додека Иран играше одлучна улога во поразувањето на теророт на ИСИС, администрацијата на Трамп одлучи да започне нова рунда на непријателства против мојата држава нелегално повлекувајќи се од Иранскиот нуклеарен договор, прекршувајќи ја резолуцијата 2231 на О.Н. која самите САД ја предложија, и започнаа кампања на економски санкции кон иранскиот народ. Претседателот Трамп со ова го казнува Иран и светската заедница не заради прекршување на ЈЦПОА, туку за почитување на меѓународен договор овозможен од О.Н. Напуштајќи ја ЈЦПОА, администрацијата на Трамп се постави против самиот принцип на дијалог, соработка и градење коалиција. Таа го отфрли мирот како кауза. Острите санкции и она што во основа е блокада на Иран претставува колективна казна на нација која не направила апсолутно ништо погрешно. Сегашната американска администрација ги поттикнува тензиите во Персискиот залив, со што избивањето курцшлус, па дури и отворена војна меѓу нашите две држави станува се поверојатно.

Меѓутоа повторното воведување на брутални санкции и обновената воена закана нема да ја присили иранската влада или мојот народ да се повлече. Санкциите, како и тероризмот, не ги бираат своите жртви и се погубни во своите последици.

Денес, Средниот Исток повторно се соочува со криза што други му ја создале; криза која е непотребна и може да се избегне. Не мора да биде вака, и зголемените тензии се уште можат да бидат смирени. Мора да преовладаат оладени глави ако регионот не сака да се најде себе си повторно во уште еден насилен вртлог. Овој циклус на заповедничка унилатералност и замена на политичките решенија со воени, мора да престане, а администрацијата на САД мора да ги почитува своите меѓународни обврски избирајќи го дијалогот пред условувачката дипломатија и заканите од војна.

Како човек кој си дал задача во животот да го брани дијалогот меѓу културите и цивилизациите, демократијата, толеранцијата и човековите права, јас изразувам длабока загриженост за иднината на иранската нација и другите нации во нашиот регион. Токму во овој дух ги повикувам луѓето со свест во САД и низ светот да го промовираат мирот и „дијалогот меѓу цивилизациите“ наместо да ја промовираат идејата за „судир на цивилизациите“. Мораме да оформиме  #CoalitionForPeace која ќе каже #NoWarWithIran за да спречиме катастрофа. Имајќи го предвид акутното ниво на тензии во регионот на Персискиот залив, ситуацијата е и фрагилна и експлозивна.

И покрај притисокот кој доаѓа од некои од неговите советници, претседателот Трамп се уште има можност да ги уназади непотребните ескалации од неговата администрација. Тој треба да биде свесен дека Иранците се непоколебливи. Повеќе од еден век од нашата уставна револуција во 1905, Иранците се борат за зачувување на своето достоинство и независност. Преговарачкиот процес за ЈЦПОА беше доказ за добрите намери на Иран и посветеноста на достоинствен меѓународен мир. Прашањето е дали сегашната американска администрација ќе биде волна да одговори со добро, наместо да продолжи со навредите и заканите и да користи колонијален јазик кој повеќе им одговара на империјалистичките администратори од 19-от век, отколку на светска сила од 21-от век.

Лесно е да се уништи, но далеку потешко е да се изгради нешто. Препреките за траен мир се вистински. Меѓутоа тие не се несовладливи. Мораме да бидеме проактивни во нашите напори за мир и дијалог, за наше добро и за доброто на следните генерации. Дијалог, емпатија и подготвеност да се слушаме еден со друг се единствен пат кон хоризонтот на светлата иднина.

Мухмед Катами,
Претседател на Иран (1997-2005)

23 јули 2019 - 09:53