Реакцијата на Макрон за Жолтите елеци прави Путин да изгледа како бајче

Макрон прво ги поткупи Жолтите елеци, што малку го стиши гневот на демонстрантите, но не го згасна целосно насилството, па сега францускиот претседател се одлучи на решенија кои се „построги од правилата што режимот на Путин ги користи за потиснување на политичката опозиција“.

Преминувањето од помирувачки тон кон закон и ред започна со новогодишниот говор на Макрон, во кој тој ги осуди екстремистите кои немаат право да зборуваат во име на францускиот народ. „Тие се само гласноговорници на толпа исполнета со омраза,“ порача Макрон. Потоа, во понеделникот, премиерот на Франција објави дека владата ќе бара носење на нов закон за спречување на насилните протести за оние кои „сакаа да ги искористат овие настани за да уништуваат, кршат и палат,“ да го немаат последниот збор. Законот, најверојатно ќе биде разгледуван од парламентот на почетокот од февруари, а според премиерот тој ќе биде сличен на мерката која францускиот Сенат, раководен од централно-десната опозиција, ја одобри во октомври.

Главните точки на мерката, за која Едуар Филип даде поддршка, ќе и дозволат на полицијата да ја пребарува личната сопственост на луѓето кои одат на демонстрации; да им забрани на луѓето кои полицијата ги има заведено како насилни да присуствуваат на протести, на ист начин како што на фудбалските хулигани не им е дозволено да влегуваат на стадион; и да се засилат казните за оние што го покриваат лицето додека демонстрираат од обичен прекршок до, потенцијално, една година затвор.

Франција е родното место на право на собирање; тоа прв пат се појавува по Француската револуција. Како и голем број друг демократии Франција одамна наметнува некакви ограничувања на правото на собирање: на пример, организаторите на протестот мораат однапред да ги известат властите и можат да бидат одбиени; што редовно се случува. Протестите за кои не е побарано одобрение, традиционално се толерирани ако се мирољубиви. Дури и полицијата има демонстрирано без претходна најава.

Така и треба да биде во демократска држава, а дури и недемократските како Русија, често пати ќе дозволат спонтани, неодобрени, но ненасилни собири и маршеви. Русија сепак значително ги има стегнато законите околу правото на собирање по враќањето на Путин на власт во 2012. Таа им забрани на луѓето со претходни прекршоци против јавниот ред да организираат протести, правило кое константно се користи против Алексеј Навални, најомразениот политички противник на Путин. Навални е приведуван десетици пати на пат кон протести и минува месеци во притвор. Повикување луѓе да учествуваат во неодобрен собир исто така се казнува со притвор.

Но дури ни во Русија полицијата не може некого едноставно да го стави на листа на луѓе на кои им е забрането учество во јавен протест. А покривањето на лицето дури и за време на протест кој станал насилен и резултирал со штета на имот, се казнува со 300.000 рубљи (3.900 евра) и 20 дневен притвор. Францускиот предлог: 15.000 евра и една година затвор, е построг.

Режимот на Путин се обидува да избегне обвинувања за самоволие, кои се неизбежни кога полицијата е таа што одлучува на кого му е дозволено да демонстрира а на кого не му е. И иако сакаат да ги спречат  демонстрантите да избегнат идентификација, тие нема да уапсат луѓе за тоа што носеле марама за да го намалат ефектот од солзавецот - нешто што може да почне да се случува во Франција ако новите правила станат реалност.

Демократиите премногу често почнаа да претеруваат во ограничување на слободите. Во 2015, Шпанија донесе крајно непопуларен закон за јавна безбедност со кој забрани демонстрации во близина на клучни владини згради, воведе големи казни за фотографирање полицајци за време на протест, како и други ограничувања кој го натераа тогашниот лидер на опозицијата да вети дека законот ќе трае се додека тој не дојде на власт. Тој дојде на власт, но сепак законот остана, во добар дел заради протестите кои започнаа во Каталонија.

Франција, нема вистинска причина за да го следи шпанскиот пример. Не е очигледно дека на француската полиција - или на полицијата во која било демократска држава - и требаат дополнителни овластувања за да го спречат насилството кое од време на време ги придружува протестите. Во изминатите 8 недели, како што движењето на Жолтите елеци се развиваше, француската полиција уапси 5.600 луѓе. Она што им е потребно е доволен број полицајци и опрема за да го спречат насилството, палењето и грабежите, а не овластување да го пребаруваат и да му забранат учество на секој што тргнал на протест.

Во демократија, насилството треба да биде ограничено и криминализирано, но протестите мора да се толерирани. Режимот на Путин постепено ја прегази оваа разлика. Макрон мора да биде внимателен да не го направи истото.             

Леонид Бершидски
Блумберг

10 јануари 2019 - 14:49