КросФит фати уџум од Фејсбук

КросФит е популарна фитнес програма за вежбање и здрав живот. Го обвинија Фејсбук за промовирање утописки социјализам. Решија да ги напуштат Фејсбук и Инстаграм и да им ги плеснат причините за тоа кои долго им ги собираат. Многу легитимни причини, од Биг Брадер до цензура.

Чашата ја има прелеано одлуката на Фејсбук без никакво предупредување и објаснување да ја избрише групата „Banting7DayMealPlan,” друштво кое промовира конзумирање храна што е можно поблиска до нејзината природна форма, без процесирања, подобрајзери и засладувања.

Фејсбук подоцна ја врати групата во живот но КросФит веќе се решиле дека е доста со матните игри на платформата, и тоа го искажаа во осум, јавно релевантни точки. 

„Фејсбук собира и складира кориснички информации и ги споделува со државните и федерални власти, како и со безбедносни организации од други земји“, гласи првата загриженост.

„Фејсбук соработува со владини безбедносни агенции во програмите за масовното мониторирање на граѓани како што е PRISM,” гласи втората.

„Фејсбук цензурира и отстранува акаунти врз основа на непознати критериуми и по барања од трети страни, вклучувајќи домашни и странски владини агенции“, реди КросФит.

„Фејсбук собира, агрегира и продава информации за корисниците во бизнис цели. Неговиот бизнис модел им дозволува на владите и корпорациите да ги искористат неговите адвертајзинг алгоритми како алатки за надгледување и копање податоци за корисниците“.

Една од ударните причини се однесува на цензурата и политичката пристрасност на платформата.

„Њузфидот на Фејсбук е цензуриран и дизајниран да го поддржува утопискиот социјализам на Фејсбук а истовремено е ранлив за дезинформациите и кампањите кои се креирани за да предизвикуваат предрасуди и насилство“.

КросФит велат дека нивната одлука за напуштање на Фејсбук и Инстаграм е прашање на здрав разум и пристојност, да се напушти оној дел од јавниот простор кој веќе не му служи на доброто на заедницата.

27 мај 2019 - 11:01