Денешната Ленка шие за Швајцарци

Поразителна странска студија за тоа како угледните швајцарски, австриски и германски производители на облека профитираат на грбот на македонски шивачки. Зад престижната етикета "Made in Europe" се крие сиромаштијата и стравот на нашите работнички.

Македонија била избрана за студијата бидејќи се констатирало дека е важна аутсорсинг земја за европската облека. Била педантно истражена целата ситуација со македонското лоан производство, биле изведени интервјуа во неколку наши градови и заклучоците се овие:

Облеката што се извезува од Македонија е со исклучително висок квалитет. Македонските работнички се посветени и одговорни за нивната работа, квалитетот и времето на испорака.

Меѓутоа, ова се прави со сериозно кршење на низа конвенции и одредби и на македонскиот закон за труд и на меѓународните прописи.

- Македонските шивачки заработуваат помалку од 20 проценти од она што им е потребно за живот. Надницата е честопати под минималецот. Ова се одразува на целиот нивен живот бидејќи се принудени паралелно да се занимаваат и со земјоделство за да ги прехранат своите семејства.

- Прекувремената работа е стандардна појава и нема врска со доброволноста.

- Работничките најчесто се најмуваат за кратки периоди од 3-6 месеци што има ја прави судбината целосно неизвесна.

- Не постои ни синдикат ни претставници на работничките во ниедна од фабриките кои биле посетени. 

- Вкупните услови за работа многу негативно се одразуваат на здравјето на работничките

- Се работи во нечовечки услови. Работата е исцрпувачка а многу од жените го носат главниот приход во своите семејства. По производната криза во 2008-ма, ситуацијата е дополнително влошена, притисокот врз нив е зголемен и тие се принудени да се помират со секакви услови кои им се наметнуваат. 

- Голем дел од граѓаните на Македонија се вклештени во секојдневна битка за преживување. Шивачката дејност не нуди можност за бегство од сиромаштијата но стравот од губење на работата ги спречува да го дигнат гласот и да се борат за своите права.

- Во Република Македонија се практикува бескрајна експлоатација во име на максимизирање на профитите. Официјалниот минималец е понизок од оној во Кина и Индонезија. Расчекорот меѓу платите и трошоците за живот е голем како оној во Бангладеш.

- Шивачката дејност е еден од клучните столбови на македонската економија во поглед на вработувањето. Но, таа не нуди ни пристоен живот ни надеж во подобра иднина туку само ја цементира сиромаштијата и стравот.

* Дополнителни студии во Холандија и Германија го потврдиле наодите од оваа студија која во целост (со исклучително интересни и корисни податоци), ја имате ОВДЕ.

21 јануари 2014 - 13:46