Америка ќе дозволи хакирање на хакерите

Во процедура е закон по кој ќе биде легално приватни фирми и лица да пробуваат сами да се справат со оние кои им ги напаѓаат компјутерските системи. Колку и намерите да се добри, решението е многу глупа идеја.

Active Cyber Defense Certainty Act (скратено: ACDC) ќе им дозволи на жртвите на хакерски напади сами да ги бркаат и рушат напаѓачите влегувајќи во системите за кои се сомневаат дека се извор на нападите. 

Сегашните закони забрануваат таква потера на своја рака и гонењето на хакерите им е дозволено само на неколку владини служби и агенции, како ФБИ, на пример. Но, предлагачите на законот сметаат дека ваквите агенции веќе се пребукирани и дека треба на приватните компании да им се даде поголема слобода да се штитат и да се справуваат со сајбер напаѓачите.

Постојат бар 5-6 причини зошто е тоа лоша идеја. Како прво, сосема е можно компјутерот од кој доаѓа нападот и самиот да е хакиран па војната би се водела на погрешна адреса.  

Второ, повеќето компании немаат вештини да се справат со софистицирани хакери. Законот вели дека оној што напаѓа за да се брани треба да е квалификуван (ама не кажува колку) и дека треба да има „висока самодоверба“ дека правилно го идентификувал напаѓачот. А многу тешко е да се идентификува кој навистина стои зад некои сајбер напади бидејќи луѓето се махери за лажни ИП адреси и други финти за криење. Што значи дека праведниот авенџер може да поремети сосема недолжни системи.

Законот не предвидува како ќе се регулира ситуацијата кога ќе стане голема, а ќе стане голема бидејќи хакерите нема туку така да дигнат рака кога ќе видат дека се нападнати. Исто така, можно е во потрагата по лошите момци, приватна компанија да налета на странска држава бидејќи многу од нив се занимаваат со разни облици на сајбер -војување. Па дури тогаш ситуацијата да стане весела.

21 јуни 2019 - 13:49