Човекот кој остави 850 милиони долари

Во 2014 во едно крајно неочекувана зделка Фејсбук го купува Вотсап. Главно неочекувана не заради парите што ги даде, туку затоа што основачите на Вотсап редовно го рендаа и критикуваа Фејсбук и неговиот бизнис модел базиран на шпионирање на своите корисници и продавање на нивните информации.

Во 2017 основачите на Вотсап решаваат да го напуштат Фејсбук без нешто многу галама, за во времето на скандалот со Кембриџ аналитика, Брајан Актон, еден од ко-основачите, да твитне „Време е. #deletefacebook.“

Од тогаш Актон главно продолжува да молчи до скорешното интервју за Форбс во кое разговара „за својата лоша одлука да ја трампа својата визија за компанијата што ја изгради за милијарди долари, и како требало да му биде јасно дека Фејсбук никогаш нема да ги оствари своите ветувања да ја задржи автономноста на Вотсап и заштита на приватност“.

Актон открива дека за да може сето ова да го зборува во јавност кога го напуштил Фејсбук одбил понуда од 850 милиони долари во акции, во замена за потпишување на договор за молчење со кој му се забранува да писне за било што се случувало во компанијата. 850.000.000,00 долари.

Од Боингбоинг интервјуто го опишуваат „откривачки поглед во културата на Фејсбук, посебно како високиот менаџмент на компанијата се залажува себе си - и вработените - дека преземање постапки кои го прават производот истовремено полош и попрофитабилен е добар за корисниците на компанијата“. Бонус, корисниците на Вотсап треба да очекуваат нивната активност да биде следена како дел од сеопфатниот надзор што Фејсбук го спроведува.

Тие пренесуваат дел од интервјуто:

„Подоцна тој дознава дека во Фејсбук постојат ’планови и технологии’ за поврзување на податоците. Конкретно, Фејсбук може да ги искористи 128-битните серии од цифри кои се доделуваат на секој телефон како еден вид мост меѓу сметките (името на профилот на Фејсбук со бројот што го користиш на Вотсап). Друг метод е споредување на телефонските броеви, или одредување на Фејсбук профили со телефонски броеви и нивно поврзување со Вотсап сметки со истиот телефонски број.

Во рок од 18 месеци, новите услови за користење на Вотсап ги поврзаа сметките и направија Актон да изгледа како лажго. ’Мислам дека тие решија да се коцкаат затоа што мислеа дека ЕУ можеби заборавила затоа што минало доста време.’ Ама немаа среќа: Фејсбук на крај плати казна од 122 милиона долари заради давање ’неточни и наведувачки информации’ на ЕУ - што го сметаа за трошок на работењето, бидејќи работата беше завршена такво поврзување продолжува и денес (иако не и во Европа). ’Грешките што ги направивме во документите од 2014 не беа намерни,’ вели портпаролот на Фејсбук.

’Гневен сум дури и кога ќе ми текне на тоа,’ вели Актон.

Поврзувањето на овие сметки беше клучен прв чекор кон монетизирање на Вотсап. Дополнувањето на условите за користење ја поставува основата за тоа како Вотсап ќе заработува пари. За време на дискусиите околу овие промени, Фејсбук бараше ’пошироки права’ врз корисничките податоци на Вотсап, објаснува Актон, меѓутоа тоа е одбиено од основачите на Вотсап, постигнувајќи компромис со менаџментот на Фејсбук. Клаузулата дека не смее да има реклами на Вотсап и понатаму останува, меѓутоа Фејсбук се уште ги поврзува сметките за да ти извади предлог пријатели и да им понуди на своите партнери за рекламирање подобро таргетирање на рекламите. Вотсап е инпутот, Фејсбук е аутпутот.“

27 септември 2018 - 18:14