Дали сиромаштијата е заразна?

Денес во форма, природно хрането, витко и по можност што помладо тело, сигнализира припадност и успех, додека сиромаштијата и маргинализацијата се поврзува со дебелина и консумација на алкохол и никотин. Постоењето на осиромашени пониски слоеви на општеството притоа сè повеќе се перципира како резултат на биолошките предиспозиции кои ги спречуваат луѓето да им удоволат на неолибералните барања за адаптирање, мобилност и флексибилност, порачува Фредерике Хаберман во текстот објавен од Ле монд дипломатик.

Летото 2007 голем број медиуми - од магазинот ГМХ, преку Менс хелт, до дневниот весник Зидојче цајтунг - објавуваа наслови во кои на читателите или буквално или преносно им се порачуваше: „Дебелината е заразна!“ Кој е пријател со дебели луѓе, тврдеа тие, се изложува на 57% поголем ризик дека и самиот ќе стане дебел. Тврдењата се темелат на студија која во текот на 32 години ги следи жителите на едно гратче во околината на Бостон. Според авторите, пријателството со дебелите ја менува перцепцијата за она што е „ок“, што доведува и до запуштање на сопственото тело. „Заради тоа гледајте на своите пријатели да им помогнете да ослабат!“ советува Менс хелт под сликата на која се прикажани фит лепотан со насмевка која оддава победничка самодоверба и дебел, полуќелав маж, со нагласено несреќен поглед (или можеби се работи за вина).

Речиси истиот наслов подоцна е користен и за други текстови, на пример во германскиот неделник Фокус: „Дали дебелината е заразна? Вирус би можел да е причина за проблемите со тежина на третина од дебелите.“ Во текстот се тврди дека вирус по име Ад36 е три пати почест кај оние со прекумерна тежина отколку кај оние со нормална телесна тежина. Тврдењето се повикува на истражувањето на Ричард Аткинсон, пензиониран професор по медицина од Универзитетот во Висконсин, кој тестира 500 лица и ги вклучува податоците од различни истражувања врз животните. Франкфуртер алгемајне цајтунг го пренесе советот на „неколку научници“: „Мијте раце!“ Уште понедвосмислено решение од давање совети за диета и миење раце по физички контакт со дебелите, секако е - комплетно избегнувајте ги.

Оној кој веќе го следи известувањето на медиумите на оваа тема знае и дека на дебели луѓе посебно често се наидува во најниските општествени слоеви. Националната студија за прехранбени навики на сојузното министерство за прехрана, земјоделие и заштита на потрошувачите од 2008, на оваа тема вели: со растот на нето приходите по глава на жител, и кај мажите и кај жените доаѓа до пад на индексот на телесна тежина. Еден коментар главната теза ја сумира на следниот начин: „Разликите во тежина во Германија пред сè се класни разлики.“ Рената Кунаст, министерката за земјоделие во црвено-зелената влада на Герхард Шредер, се пофали во популарното ток-шоу на Ана Вил дека таа студија лично ја има нарачано, и веднаш потоа нагласи колку се одвратни прехранбените навики во „необразованите слоеви.“

Со трендот на избегнување контакти со „таквите слоеви“ сведочиме и на враќањето на стравот од „дегенерација“ како последица од дружењето со погрешни групи на луѓе, кој во 19-от век беше доста распространет меѓу мажите, белците и припадниците на граѓанството. Како и тогаш, така и денес постои врска меѓу економијата како наука и (ре)конституирањето на субјектите. Притоа клучната улога му припаѓа на хомо-економикус субјектот на економската наука. Тој не е економски субјект само заради стереотипот дека е бел, хетеросексуален, здрав, млад маж, туку постои и дискурзивна врска меѓу таквите обележја и конституирањето на субјектите во модерната граѓанска држава. А со неа тогаш - во облик на исклучување - се поврзани и сите конструкции на „другите“.

Денес хомо-економикус се јавува во облик на менаџерски идентитет што го идентификувал Роберт Конел. Тој менаџерски идентитет важи на сите нивоа на општеството - важи во еднаква мерка за жените како и за работниците и за фамозните претприемачи на сопствено јаство. Сите тие се „претприемачи на сопствената работна сила“. Така еден прирачник за себе-менаџирање нè прашува: „Дали сите делови од вашата личност се во потполност мобилизирани? Работи ли секој дел така за во склад со вашите способности да можете да дадете оптимален учинок?“

Денешниот хегемониски облик на хомо-економикус заради тоа повеќе не значи дека сите, односно сите бели мажи се победници, а дека жените, луѓето од други бои или хомосексуалците не можат да остварат кариера - туку токму спротивното, хегемонскиот облик на моделот на хомо-економикус денес е толку силен што во принцип ги обврзува сите видови идентитет. На „другите“ додуша и понатаму им е потешко да одговараат на идеалот кој темелно се ориентира според белиот маж, но истовремено сведочиме и на нова пермисивност во која не е толку пресудно потполното задоволување, колку максималното приближување кон барањата за идеал. Тој дискурс истовремено создава и нови парадокси: иако денес стана хегемониски идеал за сите, и понатаму - или барем во поголема мерка - се стигматизираат цели групи луѓе како неспособни да му удоволат. Тоа се исчитува пред се во дискурсот за пониските слоеви или - слободно да го употребиме и тој збор - поткласата.

Овој дискурс во неолиберализмот се заострува. Во текот на 1980-те и 1990-те настанува - првично само во САД, а потоа и во Европа - нов општествен идеал: фитнес, џогирање, природна исхрана, војна против пушењето и другите општествени форми на однесување стануваат израз на новиот животен стил, а предупредувањата кои се поврзани со нив упадливо се надоврзуваат на идеалите на европските средни класи. Колку повеќе поединецот е поблизок кон овој (родово специфично модификуван) идеал, толку се поголеми неговите шанси за општествен подем.

Истовремено, најпрво во САД и Британија, а со влезот во новиот милениум и во Германија, се развива дискусијата за перманентна, биологизирана поткласа која наводно веќе со генерации живее само од државна помош, и која според своите вродени предиспозиции е неспособна за впивање на образование и системска, редовна работа. Во САД и во Велика Британија на таа нова поткласа буквално ѝ е објавена војна. „Тие луѓе не се обвинети само за нивната сиромаштија, туку тие сè повеќе се сметаат и за луѓе од понизок вид, на кои заради нивните асоцијални културни традиции и биолошка склоност кон зависности, прекумерна сексуалност, криминал и пониска интелигенција едноставно не е можно да им се помогне со образование.“

Овој вид на рационалност францускиот филозоф Мишел Фуко го нарекува „некој вид перманентен економски трибунал“. Човек кој покажува недостаток на иницијатива, прилагодливост, динамика, мобилност и флексибилност, на тој начин наизглед „објективно“ би ја потврдил својата неспособност да биде слободен и рационален субјект. Способноста во планирањето и водењето на сопствениот живот според микроекономските критериуми, како на пример ефикасноста, притоа во се поголема мерка важи и за темелот на општеството составено од автономни индивидуи. „Кој е успешен, тој и го заслужил успехот; кој не е, некаде погрешил.“

Либерализмот притоа поединците ги доведува во положба својата ситуација, својот живот, својата сегашност и својата иднина да ја перципираат како извор на опасност. На тоа почиваат не само сите некогашни кампањи околу прашањата за болести, хигиена и сексуалност, проткаени со постојан страв од дегенерација на поединецот, семејството, „расата“ и целото човештво, туку и денешниот страв од прекумерна тежина, а со тоа и од застранување на патот на хомо-економикус, а последователно и од патот на успехот.

И Хелмут Ротка, од Германската академија за прехранбена медицина, денес дебелината ја смета за штетна за кариерата: кој е дебел, тој не стига до управните одбори. А ако пријателството со дебелите, и тоа со дебелите од поткласата, ја загрозува и сопствената општествена положба, кој тогаш не би се обидел да ја избегне таа опасност?

Телото денес игра незанемарлива улога во прашањата за успех и неуспех. Полот и бојата на кожата и понатаму претставуваат важни аспекти на пример при вработувањето на идните банкари, бидејќи од нивната надворешност се изведуваат заклучоци за нивната способност да продаваат хартии од вредност. Линда Мекдауел забележува екстремна телесна униформираност меѓу младите лондонски банкари: речиси сите се белци, и притоа со просечна висина и соодветна тежина. Барем делумно, и самите се свесни за тоа. „Знаете, сепак ние сите сме само клонови,“ го коментира овој феномен еден од нив, додека неговиот постар колега напоменува: „Навистина е чудно што сите изгледаат исто како кога ќе се појават тука на 25 или 26 години.“ Ирис Марион Јанг во контекст на хегемониски идеализирано тело - не само бело и машко, туку и витко - зборува за „културолошки империјализам“ кој спроведува насилство над сите оние кои не му одговараат и ги означува како „други“. Соодветно на ова, луѓето веќе 200 години се обидуваат да важат за „инсајдери“ така што своето тело одново го обликуваат, а своето однесување го прилагодуваат кон актуелниот идеал.

Но хомо-економикус не стана хегемониски ориентир за сè и секого само заради успехот на дискурсот на „високите слоеви“, туку и покрај борбата за еманципација, а со тоа и борбата за вклучување во човековите права кои се декларирани како универзални. Додуша, тие борби на припадниците на одредени групи им ја олеснија можноста за успех, но само под услов да одговараат на пропишаните матрици на однесување. Бидејќи дискурсот на крај сепак ги потчинува сите субјекти.

Ле монд дипломатик

10 јануари 2018 - 16:50