Фејсбук ги спојува Инстаграм, Вотсап и Месинџер

Целта се платформите за приватни пораки на трите апликации, кои Фејсбук сака да ги обедини во една, за да не мора постојано да се префрлате меѓу апликации.

По ново, корисник на Вотсап би можел на пример директно да му испрати порака на корисник на Инстаграм без воопшто да излегува или да ја менува апликацијата.

Ваквото обединување ќе значи дека пораките и од Фејсбук месинџер и од Инстаграм ќе добијат „end-to-end“ енкрипција (Е2Е), која за сега ја има само Вотсап, и спречува кој било да го пресретне пораките кои се разменуваат (вклучително и Фејсбук).

Од бизнис перспектива хомогенизацијата би им дозволила на компаниите од една платформа да контактираат со потенцијални клиенти кои се исклучиво само на некоја од другите две платформи.

Нормално никоја добронамерност на Фејсбук не е во празно, па експертите веднаш алармираа дека ова најверојатно ќе оди на штета на приватност и на законите против монопол.

Масовната имплементација на Е2Е се верува дека наместо да ги направи пораките на Месинџер и Инстаграм побезбедни, всушност ќе го направи Вотсап помалку безбеден. Во исто време корисниците на Вотсап кои сега не споделуваат никакви податоци со Фејсбук, на крај може нивните податоци да завршат поврзани со нивниот Фејсбук профил.

Дополнително, ова значително ќе му олесни на Фејсбук да ги собира и организира податоците за своите корисници со што подобро ќе ги таргетира рекламите.

Од анти-монополска гледна позиција ова значително го отежнува секој иден обид за растурање на империјата на Закерберг, доколку некогаш се започне некоја сериозна анти-монополска постапка.

На групациско ниво спојувањето ќе доведе до поголемо интегрирање на Инстаграм и Вотсап, кои до сега главно функционираа како одделни компании.

26 јануари 2019 - 16:42