Осаменоста на Реџеп Таип Ердоган

На 15-ти се обележа првата годишнина од неуспешниот пуч против турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, настан кој од тогаш дополнително го отуѓи од неговите противници, пишува Сонар Конгапти во текстот за Атлантик.

Ова отуѓување е засилено од авторитарната комора во која се наоѓа Ердоган, резултат на неговото воспитување како побожен, а сепак граѓанин од втора класа во некогаш секуларната Турција, како и од консолидацијата на моќ од 2002, кога неговата партија АКП ја освои власта во Анкара.

Како што објаснувам во мојата книга, Новиот Султан, Ердоган е роден во 1954 во сиромашно семејство во Касимпаша, незгодна населба во Истанбул. Тој расте во длабоко религиозно семејство во време кога Турција има строго секуларен систем, кој забранува секаква форма на религиозност во приватниот живот, и во кој луѓе како Ердоган и неговото семејство се чувствуваат целосно маргинализирани.

Дури и Имам Хатип, религиозното училиште финансирано од јавни пари во кое учи Ердоган, има второкласен третман во секуларна Турција. Во интервју од 2013, Ердоган признава дека се чувства "туѓ" заедно со неговите соученици од Имам Хатип, опишувајќи како постојано му било повторувано дека неговото образование ќе го дисквалификува од каква било друга професија освен миење на телата на мртвите - задача која во исламот традиционално му припаѓа на свештенството.

Кога Ердоган влегува во политиката по неговото дипломирање, неговата маргинализација не завршува. Секуларните судови во земјата, во одлука поддржана од секуларната војска, бизниси и медиумите, ги затворија трите исламистички партии на кои тој се приклучува од средината на 1970-те до доцните  1990-те. Судовите исто така во 1998 го испраќаат Ердоган во затвор заради рецитирање на наводно проблематична поема, за која велеа дека го поткопува секуларниот систем на Турција.

Во 2001, Ердоган ја оформува АКП како реформирана исламистичка партија. Тој ја искористува имплозијата на секуларните партии во земјата, што беше последица на турската економска криза што се случи истата година, за да победи на парламентарните избори во 2002. Дури и тогаш не завршуваат  проблемите на Ердоган со секуларниот систем: на него не му е дозволено да стане премиер заради затворската казна. Во 2003, оваа забрана конечно е укината, и Ердоган ја зазема позицијата претседател на турската влада. Последователно, тој испорачува економски раст, создавајќи си себе си силна база меѓу конзервативните Турци.

Во 2014 тој стана претседател на Турција. Минатиот април, тој го доби референдумот за да добие извршна власт како претседател, заземајќи ја позицијата на претседател, премиер и лидер на владејачката АКП партија. Со ова тој стана најмоќниот турски лидер откако неговата земја воведе повеќепартиски систем на изборите во 1950.

Сепак, Ердоган и понатаму го влечеше своето минато: длабока омраза кон секуларните Турци, како потсетување за нивниот третман кон него речиси цели пет децении како сиромашно, побожно момче од лоша истанбулска населба, а подоцна и како исламистички политичар.

Ердоган ретко кога го спушти гардот против неговите секуларни противници, дури и кога нивните моќи избледеа во однос на неговите. Ова е резултат на неговиот постојан страв дека еден ден овие противници ќе го вратат него онаму од каде што дошол. Неговата најсилна страна како политичар и најголема слабост како граѓанин е тоа што, и покрај имањето контрола врз целата земја, тој се чувствува како аутсајдер.

Во сето ова никако не помага ни тоа што, со цел да ја освои поддршката од десничарската база, Ердоган ги демонизираше и нападна демографските групи кои беше малку веројатно да гласаат за него, вклучувајќи ги не само неговите поранешни противници, секуларистите, туку и Алевитите (кои се либерални муслимани), либералите, социјал-демократите, левичарите и курдските националисти. Оваа стратегија помогна да се создаде широка гласачка маса која енергично му се спротивставува.

15 јули 2016, само ја изостри дилемата на Ердоган. Иако првичните пост-пучистички чистики и апсења го таргетираа конзервативното ѓуленистичко движење, Ердоган од тогаш ја рашири мрежата, апсејќи го секого што му се спротивставуваше. Од обидот за пуч тој затвори над 50.000 луѓе, започнувајќи прогон на уште 140.000 други. Неговите противници сега го мразат него.

Проблемот со Ердоган е што овие противници сега сочинуваат речиси половина од турската популација. Тој победи на референдумот во април со минимално мнозинство, додека 49% од популацијата гласаше против него.

Ердоган се плаши дека ако тој дозволи демократијата повторно да цути во Турција, неговите противници ќе успеат со гласање да го симнат од сегашната позиција а потоа ќе направат тој да плати за неговите гревови против нив. Можеби тие нема да го направат второто, ама Ердоган е толку длабоко оформен од неговото минато што тој не би ризикувал. Затоа турската демократија е во големи проблеми: таа е заглавена во авторитарната комора на Ердоган.

17 јули 2017 - 11:36