Прв меѓународен Друпал камп во Македонија

Подигнување на свеста за постоење и полезноста од користење на Друпал платформата, развивање на заедницата, проширување на знаења и презентација на новини за Друпал, размена на искуства и вмрежување. Сето ова на првиот Друпал Камп Скопје кој на 2-ри и 3-ти мај ќе се одржи на ФИНКИ во Скопје .

Организатори на овој дводневен настан се Drupal Community Macedonia и Фондацијата ИДЕА Југоисточна Европа. На Друпал камп Скопје, македонските инженери и ентузијасти ќе имаат единствена прилика да научат нешто повеќе за можностите кои ги нуди овој моќен систем за управување со содржина, како и да запознаат и воспостават соработка со нивни колеги од целиот регион.

На настанот ќе има интересни содржини, презентирани од локални и од странски говорници, наменети за искусни програмери кои ја користат оваа платформа. Но, ќе има и сесии за почетници кои имаат најосновни познавања од програмирање и најважно, кои што имаат интерес да се запознаат со основите на Друпал платформата.

По тој повод, отворен е и повик за говорници. Сите заинтересирани што сакаат да одржат свое предавање или да презентираат сопствено Друпал решение, може да се пријават на следниот линк.

По повеќе посетени кампови и конференции во регионот и низ Европа, организаторите сметаат дека веќе постои критична маса за организирање на ваков настан, Друпал Камп Скопје и во Македонија. Во меѓувреме контакт на техничко ниво е воспоставен со програмерите од земјава кои веќе ја користат Друпал платформата и кои постепено почнаа да ја развиваат заедницата кај нас, наречена Drupal Community Macedonia.

Корисни линкови:
Web: http://drupalcamp.mk/
Facebook: DrupalCampMK
Twitter: @DrupalCampMK

14 април 2015 - 17:30