Пак да гасите порно

Вордпрес го купи Тамблр

Веризон се согласи да го продаде Тамблр на сопственикот на Вордпрес, компанијата Аутоматик, за сума која ако е точна веројатно е врвниот резил за Тамблр.

Веризон го добива Тамблр во 2017 во пакет со Јаху. Јаху пак го купува Тамблр во 2013 по цена од 1,1 милијарда долари. Според Аксиос, Аутоматик вчера го купил Тамблр за нешто помалку од 3 милиони долари.

„Тамблр е значаен бренд кој започна движења, дозволи вистинските идентитети да дојдат до израз и е дом на голем број креативни заедници. Горди сме на она што тимот го оствари и среќни сме што во Аутоматик најдовме совршен партнер, чија експертиза и досегашно работење ќе отвори нови и возбудливи можности за Тамблр и неговите корисници,“ изјавил ЦЕО-то на Веризон медиа, во соопштението по повод откачувањето на Тамблр од грб.

На Тамблр му се случија две работи во клучните години од неговиот развој кои го хендикепираа напредокот на платформата. Прво, во најјакото беше продаден на Јаху, каде платформата за блогирање продолжија да ја закопуваат во земја како и целиот сопствен бренд. Второ, веќе во сопственост на Веризон, беше одлуката комплетно да се забранат порно содржините на платформа која живееше од порно. Ова резултираше со едноставно губење на заинтересираност на публиката за Тамблр и бојкот од некои од заедниците кои го сметаа за своја матична куќа.

Новиот сопственик изјави дека не планира да ја укине забраната за порно, и дека Тамблр ќе делува како „комплементарен“ сајт на Вордпрес. Една од претпоставките за интересот на Аутоматик за компанијата е дека Тамблр има напреден и одлично среден мобилен интерфејс кој би можел да биде додаден и на Вордпрес.

13 август 2019 - 09:48