OFF, ви текнува?

Изумителот на „Лајк“ си става забрани за интернет

Паметни дечки од Гугл, Фејсбук и Твитер, и тоа од оние кои лично имаат придонесено во нивната популарност, почнуваат да се пишманат од сето тоа заради зависноста која ја предизвикуваат тие платформи. За почеток, треба да знаете добар дел од нив веќе не се „социјално вмрежени“ а децата ги праќаат во елитни школи во кои е забрането да се дојде со смартфон.

Џастин Розенштајн го има подесено својот лаптоп да му го блокира Редит, се има банирано на Снепчет ( кого го споредува со хероин) и си има ставено лимити за користење на Фејсбук. Но и тоа не му било доволно па за неговиот нов Ајфон, го има инструирано својот помошник како да му стави „родителски надзор“, за да не доаѓа во искушение да симнува нови апликации.

Ако некој е свесен за заводливата леснотија на притискање на копчето Лајк (активност која тој ја опишува како „чист ѕвон на псевдо-задоволство), тогаш тоа е самиот Розенштајн бидејќи дечкото (денес 34 години) е инженерот на Фејсбук кој го има смислено копчето.

Една деценија откако минувал неспaни ноќи кодирајќи го Лајк (тогаш го викале “Аwesome”) тој е дел од една мала но растечка група еретици од Силициумската долина кои почнуваат да се бунат против сè подоминантната „економија на вниманието“ која интернетот го обликува според потребите на адвертајзингот а во која луѓето се само суровина која го храни дигиталниот аждер со податоци за сопствените активности, желби, вкусови, ставови, стравови и... лајкови.

Во таа растечка група има инженери, програмери, дизајнери и продукт менаџери и тоа од таков ранг што самите ја склопувале машинеријата од која денес пробуваат да се откачат. Повозрасните меѓу нив, оние кои имаат деца, се обидуваат да ги спасат барем нив, праќајќи ги во скапи елитни училишта во кои е забрането да се дојде со таблет, Ајфон или друг смартфон. Како што отсекогаш знаеја дилерите на дрога: никогаш не се прави свиња од своја роба. 

Розенштајн, кој го има смислено и Гчет кога работеше за Гугл, е најзагрижен за психолошките ефекти врз луѓето кои, според една студија, во текот на само еден ден во просек гледаат, тапкаат или листаат нешто на својот мобилен точно 2,617 пати!

Освен што технологијата прави зависници, истовремено и влијае врз нивниот квалитет, во смисла на когнитивни капацитети, неспособност за фокусирање и концентрација и најверојатно спуштање на IQ-то (видете рандом ФБ коментари). Една скорашна студија покажа дека и самата близина на телефонот ја намалува способноста за концентрација, дури и кога тој е исклучен. 

На слично со Рoзенштајн дошла и жената која своевремено имаше чест да го обзнани тоа ново копче во 2009 година. Леа Перлман тогаш била продукт менаџер во Фејсбук. Денес има 35 години, работи како илустратор и потврдила дека во меѓувреме ѝ се има збоктисано и лајк и сите други заразни финти на Фејсбук. На браусерот има инсталирано плагин кој ѝ го чисти њусфидот а има ангажирано човек да ѝ го менаџира профилот за да не мора самата да се бави со тоа. 

„Сите се ментално расфрлани, сето време“, ќе каже Розенштајн koj верува дека е добро што оваа генерација почнува сериозен муабет на оваа тема, меѓу другото и заради она што го пишувавме во статијата „Како е да си последната генерација која го памти животот пред интернетот“

Но и тие двајца и сите други кои се на оваа наша (види име на сајтот) линија потсетуваат дека не е проблем самата технологија туку свесноста на човекот каде таа (може да) го води. 

Како што не ни е крив Силбо што прави онакви ѓевреци туку тоа што не знаеме за доста.

9 октомври 2017 - 16:30