Предраг Луциќ:

Есма и песната Реџепова

Не сум сигурен дали може жив човек да напише дека Есма Реџепова умрела. Така, не сум сигурен ни дека ова сега го пишува некој жив. И ви го велам ова без каква и да е патетика, без симболика и метафорика. Само сакам да ви раскажам што ми се случи еднаш во животот.

Кој доживеал да ја чуе и да ја види како пее, да воздивнува и плаче во „Хајри ма те дике даје“..., знае за што зборувам.

Да, ми се случи таа песна, која претходно - што од плочите на Есма, а што во изведба на Џони Штулиќ на „Балканска рапсодија“ - ја имав слушнато и самиот не знам колку пати. Ми се случи ова лето на Сустипан, на тие стари и нехумано пренаселени гробишта, каде Есма Реџепова тој 5 јуни 2016, прв и сега знам, последен пат, пееше во Сплит без својот животен другар Стево Теодосиевски.

Се сеќавам дека Есма, има многу години од тогаш, за некој весник изјави дека таа своја - самата така ја нарече - најемотивна песна на концертите знае да ја исплаче заедно со луѓето во публика. И тогаш таа песна ни се случи и нам на Сустипан. На концерт на којшто мнозина, па така и јас, прв пат во живо ја видоа и ја слушнаа Есма Реџепова. Прв и - сега за жал знаеме - последен пат.

Сите бевме уште живи кога тргна „Хајри ма те дике даје содиндјанман туда...“. Но веќе на она „Кога бут не рома даје будбутдике рена“, кога Есма со еден глас пееше а со друг лелекаше, ме навјаса чувство дека таа песна нема да ја преживеам. И дека од Сустипан никој кој е барем малку ранлив нема да си замине жив, никој кому гласовите на Есма му се провлекле под кожа и го претвориле во гола емоција.

Можеше со звуците на „Хајри мате“ да се распука земјата, можеше старите сплитски гробишта за час да се вратат на својата дамнешна функција, а никој од луѓето занесени и разнесени со песната на Есма и да не забележи. На таквата судбина никој да не се пожали, и за животот да не зажали. Животот и обичното умирање да им се остави на оние несреќници на кои им е судено да живеат до смрт, а не да умрат од живот слушајќи ја Есма.

А ние, кои не знаеме дали го преживеавме она „Кога бут не рома даје будбутдике рена...“, ако по некое чудо сме живи, да продолжиме да не веруваме во веста дека Есма Реџепова починала во своето родно Скопје, дека песната „Хајри мате“ некогаш престанала, дека сустипанскиот концерт навистина завршил. И дека веѓите ни се спуштени таман толку за да ја видиме Есма и низ песна да слушаме приказна на еден живот.

Приказна на девојче од скопската Топана со којашто ниту една соученичка не сака да дели клупа само затоа што е Ромка, и која седела сама сè додека едно момче не ја замолило учителката да го пушти до Есма, па така самиот живот го срушил строгото правило според кое учениците од различен пол не смееле да бидат во иста школска клупа.

Приказната на единаесетгодишното девојче кое, не кажувајќи им ништо на мајката и таткото, се пријавила на пејачки натпревар и победила пеејќи своја песна. Приказна за среќна и истовремено преплашена мала пејачка која таа своја победа ја криела од родителите, со страв да не ѝ се случи истото што и на нејзината постара сестра - за која и самата велела дека пее многу подобро од неа - а од која нејзините, кога пошла по својата музика, се одрекле преку весник.

Приказната за малата Ромка која прва се осудила да запее на својот јазик, во време кога „било срамота некој да пее така“, со оглед на тоа што уште важеле „традиции и предрасуди“. Приказна за девојче во чија песна се заљубил младиот музичар и педагог Стево Теодосиевски, барајќи од нејзините родители да не ги почитуваат обичаите и Есма да не ја мажат пред да наполни 18 години.

Приказна за младата пејачка која, додека учела, чистела скали и разнесувала млеко, за бројното семејство и соседите да може да ги почасти со одење во кино. И која за себе велела дека е „како некаква кино-претстава“, затоа што во саботите и неделите пеела на матинеа, и попладне и навечер.

Приказна за жена која посвоила 47 деца и која се сметала за богата затоа што има неколку оркестри од внучиња и правнучиња. И која парите, што таа и Стево ги заработувале пеејќи ширум светот, ги делела со луѓето кои живееле во немаштија. Затоа што за неа животот без давање немал никаква смисла.

Приказна на дарителка на добрина која неколку пати била кандидирана за Нобеловата награда за мир. Но како да ја добие таа награда кога се гордеела што припаѓа на народ кој никогаш не војувал со некого и никогаш никого не окупирал? И кога таа награда не ѝ се доделува на жена која вели: „Да сум јас некој важен фактор, би ги сопрела сите часовници на светот и би направила никаде да нема војна“. Жена која го прошетала целиот свет, а никогаш не ѝ станало јасно за што служат сите тие граници и покажување пасоши. И која тврдела дека нема таква земја која е нечија, па штом нешто е ничие луѓето и не треба да се расправаат и да војуваат. Затоа што - „голи доаѓаме на овој свет и голи заминуваме од него, и ништо нема да однесеме со себе“.

Одмини нè, животе, со тие вести што кршат во недела наутро. Пушти нè нас, кои не знаеме дали сме го преживеале она „Кога бут не рома даје будбутдике рена...“, ако по некое чудо сме уште живи, да ја слушаме таа жена додека ни зборува: „Битно е само човек да направи нешто на оваа планета, некоја добрина“.

И да ја слушаме песната на жената која имаше магија во својот глас. Но и магија во својот здив. Во оние паузи помеѓу два тона, два збора, две воздишки, кога оној кој слуша не знае дали во тој миг умрел или по некое чудо преживеал. Како што јас тоа не го знам ни ден-денес, кога насекаде пишува дека Есма Реџепова умрела.

Предраг Луциќ

13 декември 2016 - 08:29