Сурфањето по интернет во ЕУ ќе стане офтика

Го знаете она кога ќе ви текне да тркнете до некој сајт да ѕирнете што има или да утепате време. По новите регулативи на ЕУ тоа ќе биде тешко,бидејќи пред да ви се отвори сајтот, ќе треба да се изнакликате формулари за давање согласност дека ви се јасни работите.

Европската унија подготвува закони поврзани со користењето интернет од кои ќе профитираат големите американски играчи како Фејсбук, Гугл и Амазон а ќе губат помалите европски издавачи, предвидува Бизнис Инсајдер (чиј издавач е од вториве).

Се работи за два закона од областа на е-приватноста кои се предвидени за гласање оваа пролет. Едниот е GDPR (General Data and Privacy Regulation) по кој компаниите кои работат на интернет ќе мора од корисниците да добијат согласност за секоја информација која може да ја добијат од неговата посета.

Вториот е закон за e-приватност кој ги уредува колачињата (cookies, на бугарски: бисквитки) при што за секое од нив ќе треба да се добие согласност, вклучително и за оние чии извор е надвор од содржината на сајтот. Колачиња се оние податоци кои посетениот сајт ги остава на вашиот компјутер за да ве запамти или пак на адвертајзерот да му даде знак дека дошол посетител од онаа публика која тој ја одбрал за да ѝ прикаже некоја своја понуда. Главно се корисни, но знаат да се употребуваат и со кварни мотиви.

Мотивите на овие закони за заштита на приватноста се добронамерни но некогаш патот до добрите намери е поплочен со пекол. В случајов, со кликање.

Еден професионален сајт како Бизнис инсајдер остава по десетина колачиња кај секој негов посетител што значи дека при посета на секој таков сајт, прво исто толку пати треба да кликнете „да, прифаќам“ или “се согласувам“ на различни форми (доколку сте во земја на ЕУ).

Спомнатите американски гиганти се во предност бидејќи се работи за сајтови на кои се најавувате па нивните тимови најверојатно ќе најдат начин тоа логирање на нив да го претстават како групна согласност за сите колачиња кои ќе ви ги остават на компјутер. 

18 февруари 2018 - 23:53