Популистот Макрон

Емануел Макрон не е среќен човек. Популарноста на францускиот претседател е толку ниско падната што неговиот американски колега, Доналд Трамп, во споредба со него изгледа како рок ѕвезда.

Една од манифестациите на разидувањето меѓу Макрон и народните маси е движењето на Жолтите елеци, кое секој викенд организира протести, првично против неговиот данок на гориво, за потоа да се претворат во протести против сè што тој претставува. Тој на гласачите најмногу им личи на арогантен технократ кој сочувствува само со проблемите на богатите. Без разлика што пред две години тој ја спаси Франција од нео-фашистичката прегратка на лидерката на Националниот фронт, а Европа од растечкиот револт обележан од британскиот референдум за брегзит.

Кога е избран во 2017 тој се смета за демократски политичар кој ќе може да ја спречи плимата на популизмот што го преплави европскиот континент, како и новиот свет.

Ова е чудно затоа што и тој самиот е популист.

Популизмот е тип на политика во која лидерот тврди дека зборува директно „за луѓето“, одбегнувајќи ја улогата на демократски посредници. Во најголемиот дел од земјите каде се појавува популизмот постојните партии се сметаат за корумпирани, претставници на интересите на богаташите или едноставно дека немаат допир со реалноста. Макрон успеа затоа што таквите ставови се чести во Франција, како што се и во голем број држави во кои има популистички револт.

Дел од условите во Франција се карактеристични за нејзе. Самиот Макрон забележува дека гласачите претпочитаат силни претседател, како избрани кралеви, за потоа да тргнат во правец на убијци на кралеви. Сите скорешни француски претседатели го искусија овој феномен доживувајќи понорни падови на популарноста кратко по добивањето на мандатот. Има многу причини за ова но најочигледната е 30 години матни економски резултати и тврдоглава стапка на невработеност која ретко паѓа под 9%.

Како и неговиот претходник, Франсоа Оланд, на кого му беше советник, Макрон се залага за олеснување на отпуштањето од работно место за компаниите да не се плашат да вработуваат нови луѓе кога ќе се појави зголемена побарувачка од потрошувачите. Тој ова го имаше во својата кампања. Меѓутоа првите чекори на новиот претседател беше да го укине данокот на богатство и да воведе други мерки кои се сметаа за пријателски за најбогатиот 1% од Французите. Макрон се надеваше дека ова ќе го спречи одливот на бизнисмени и ќе создаде атмосфера која навистина поттикнува инвестиции.

Вакви политики се далеку од популизам, иако и голем број други лидери кои се наречени популисти - како Трамп или Орбан - понудија скриени бенефиции за богатите елити, тие јасно покажаа дека го споделуваат расизмот и нетрпеливоста изразени од нивните симпатизери. По овие критериуми Макрон јасно е во либералниот камп.

Во смисла на политичка структура, тој сепак ги копира решенијата на нелибералните режими. Во раните денови на Советскиот сојуз, Ленин, го олесни здружувањето на неговата конфедерација, апсорбирајќи ги периферните нации со слоган „национални по форма, социјалистички по содржина“  - и секоја од нив ја претвори во нивна сопствена „советска социјалистичка република“. Така, политиките на Макрон се популистички на изглед, елистички по содржина.

Гледиштето на Макрон како популист може да се припише на недостатокот на институционални посредници. Колапсот на партискиот систем е она што го дозволи подемот на „Јупитер“, грандиозното име што Макрон си го даде самиот на себе. Ова поткопување на институциите прво беше извршено кај десницата, како што поранешниот претседател Саркози ја трансформираше старата партија на Де Гол во своја лична придружба.

Кај левицата, комплетната некадарност на Оланд како политичар беше она што ги поткопа Социјалистите. Оланд раководеше со крајно расцепкана партија и немаше ни најмалку харизма за да ги одржи заедно тие фракции кога дојде време за имплементирање економски реформи. Тој успеа да го постигне неверојатното достигнување на лична популарност од 4% кога француските гласачи последен пат беа анкетирани на таа тема.

Црешата на изборната торта на Макрон дојде токму пред претседателските избори во 2017 кога неговиот најверојатен ривал, Франсоа Филон, претходно човек на Саркози, се покажа дека е крајно корумпиран, прифаќајќи поткуп во форма на екстравагантна облека и наоѓање јавни платени позиции за челнови на неговото семејство, најчесто без мерење на нивниот учинок. Ова го остави Макрон како единствен можен бајрактар на естаблишментот во борбата против Ле Пен.

Па аутсајдерскиот кандидат тргна во поход кон победата врз основа на немање сериозен противник. Иако компетентен, дури и брилијантен, технократ, Макрон немал потреба од вештините кои најголемиот дел од демократските политичари ги учат: градење коалиција, инклузивност, убедливост. Бидејќи никогаш не добил некоја позиција на избори, тој не ни знаеше дека овие вештини му се потребни.

Последователно на ова, тој беше арогантен и самоволен. Производ на француските елитни училишта и на кариера во која неговите постапки е малку веројатно дека ќе бидат коригирани од неуспех, тој беше уверен во личната брилијантност и инсистираше и останатите така да се однесуваат.

Но, тие се однесуваа така. Како што тоа често се случува во Франција, тие излегоа на улица, овој пат носејќи жолти елеци како симбол на своето незадоволство. И повторно Макрон има среќа. Не само што има уште многу време до претседателските и парламентарните избори - изборите за европскиот парламент ќе се одржат во мај но тие се сметаат за релативно неважни во Франција - туку едноставно и не постои политичка структура која може да му застане на патот. Жолтите елеци избегнаа каква било организациска стратегија, што може и им помага во нивната истрајност. Францускиот партиски систем е распарчен, па дури и партијата на Макрон не е толку партија колку што е фан клуб, а најголемиот дел од членовите немаат никакво сериозно политичко искуство.

Најтажниот дел од сето ова е што не само што Франција продолжува да се препка, туку дека Европа и останатите напредни држави имаат малку политичари на кои можат да се потпрат во одбрана на демократската цивилизација. Раководството во Британија, Ториевци или Лабуристи, се некомпетентни. Германија на Меркел го достигна својот климакс. Италијанската не-фашистичка опозиција е балканизирана (како што, секако, е и Балканот) а ниту една држава на исток од реката Елба не нуди никаква сигурност. Брисел многумина го сметаат дека нема осет за реалноста. Листата продолжува и перспективата е депресивна.

Доста чудно, но надеж може да дојде од другата страна на Атлантикот. Режимот на Трамп е на последни сили а демократите кои за прв пат беа избрани за конгресот секако ќе го забрзаат неговиот крај. Ако цивилизацијата може да го преживее сегашниот претседател на САД, популистичката плима може ќе замине токму пред Макрон да треба да се соочи со своите гласачи.

Харви Фајгенбоум,
професор по политички науки и меѓународни односи на Универзитетот Џорџ Вашингтон во Вашингтон

7 февруари 2019 - 15:10