Ни беше подобро кога ни беше полошо

„На Србинот отсекогаш му требал водач“, кажа некој и го погоди менталниот склоп на избирачот на брдовитиот Балкан. Меѓутоа нам отсекогаш некако помил ни бил претходниот од овој сегашниот. А и кога овој сегашниот во скора иднина ќе биде претходен, и тој нам ќе ни биде помил. Можеби затоа што сме мислеле дека нам ни е помило под нив или затоа што сме биле помлади. Кој да го знае.

Едно е сигурно, кога ќе се земат предвид сите претходни режими и водачи, меѓу нашиот народ (читај избирачко тело) најдраг од сите бил „најголемиот син на Југославија“ или попопуларен како Маршал Тито. Како што зборуваат веселите пензионери, кај него сите работеле и биле вработени, сите патувале во Трст по левис фармерки затоа што никаде не можеле да се купат во сопствената земја. На цел Запад сме му биле Исток, а на источњаците сме им биле Америка. Црвениот пасош бил пократкиот пат за сите, а за мебел сме земале кредити и со отплата до 40 години.

Било како било, факт е дека за време на Броз имало најмала невработеност до сега, но и дека таа Југославија доживеала „економски препород“ дури во седумдесеттите, значи триесет години по војната. Меѓутоа малку кој од нив сака да се сети на „пар-непар“ со автомобилите, немањето кафе во овој бајковит социјалистички систем, за Удба и ограничувањето на слободата на говор не ни треба да се спомнува.

„Важно е дека Тито сите нас така убаво нè лажеше и дека сите го сакавме“, еднаш ми кажа една постара госпоѓа под политичка амнезија.

Бидејќи политичките промени на овие простори никогаш не биле силна страна, така и по Тито би - Тито. Само во малку поперфидно издание, како човек од народот или подобро кажано од „племето“, на што Србија и личеше во тие воени години.

Режимот на Слободан Милошевиќ и неговата солдатеска не треба посебно да се коментира бидејќи духот на преживување сè уште ни е под кожа додека снемувањето на најелементарните добра и енормната хиперинфлација ќе бидат запишани во аналите на светската историја. Како некој вид експертска анализа да не речам стручна, бидејќи предмет на истата се сите оние што тажат по тоа исто време. Понекогаш од пензионерските усти се слуша дека нам за време на Слобо ни било подобро „затоа што тогаш имало поголема социјална правда отколку денес“. Тогаш ми текнува на приказните од мојот роден Крушевац кога таму некаде во „веселата“ 93-та година се трчало по поштарот, кој бил на точак за што побрзо да ги подели пензиите, бидејќи во најлош случај за некој саат-два тие би вределе неколку јајца и една векна леб.

Но, рака на срце, по деведесеттите всушност патат оние што тогаш го стекнаа својот капитал, популарно жаргонски кажано во духот на тоа време по пат на „бизнис со шверц“. Голем број денешни шверцери ала „Родни и Дел Бој“ од нашето соседство, се правдаат со тоа дека во тој период можело да се шверцува сè и сешто, од бензин, цигари, оружје и муниција до алкохол и останати производи.

Меѓутоа сега, како што они велат, не може ништо да се шверцува и „тоа е предноста на режимот на Слобо во однос на овие постоктомвриските“. Заборавајќи секако да размислат, дали е нормално вас државата да ве остави на цедило и да ве натера како просјак да продавате бензин на асфалт? Не би рекол дека е прилично завиден комфор. А тоа не би го потврдиле ни универзитетските професори од тоа време на кои во еден момент дури и платата им беше исплаќана во брашно и килограми месо.

Неколку години подоцна, револуцијата наречена „петти октомври“ донесе само смена на режимот, додека олигархискиот систем остана ист во својата суштина. Прототипот на „партиската држава на Слобо“ го презеде тогашниот ДОС и потполно го усоврши. Од власт беше тргнат еден човек, додека пирамидалната структура остана да тихува. Коштуница е прогласен за „светител на демократијата“ иако тој длабоко во себе беше скаран со таа демократија и Европа во која „сакаше“ нас да нè внесе. Имено постоеа две струи што меѓусебно беа идеолошки скарани. Од една страна беше Зоран Ѓинѓиќ и неговата германска прагматичност, а од друга страна Воислав Коштуница и неговата хронична неинформираност. Додека овие двајца меѓусебно во тишина расправаа околу важните промени во нашата земја, годините полека минуваа и ништо не се промени. Така како главен атрибут на Србија на Коштуница имавме цело мноштво криминални организации, почнувајќи од голубарската мафија преку онаа што нелегално работеше со цемент и којзнае кои други. По атентатот на Зоран Ѓинѓиќ и доаѓањето на власт на Борис Тадиќ, беа спроведени стотици валкани приватизации на државни претпријатија, кои како последица имаа бркање на улица на стотици илјади работници. Паралелно им беа отворени нови работни места во кои им се пружи шанса со остатоците од нешто што се нарекуваше отпремнина да заработат некој динар, во: кладилниците, казината, слот клубовите и останатите сомнителни објекти. Народот се почувствува како прелажана мечка и почна (со право) да развива отворен евроскептицизам, или поточно кажано скептицизам кон оние што се залагаа за европската идеја, а истовремено со носталгија да гледа на периодот пред петти октомври.

Така дојдовме до заклучокот дека за време на Слобо повеќе луѓе работеа во стопанството отколку денес. Па можевме да се кладиме кога нам ни било подобро. Дали кога сме биле вработени со просечна плата од дваесет марки или кога сме биле истерани од истите овие фабрики со мизерна отпремнина? Најобјективен став би бил да не се сеќаваме со носталгија ниту кон едниот ниту кон другиот период, ама одамна е познато дека ние србите во политика сме сè само не објективни.

Кога во играта на троновите, Вучиќ и неговата напредна империја дојдоа на власт, Србија монотоно загази во уште една декада на политички нихилизам. Поранешните радикали започнаа политика на „спинување“ со Европа иако внатрешната политика стана бледа манифестација на сето она што претходните режими го правеле.

Меѓутоа од сенката преку ноќ се појавија оние душегрижници што носталгично тажеа за „Илјадарката на Тадиќ“. Тадиќ, кој не го поднесуваа, преку ноќ им стана омилен политичар. Да потсетиме, ова е оној за кој во еден од претходните пасуси пишува, дека во текот на неговото владеење се извршени валкани приватизации, да нема забуна.

Да ѝ се вратиме на приказната, дежурните интелектуалци тврдеа дека дури ни нашиот поранешен претседател не би го потпишал Бриселскиот договор што го направија Напредните. Дека тој (Тадиќ) го имал Јеремиќ да кокетира со патриотизмот, а дека Вучиќ не се ни осмелил да му плати на некого во владата за такво нешто.

Се јави и самиот Тадиќ, кој се правдаше дека во време на својот претседателски мандат никогаш не би ни помислил да вдоми двајца патници од Гвантанамо. Демократска партија одеднаш е прогласена за бастион на слободата и дека таа не е виновна за тоа што нам ни е така катастрофална економијата, туку дека за тоа биле виновни поединци во нејзините редови. Се јавија и „независните“ новинари со дијагноза дека за време на Тадиќ била таква една слобода на медиуми, а не ваков ригиден медиумски мрак каков што сега имаме.

Факт е дека Вучиќ како поранешен министер за информирање, во текот на претходниот мандат го покажа сето свое знаење и умешност на вешто медиумско (радикалско) манипулирање, но факт е и тоа дека сите тие медиуми што денес јадосуваат од поранешниот режим на Демократската партија примаа дебели хонорари и бакшиши.

Така што, кога ќе се повлече линија меѓу „жолтите“ и овие сегашните, „напредните“, не постои апсолутно никаква разлика во водењето на внатрешната политика. И едните и другите вработувале и ќе вработуваат свои кадри, а партиската книшка ќе биде најкраткиот пат до идилата на јавното претпријатие.

Чекај, чекај, нешто ми е познато ова партиска книшка? Од кое време беше тоа? Од она кога во една држава со шест републики сите биле комунисти, кога им требаше удобна директорска фотелја?

Па што треба сега тоа да значи? Точно дека Вучиќ го глуми Тито и дека понекогаш дури и во јавните говори и пофално се споредува со него. Меѓутоа сигурно не научил од него што е тоа „партиска држава“, како што ни оние бајковити демократи тоа не го научија од Слободан Милошевиќ?

Кој ќе ја сфати оваа иронија, ќе ја сфати и контрадикторноста во политичкото сфаќање на нашето и онака описменето избирачко тело.

А по начинот на кој политички се описменуваме, на крај со носталгија ќе се сеќаваме и на Александар Вучиќ.

Милош Дојчиновиќ,
Недељник

 

27 октомври 2016 - 18:13