Либерали, не сте толку паметни колку што мислите

Знам многу либерали, и двајца од нив стварно ми се најдобри другари. Либералите прават добри филмови и телевизиски шоуа. Нивниот идеализам е инспирација за мене и за многу останати. Многу либерали се многу паметни. Ама тие не се така паметни, или убедливи, како што мислат, пишува во колумната за Њујорк тајмс професорот по политички науки на Универзитетот Вирџинија, Џерард Александер.

А контра-реакцијата против либералите - контра-реакција која либералите изгледа не се свесни дека ја предизвикуваат - ќе доведе до реизбор на претседателот Трамп.

Луѓето често пати гласаат против работи наместо за: против идеи, кандидати и партии. Демократите, како и републиканците, го следат ова секој пат кога својот противник ќе го претстават колку е можно понегативно. Меѓутоа припадниците на политичките племиња изгледа имаат проблем да препознаат дека тие, исто така, можат да ги оддалечат луѓето од себе и да ги натераат да гласаат за другата страна. Ова денес никаде не е повеќе видливо отколку во контролата што либералите ја имаат врз височините на американската култура.

Како пример земи ги последните неколку седмици. На вечерата со дописниците од Белата куќа, комичарката Мишел Вулф имаше некои реплики кои беа смешни и некои што не беа. Меѓутоа луѓето помалку реагираа на нејзиниот талент а повеќе на либералната политика што таа ја отелотворува. На секој гледач на кој му се допадна нејзиното пердашење на Трамп, имаше барем еден на кој му беше одбивна едностраноста на нејзината рутина. Потоа, кога Канје Вест јавно ја преиспита својата идеолошка посветеност, проминентни либерали го критикуваа што воопшто зборуваше за таа тема. Максин Вотерс, демократска конгресменка од Калифорнија, забележа дека „понекогаш Канје Вест зборува кога не му е редот“ и дека „можеби не треба да има толку многу за кажување.“

Либералите доминираат во забавната индустрија, многумина од највлијателните новински извори и американските универзитети. Ова значи дека луѓето со прогресивна склоност секаде се во окото на јавноста - исто така и на колеџ кампусите кои се посетени од децата и внуците на голем број луѓе. Овие платформи доаѓаат со многу моќ за изразување на вредности, пренесување кредибилитет и слава и започнување на национални разговори кои останатите не можат вистински да ги игнорираат.

Меѓутоа ова ги прави либералите да се чувствуваат помоќни отколку што навистина се. Или, поточно, овој вид моќ е со две острици. Либералите често пати не сфаќаат колку провокативни или вознемирувачки можат да бидат. Во практикувањето на нивната моќ, тие редовно не само што убедуваат и привлекуваат туку исто така нервираат и одбиваат.

Всушност, либералите се многу поефикасни во создавање презир, отколку да ги натераат луѓето да бидат од нивна страна. Не зборувам за евентуалноста дека шегите од вечерата со дописниците од 2011 можеби го натерале Трамп да се кандидира за претседател. Мислам на „армијата на комедијата“ која Мајкл Мур сметаше дека ќе го собори Трамп, а наместо тоа ќе биде она што него ќе го изгради во очите на милиони гласачи.

Размисли на некои од начините на кои либералите ја искористија својата културолошка истакнатост во изминатите години. Тие со право станаа почувствителни на расизам и сексизам во американското општество. Новински извештаи, академски коментари и филмови сега редовно наведуваат случаи на расизам во американската историја и ја осудуваат расистичката омраза. Овие вежби за издигање на свесноста и критичноста секако натераа одредени Американци да ги размислат своите ставови, и подлабоко да обрнат внимание на статусот и искуството на жените и припадниците на малцинските групи во земјава.

Меѓутоа тужителите можат да бојат со многу големи четки. Расист е отприлика најосудувачката етиката што денес во Америка на некого може да му биде залепена, што значи дека треба да биде користена решително и внимателно. Сепак некои луѓе презриво го издигнаа ова обвинение против огромен број Американци - конкретно, против над 60 милиони луѓе кои гласаа за Трамп.

Меѓу нив се луѓе кои искрено себе си не се сметаат за луѓе со предрасуди, кои можеби се отворени кон повторно разгледување на начините на кои работите се правеа со години, меѓутоа кои е веројатно да се повлечат ако се чувствуваат избербатени уште пред воопшто да се разговара.

Не помага ни тоа што нашите културолошки обичаи рапидно се менуваат, а ние ретко сме застанале да размислиме околу тоа. Некои либерали се многу пред своите сограѓани Американци но без разлика на тоа се брзи да ги критикуваат сите оние што не се стигнати до нивно ниво.

Во рок од неколку години, голем број либерали преминаа од започнување разговори за микроагресии до сугерирање дека е расистички дури и да се праша дали микроагресиите се толку важни. „Пореметување на родов идентитет“ до неодамна се сметаше за ментална болест, меѓутоа денес секој што е колеблив околу трансродова жена која користи женски тоалет е етикетиран како човек со предрасуди. Либералите осудуваат „културолошко присвојување“ без, во многу случаи, да поработат на убедување на луѓето дека има што било лошо, на пример, во тоа што тинејџерка која не е од кинеско потекло облекла фустан од кинески стил или да се јаде од бурито количка што ја работат две жени кои не се со латино потекло.

Протуркувајќи политички гледишта од говорницата на Оскарите, декларирање на конзервативните говорници на кампусите за неприфатливи, категоризирање на огромни делови од државата како заблудени - сето ова открива страшна интелектуална и морална самодоверба која труе на супериорност. Едно е да внимаваш на својот јазик, а сосема друго е да внимаваш на јазикот на другите луѓе. Првото е давање пример. Второто е наметнување волја врз други.

Тенденцијата да се осудува се засили за време на администрацијата на Претседателот Барак Обама, иако не мора да значи дека тоа е заради што било што направил Обама. Чувствувајќи се сè повеќе охрабрени, либералите беа поуверени од кога и да е дека конзервативците се интелектуално па дури и морално инфериорни во однос на нив. Дискурсот и теориите некогаш ограничени на академски кругови се префрлија во секојдневното либерално политичко размислување, а колеџ кампусите - од кои мноштво наликуваат на тоа како би изгледал светот управуван од либерали - почнаа да стануваат се понетолерантни кон размислувањата поинакви од нивното.

Токму за време на овие години Универзитетот Калифорнија ја додаде фразата „Америка е земја на можности“ на листата на микроагресии кои не се препорачуваат. Либералните политичари ги претставуваат конзервативните позиции околу реформите на имиграцијата како претпоставено расистички; Ненси Пелоси, лидерот на малцинството во Претставничкиот дом, еднаш тврдеше дека чула републиканци како им кажуваат на ирски посетители дека „ако бевте вие“ тогаш имиграциските реформи „ќе беа лесни.“

Кога Обама изјави, зад затворени врати, за време на претседателската кампања во 2008, дека гласачите од Рѓосаниот појас „стануваат поогорчени, се повеќе се држат до своето оружје или религија или антипатија кон луѓето кои не се како нив,“ тоа не беше толку важно затоа што тој го кажа, туку затоа што голем број слушачи сфатија дека тој само го кажува она што либералите стварно го мислат.

Ова се случките на кои конзервативците мислат понекогаш кога велат „Обама го предизвика Трамп“. Голем број либерали може ќе толкуваат дека таа фраза значи дека првиот црн претседател на Америка го извадил најлошото од некои луѓе. По ова гледиште, не само што либералите нема да можат да избегнат провоцирање на луѓето со предрасуди, туку не е ни јасно дали тие воопшто треба да се обидат. После се, да нè не требаа да го кандидираат и изберат Обама? Да не треба да жалат што ја направиле правилната работа затоа што таа ги извадила најодвратните инстинкти кај некои луѓе?

Ова е ограничено гледање на ситуацијата. Дури и ако либералите мислат дека нивните противници се назадни, тие не мора непотребно да ги одвраќаат луѓето, вклучувајќи и гласачи кои гласале еднаш или два пати за Обама, пред да го поддржат Трамп во 2016.

Борците за инклузивност можат да гледаат што другите велат и што објаснуваат дека прават без да се дрзнуваат да ги регулираат зборовите што доаѓаат од устите на други луѓе. Кампус активистите може да дозволат поканетите гости да одржат говор и потоа, по настанот, да одржат дискусија околу она со кое не се согласуваат. Откако Врховниот суд во 2015 одлучи дека сојузните држави мора да дозволат истополов брак, борбата, во некои делови, се сврте кон пицерии кои не сакаа да услужат такви свадби. Зошто воопшто да ја почнуваш таа борба?

Луѓето решени да се спротивстават на расизмот можат да покажат загриженост за групи кои шират омраза или проблеми како расниот јаз во училишните резултати, без притоа да валкаат голем број Американци, од кои многумина можеби инаку се демократи по своите ставови.

Либералите можат да се однесуваат како да не се сигурни - и веројатно можно е да не се - дека предрасудите ги мотивираат луѓето кои не се согласуваат со нив за прашања како имиграција. Без жртвување на своите принципи, либералите можат да остават впечаток и дека имаат почит кон останатите. Само-правичноста ретко кога е привлечна, а уште поретко е наградена.

Само-правичноста може да доведе до грешки. Посебно кај можноста Трамп да биде реизбран, голем број либерали се подготвени да отпишат половина од земјата како непоправлива. Треба да се призне дека претседателот го олеснува ова. Како кандидат, Трамп имаше понижувачки коментари за Мексиканците, а како претседател опиша некои африкански држави со вулгарни епитети. Меѓутоа не е оправдано скокањето во заклучоци дека секој што го поддржува него на кој било начин е расист, како што не би било оправдано да се каже дека секој што ја поддржал Хилари Клинтон е расист затоа што таа некогаш имала затскриена референца за „супер-предатори“.

Либералите се заробени во циклус кој сам се засилува. Кога тие ги користат своите позиции во американската култура да предаваат, судат и презираат, тие оттурнуваат уште повеќе луѓе во противничката коалиција за која либералите се повеќе се склони да ја сметаат за бедна. Ова само ги валидира нивните најлоши предрасуди околу другата Америка.

Овие предрасуди ќе бидат уште повеќе валидирани ако Трамп го освои реизборот во 2020, посебно ако ги освои народните гласови. Тоа не е невозможно: моменталниот рејтинг на претседателот е 42%, и е поголем отколку пред неколку месеци.

Либералите ненамерно го прават овој исход да биде поверојатен. Ама не е премногу доцна да се запре.

Џерард Александер,
Њујорк тајмс

15 мај 2018 - 17:21