Седи, куме

Фејсбук има донирано за кампањите на 46 од 55-те членови на конгресниот комитет што следната недела ќе го сослушува Марк Зукерберг околу целото нарушување приватност што го прави неговата платформа.

Зукерберг во среда треба да се појави пред Комитетот за енергетика и трговија, чии овластувања им даваат регулаторна моќ врз интернет компаниите.

Ова е комитетот на кој што Фејсбук најмногу има донирано. Според Центарот за одговорна политика, членовите на комитетот добиле најмалку 381 илјада долари во донации од Фејсбук од 2007.

На второ место по донации добиени од Фејсбук е Комитетот за трговија, наука и транспорт со 369 илјади долари, каде Зукерберг во вторник исто така е на сослушување на кое ќе учествува и Комитетот за правда каде Фејсбук има почастено 235.000 долари.

Од вкупно 7 милиони долари во донации што можат да се поврзат дека потекнуваат од Фејсбук, 65% завршиле кај демократи, а 33% завршиле кај републиканци.

Поединечно најмногу донации од Фејсбук добива претставничката на демократите Ана Ешу (51.050 долари), која доаѓа од Калифорнија, чија изборна област е лепенка до седиштето на Фејсбук и во неа живеат голем број вработени на компанијата.

За споредба Гугл само за претседателските избори 2016 има донирано 8,8 милиони долари.

Во 2017 во изјава околу политичките донации, од Фејсбук објаснија дека одлуката за донирање се базира на тоа дали политичките позиции на кандидатите се конзистентни со оние на компанијата, и „дали кандидатот има позиција во клучен комитет или позиција во раководство“.

Згора на овие пари Фејсбук минатата година има потрошено 11 милиони долари само на лобирање во Конгресот. Во бројките пред сослушувањето се наведува и дека речиси 30 членови на американскиот Конгрес поседуваат акции во Фејсбук.

Инаку, по неколку неделно лицитирање со бројот на луѓе на кои им е загрозена приватноста, те 50, те 87 милиони, Фејсбук деновиве порача дека приватноста е загрозена на речиси сите 2 милијарди корисници.