Коментарите на сајтовите создадоа вакви гневни избирачки тела

На луѓето веќе не им се ни потребни информативни текстови за да побрзаат своето мислење да го напишат во коментар. Доволно е да го видат насловот и да се испукаат (од себе) и исплукаат (со друг). Коментарите се покажаа како магнет за секакви отрови. А и голем мерак е кога на офф ќе напишеш долг текст и замислуваш како некој неупатен идиот се мачи да скрола до доле за да дојде до местото за коментар.

Доста вртена е таа теза дека Трамп и неговите бели гневни фанови го спуштија нивото на јавно изречените зборови за време на неoдамнешната претседателска кампања.

Не ќе да е баш така. Цивилизиранoста одамна го напушти интернетот, поточно во она време кога интернет-форумите (кои дотогаш беа мали и шарени виртуелни заедници во кои знаеше да се негува и поинаквоста) се прелеаа во меинстрим-медиумите.

На секоја статија, по нејзиното завршување, на луѓето им се отворија места на кои тие можат непречено да го изнесат своето уважено, често прегласно, а најчесто небитно мислење.

Се правеше тоа глобално, со големи надежи во таквиот потег, дека наместо обични консументи на вести и информации, луѓето ќе се претворат во нивни активни креатори и дека таквата колективна енергија ќе придонесе за подобрување на квалитетот и на информирањето и на животот воопшто.

Одеднаш луѓетo што дотогаш беа познати како публика, добија шанса да имаат свои јавни БТЛ (below-the-line) плоштатчиња на кои можат да бидат отровни како и нивниот идол.

Ако некогашните форуми некому му изгледаа како мали фини петриеви садови за одгледување љубопитни интернет-корисници, денес тоа место за коментари под статиите најчесто e клоака во која виреат секакви зарази: глупост, сељачизам, нетрпеливост, простаклук & гадости.

Немодерираните интернет-коментари се покажаа како магнет за секакви отрови. Му даваат простор на секого од себе да го извади сиот свој гној и незадоволство од себе и од животот, додека е безбедно сместен пред својот екран. Истиот тој никогаш нема да се потегне да му пише лично на новинарот или уредникот на веста што го поттикнала на став. Не се чувствува доволно писмен и елоквентен за тоа. Благодарејќи на непишаните правила и општото ниво, во онлајн-коментар не ни чувствува дека треба да биде писмен.

Сите знаевме за омразата што ѕиркаше под тенкиот слој на цивилизираноста. Сега кога таа цивилизираност ја нема, можеби ќе сфатиме колку таа ни беше фундаментална. Тоа беше единствениот начин на кој можевме да коегзистираме едни покрај други, пишува Нил Габлер во текстот „Збогум Америка“.

Во последно време сè повеќе големи медиумски куќи решаваат да ги исклучат коментарите од своите сајтови. Пишувавме веќе за NPR, кои откако пробуричкале во импозантните бројки, го сфатиле ноторниот факт дека целата бучава ја прават мала група луѓе; па ете им го ним Фејсбук да си вадат очи (нагалено: дебатираат). Во таа група се и Ројтерс, Дејли бист и други.

Ние не мора допрва да ги исклучуваме бидејќи уште од првиот ден на постоењето на овој сајт ви кажавме дека ќе ги нема - види точка 9.

Фејсбук и Твитер, како и професионалните медиумски куќи имаат одговорност да го зауздаат делот од електоратот што сее омраза. Отровните коментари и дезинформации во онлајн-коментарите веќе го искривија поимањето за тоа што е информирање и создадоа масовна одбивност кон фактите и разумноста.

Потребно ни е и малите и големите медиумски организации, академските институции, па и владите, да работат на издигнување на дебатата над поларизираниот социјален слој. На модерниот електорат му е потребен онлајн-дискурс што помалку ќе служи како вентил за испуштање на отровот, а повеќе за идентификување на заедничките основи на животот, вели Мари Шанана.

20 декември 2016 - 17:53