Како стратег на Бил Клинтон, да ви кажам зошто Трамп е успешен

Кока Кола. Најк. Мекдоналдс. Тоа се едни од светските топ брендови и тие имаат три заеднички работи: автентичност, конзистентност и емотивна поврзаност. Тоа го има и топ брендот во денешната политика, Доналд Трамп. Како тоа?

Успешното брендирање ги поврзува корисниците со производите а гласачите со кандидатите, создавајќи подлабоко ниво на емотивна конекција која го надминува ладнокрвното рационално мислење и политичките преференци.

Доминантен политички бренд на нашето време е Доналд Трамп? Како можам да кажам такво нешто? Секој што барем малку е запознаен, знае дека тој е импулсивен, непредвидлив и речиси вон контрола. Но, токму тоа е поентата. Неговиот бренд е „Хаотичен гнев“.

Трамп го користи тој хаотичен гнев за да привлече и задржи до себе фанатично лојална база на поддржувачи а истовремено противниците константно да ги држи вон рамнотежа. Неговиот хаотичен гнев му дозволува да делува и да се однесува надвор од нормите и стандардите на прифатеното политичко однесување.

Да го демистифицираме неговиот успех.

Трамп е автентичен

Ова својство - или недостатокот од него - гласачите можат да го намирисаат на километри. Гробиштата на надежни претседателски кандидати се полни со лешеви на оние кои се обиделе да бидат нешто друго и маестрално пропаднале.

Ал Гор во 2000, Џон Кери во 2004, Хилари Клинтон во 2016; сите тројца кандидати не успеаја да се отворат и да се покажат во своето светло од страв дека така нема дa бидат доволно добри за оние најдрагоцените гласачи, неодлучните.

Од другата страна се победниците: Бил Клинтон, Џорџ Дуплове, Обама, Трамп. Осоебно Доналд Трамп никогаш не криел кој е и тоа го кажува секогаш и на сите можни начини: преку својот смартфон, на интернет, преку телевизија, кога и да му текне во текот на денот и ноќта. Така има создадено чувство на блискост со луѓето и подлабока конекција која ги грее фановите а ги вади од памет противниците.

Трамп е конзистентен

Секој маркетинг човек знае дека постојаноста, конзистентноста, е кралот во приказната. Морате да испорачате исто искуство секогаш кога сте во допир со потрошувачот. Доналд Трамп го прави токму тоа: практично секоја негова голема одлука, соопштение, твит или говор е полна со Хаотичен гнев. Тој така се однесуваше целиот живот, зошто некој веруваше дека како претседател ќе се однесува поинаку? 

Трамп има емотивна резонанца

Ова ги држи неговите фанови блиски до него како што досега немаме видено во политиката. Неговата бруталност, парадност и ароганција се како мелем за десетини милиони негови следбеници кои се чувствуваат запуштени, маргинализирани и загрозени од промените кои им се случуваат на работните места, во општеството, во нивните помали заедници. Тие сакаат да возвратат. Кога еднаш ќе го купиш хаотичниот гнев на Трамп, одеднаш ти станува прифатливо сè што доаѓа со него, па душата ти бара и уште.

„Тогаш, кој е виновен и што можеме да направиме околу него? Како што е тоа често  случај и со другите проблеми, треба да се погледнеме во огледало и да ја прифатиме сопствената одговорност“, смета Бернард Витман, поранешен стратег на Бил Клинтон и Мајк Блумберг и советник во дузина светски брендови, кој предлага дека ако Демократите сега не знаат кој кандидат да го прифатат како противник на Трамп, можеби треба за тоа да ја консултираат Кока Кола. 

10 септември 2019 - 17:10