Од кого му фуфка на Вол стрит?

Иако отпадна од трката, Берни Сандерс и неговата линија на размислување сериозно се вградија во политичко-економскиот живот на САД. Еден негов твит, и акциите паѓаат.

Бени Сандерс можеби отпадна од трката за претседател, но неговото влијание е очигледно големо, штом од него се плаши дури и Вол стрит.

Пред неколку дена тој преку својот твитер-акаунт постираше слика од извештај објавен во Вашингтон пост што покажува дека цената на хумалог, инсулински препарат што го произведува фармацевтскиот гигант Ели Лили, пораснала за 700% во последниве 20 години. Порастот од 21 долар на актуелните 255 Сандерс ѝ го припиша на алчноста на оваа индустрија.

За само десет минути по твитот цената на акциите на Ели Лили паднаа од 72,71 на 72,05 долари. Потоа таа порасна и се стабилизира на претходната вредност, но сепак ова ја покажа моќта на сенаторот да влијае врз пазарот во време на засилено политичко преиспитување на контроверзните корпоративни практики.

Сенаторката Елизабет Ворен, прогресивен сојузник на Сандерс, неодамна го демонстрираше ова кога на телевизија го повика ЦЕО-то на Верлс Фарго (американска меѓународна компанија за финансиски услуги), Џон Штумф, да даде оставка поради криминални дејства, односно поради отворање сметки на клиенти без нивно знаење. Акциите на оваа компанија паѓаа во реално време, а Штумф подоцна беше и санкциониран.

Сандерс, Ворен и другите либерали веќе ги користат ваквите скандали за да сигнализираат дека имаат намера да ја играат улогата на влијателни мрчатори. Сандерс се ориентира кон изразување на постоечкото, широко распространето незадоволство од фармацевтските компании, залагајќи се цените што ги плаќаат државните агенции за различни лекови да бидат на ниво на оние што важат за Одделот за ветерани (Department of Veterans Affairs), што значи да бидат пониски. Меѓу последните зголемувања на цени на некои лекарства што спасуваат живот е и ЕпиПен (кој се користи за третирање силни алергиски реакции на каснувања од инсекти, храна и други алергени), кој неодамна од 100 долари скокна на 608. Поранешниот ЦЕО на Туринг фармацевтикс, пак, Мартин Шкрели, во август 2015 ја зголеми цената на виталното лекарство дараприм од 13,50 долари за таблета на неверојатни 750 долари, со тоа не само навлекувајќи голем гнев на себе, туку и привлекувајќи внимание кон генералната тенденција на поскапување на лекарствата, понекогаш за илјадници посто за само неколку години.

Претходно:
Та не е саде Шкрели, та не е саде Дараприм
„Пневномијата е исклучително здрава работа, за профитот“
 

4 ноември 2016 - 15:19