Ни Бил Гејтс не сака 70% данок

Човекот кој своето богатство го вети на решавање глобални проблеми иако е сложен дека треба даночната стапка во САД да биде попрогресивна (повисока), сепак не е лагоден со бројките што ги спомнуваат некои „екстремни“ политичари како Александрија Окасио-Кортез и нејзините 70% данок за богаташи. Според него „не е тоа поентата“.

Зборувајќи чисто за проценти, 70-ката на Оказио-Кортез и сегашната стапка од 37%, Гејтс објаснува дека „ако се фокусираш само на тоа, не ја гледаш комплетната слика“.

„Во однос на собирање приходи, не би требало да се фокусираш само на обичниот доход, бидејќи месечниот личен доход на богаташите е во граници на пресметковна грешка.

Тие имаат приходи кои се само вредноста на акциите што ги поседуваат, кои ако не ги продадат, воопшто не се појавуваат како приход, или ако се појават, тие се прикажани во графата капитални добивки,“ порачува Гејтс, објаснувајќи дека по оваа основа луѓе од хеџ-фондови и слично воопшто не плаќаат даноци.

Наместо данок на доход, неговата препорака е законодавците да се фокусираат на данок на имот, данок на капитал и социјално осигурување.

Околу „екстремните“ политичари (алудирајќи на Окасио-Кортез) Гејтс објаснува дека тие ќе придонесат кон зголемувањето на избегнување данок и ќе ги дестимулираат богаташите, истовремено давајќи им поттик да почнат своите приходи да ги префрлаат во други држави и слично.

„Можеме да бидеме попрогресивни без да создадеме закана за генерирањето приходи - а потоа ќе ни остане да одлучиме како да ги распределиме парите,“ објаснува Гејтс во интервју за Верџ.

13 февруари 2019 - 16:08