Како руското воено разузнавање ги лови своите жртви

Откако ќе ја изберат, или добијат, метата, само е прашање колку ќе бидат упорни припадниците на ГРУ за да ја хакнат својата жртва која, како што покажа неодамнешниот случај во Холандија, сама нема нешто многу што може да направи околу тоа.

На страна опремата и знаењето, успехот во работата на оперативците на ГРУ се базира на лагодноста на користење технологија и нивната решителност да направат се што е потребно за да стигнат до посакуваните информации.

Доколку не успеат стандардните обиди за пробивање на ви-фито дома или на работа, хакерите на ГРУ патуваат на локации низ цел свет на кои нивната мета физички се наоѓа во обид да го пробијат ви-фито на хотелот во кој се сместени или конвенцијата што ја посетуваат, и преку истото да упаднат во нивниот уред.

Холандската разузнавачка агенција МИВД и американското министерство за правда наведуваат неколку случаи од Рио до Лозана, во кои руски оперативци паркираат возило полно со опрема пред хотелот или канцеларијата на жртвата и се обидуваат од блиску да ја хакнат својата мета. Во одредени случаи целта е крадење на податоците за логирање на жртвата и пристапите што таа ги има до најразлични системи, во други целта е поставување на малвер преку кој ќе се следи жртвата и ќе се има пристап до информациите што таа ги поседува.

Во случајот со обидот за хакирање на Организацијата за хемиско оружје четворица Руси се живи фатени во автомобил во близина на седиштето на организацијата. Русите во изнајмен автомобил поставиле голема антена скриена под виндјакна, која била поврзана со лаптоп и надворешно напојување. Кога оперативците ја активираат опремата холандските агенти успеваат некако да го детектираат тоа и да ја прекинат операцијата. Од холандската разузнавачка агенција одбиваат дадат повеќе информации околу целата операција.

Четворицата руски оперативци што Холандија ги депортира во Москва

Русите се испорачани во Москва, но опремата е задржана. И покрај обидот на Русите да уништат барем еден од мобилните телефони што го имале кога биле откриени, Холанѓаните успеваат да дојдат до информации дека нивните лаптопи и телефони биле поврзани со ви-фи мрежите на неколку претходни хакирани локации.

Во ранците во автомобилот е откриена и „дополнителна техничка опрема за тајно пресретнување на ви-фи сигнали и сообраќај“. Иако нема детален попис на опремата, наведено е дека е најден ви-фи ананас, а од нетехничка опрема кај нив се откриени и сметки за такси од седиштето на ГРУ до аеродромот во Москва, 20.000 долари во готовина и уште 20.000 евра во готовина.

Една од мистериите околу целата работа е зошто холандската влада решава хакерите да ги депортира во Москва, а не да покрене обвинение против нив, или да ги екстрадира САД каде исто така има потерница по нив.

10 октомври 2018 - 14:01