Deep state

Длабоката држава, и дали се оправдани сите протекувања против Трамп?

Америка нема пучеви или тенкови на улица. Меѓутоа постои еден вид длабока држава, и таа опфаќа бирократи од националната безбедност кои ги користат тајно собраните информации за оформување и спречување на активностите на избраните функционери, пишува професорот по право од Харвард, Џек Голдсмит, во текстот за Гардијан.

(Во 2014, Мајк Лофгрен „длабоката држава“ ја дефинира како „хибридно здружување на елементи на власта и делови од највисоките нивоа на менаџмент на индустријата и финансискиот сектор, кој успева реално да владее со САД без барање согласност од владеените преку каков било формален политички процес.“ За Сноуден „длабоката држава не се само разузнавачките агенции, туку тоа е ословување за сите оние бирократи од кариера, кои остануваат на своите позиции дури и кога се менуваат претседателите... тие влијаат на политиките, тие влијаат на претседателите.“)

Некои ги сметаат овие американски бирократи за витален механизам во спречувањето на прекршување закони или авторитарни или на некој друг начин нелегитимни тенденции на демократски избраните функционери.

Други ги прозиваат како себе-служечка авторитарна секта која нелегално и нелегитимно ги поткопува демократски избраните функционери и политиките што тие се избрани да ги имплементираат.

Вистината е дека длабоката држава, која е вистински феномен, веќе долго време е закана за демократската политика и нејзин спасител. Проблемот е дека е тешко да се одржи нејзината улога на спасител без притоа да се прифати нејзината улога на закана. Двете одат рака во рака, и тешко е да се раздвојат.

Длабоката држава е обвинета за голем број работи откако Доналд Трамп стана претседател, дури и од претседателот. Луѓето што го бранат Трамп терминот го користат општо не само за бирократите од разузнавањето туку и за поширок спектар на поврзани играчи во остатокот од бирократијата, приватната индустрија и медиумите.

Меѓутоа дури и тесно да се фокусираме на разузнавачката бирократија која собира и користи информации собрани тајно на американско тло, вклучувајќи ги ФБИ, НСА и Националниот совет за безбедност, пак има обемни докази дека длабоката држава тајно собраните информации ги употребила во своја корист и илегално за да го саботира претседателот и неговите високи функционери - без разлика дали како дел од загрижено движење или преку поединци кои делуваат повеќе или помалку независно.

Важното прашање е дали оваа саботажа е од доблестност или злоупотреба, дали можеме тоа да го препознаеме, и кои ќе бидат последиците од овие постапки.

Откако Трамп беше избран, почнаа да протекуваат невообичаено чувствителни разузнавачки информации од сегашни или поранешни разузнавачки функционери од длабоката држава создадени за да го дискредитираат него или неговите високи функционери.

Првата голема, од февруари 2017, се однесуваше на судски одобреното прислушување од страна на НСА на разговорот меѓу рускиот амбасадор во САД, Сергеј Кисљак, и идниот советник за национална безбедност, Мајкл Флин, во кој меѓу другото се разговара за можното укинување на санкциите против Русија воведени од претседателот Обама. Флин негираше дека тие разговарале за санкциите, па протекувањето на снимката која открива дека тој лаже доведе до негова оставка.

Друго големо протекување се однесуваше на пресретната комуникација за време на кампањата во која руски владини функционери зборуваат за потенцијално „срамни“ информации за Трамп и неговите главни соработници од кампањата. Слично беше протекувањето кое вклучи извадоци во кои руски функционери тврдат дека можат да влијаат на Трамп преку Флин, и дека Кисљак наводно ја информира Москва дека разговарал за прашањата околу кампањата со сенаторот Џеф Сешнс, и Кисљак како во комуникација со Москва дискутира дека зетот на Трамп, Џаред Кушнер, сакал да комуницира преку безбеден канал.

Овие протекувања веројатно се прв случај на протекување содржини од странско разузнавање насочени кон странски агенти во контакт со американски граѓанин. Тие очигледно се насочени на штета на американскиот граѓанин - кој во исто време се погодил да е висок владин функционер на САД.

Тие се незаконски, и над се, тие прекршија две до сега стриктни табуа околу протекување информации - првото, за откривање содржини од разузнавање во странство собрани преку електронско разузнавање, и второ, за откривање содржини инцидентно собрани околу американски граѓани.

Голем број луѓе, вклучувајќи и многумина кои не се во кампот на Трамп, овие протекувања ги толкуваа и како протекување на трето табу кои обележува враќање на ФБИ во времето на Хувер и користење на тајно собрани информации за саботажа на избрани функционери со спротивни политички интереси.

Споредбата е прифатлива ако се имаат предвид опширните напори кои следуваа веднаш по изборите за да се охрабри бирократијата, вклучувајќи ја и разузнавачката бирократија, да и пружи отпор на администрацијата на Трамп, и доказите дека во одредени агенции има ваков отпор.

Меѓутоа додека Хувер во тишина правеше бројни ужасни работи, ниту за време на неговото владеење ниту во кое било друго време американската историја има забележано такво изобилие на протечени чувствителни информации од длабоката држава кои се така отворено политички насочени со цел соборување на највисокото раководство на земјата.

Секако постои можноста дека анти-Трамп протекувањата, налик политички и без преседан, се оправдано „свиркање“, сродно со протекувањата за нелегални програми за прислушување или за нелегални пракси за испрашување во црните келии на ЦИА. Или објаснето на друг начин, можно е користа од протечените информации, ама многу тесна, да е поголема од штетата направена од прекршување на првите две табуа.

Тогашниот главен правозастапник на САД, Сели Јејтс, веруваше дека Флин, новиот советник за национална безбедност, е компромитиран од Русите и ранлив на уцена, па ја предупреди Белата куќа, која изгледаше дека ништо нема да преземе како одговор на информацијата.

Пошироко, голем број на многу чудни околности покажува на постоење на невообичаена и потенцијално корумпирана врска меѓу кампањата на Трамп и администрацијата и руските власти, за што ФБИ започна контра-разузнавачка истрага уште летото 2016.

Нашите разузнавачки агенции ни кажуваат дека сето ова е во контекст создаден од хакирањето без преседан на Демократската партија од страна Русија, за да му се помогне на Трамп да победи на избори. А кога дојде на позиција, самиот Трамп започна со сурови и во многу случаи неточни напади на разузнавачката заедница и истражителите од Департманот за правда.

Дали ваквите околности без преседан ги оправдуваат ваквите протекувања од длабоката држава без преседан?

Линиите минати од протекувањата од длабоката држава против Трамп се сметаа дека се апсолутни се до 2017. Меѓутоа ние никогаш не сме се соочиле со ситуација во која национален советник за безбедност, и можеби претседателот на САД, претставуваат основана контра-разузнавачка закана која вклучува еден од најголемите противници.

Можеби ќе се развијат факти кои ќе ни разјаснат повеќе околу поврзаноста меѓу Русија и Трамп, за да може да донесеме подобра пресуда во рамките во кои историјата судеше за претходните протекувања. Меѓутоа можеби работите никогаш нема да ни се разјаснат, па затоа нема да можеме да постигнеме консензус за тоа дали протекувањата се оправдани.

Без разлика како овие работи се развиваат, целата работа веќе направи огромна штета и на претседателството и на националната безбедносна бирократија.

Како што функционерите од длабоката држава намирисуваат се повеќе моќ која доаѓа од селективното откривање на вакви информации, и ако на протекувањата не се одговори со сериозна казна, тогаш лесно е да се замисли дека алатките што го соборија Флин ќе бидат искористени во други контексти од нашите бирократи од националната безбедност со поинакви мотиви и интереси.

Дури и најголемите критичари на Трамп треба да се загрижени од суптилната форма на анти-демократска злоупотреба. Големиот губитник во сето ова најверојатно ќе биде самата бирократија на националната безбедност и, во смисла дека е ослабена, безбедноста на американскиот народ.

Дури и ако излезе дека Флин и другите блиски на Трамп соработувале со Русите, голем број луѓе уште долго време ќе ги сметаат анти-Трамп протекувањата како политичка злоупотреба на разузнавањето со цел да им се наштети на политичките непријатели.

Ваквата перцепција е продлабочена од беспоштедните и често пати лажни напади од страна на администрацијата на Трамп против интегритетот на разузнавачката заедница, вклучувајќи ги и неточните алузии дека првичното прислушување кое случајно ја фатило и комуникацијата на Флин, наспроти протекувањата на такви информации, е нелегитимно.

Флин и поврзаните протекувања не само што го прекршија законот - тие го прекршија главното ветување што разузнавачката заедница го дава во ерата по Хувер, дека нема да ја политизира, или да изгледа политизирана, употребата на алатките за прислушување и нивните плодови.

Целиот систем на собирање разузнавачки информации - чија важност повеќекратно ја надминува неговата важност во овој случај - во ситуацијава е ранлив заради едноставна причина што мешањето политика со собирањето разузнавачи податоци е Ахиловата пета на системот за разузнавање.

Ако разузнавањето се гледа преку леќата на домашната политика, со домашни победници и поразени, на разузнавачката заедница ќе и биде многу тешко да работи со покритие од потребниот кредибилитет од јавноста. И во таа смисла значи дека ќе и биде потешко да го направи она што треба за да ја одржува нашата безбедност.

Џек Голдсмит