Како се прават листите на милијадери

Списокот на најбогати луѓе на светот претставува "чисто мерење на тоа кој од кого има повеќе пари," тврдат двајца новинари кои ја пишуваат книгата Форбс 400. Според луѓе кои работат на слична ваква листа (Блумберг индексот на милијардери) не е баш така едноставно.

Пресметката на нечија нето вредност (што е крајната сума во извештајот на Форбс) е крајно субјективна и е "комбинација од извештаи, математика, интуиција и непишана традиција, бидејќи многу малку луѓе се подготвени да ти го предат банкарскиот извештај за состојбата на твојата сметка."

Алекс Куадрос кој две години работел на Блумберг индексот на милијардери објаснува дека лесниот дел е да се собере вредноста на нечии акции што јавно се тргуваат.

"Јавна информација е дека Ворен Бафет поседува речиси 310 илјади А класа акции од Беркшир Хатавеј, и дека секоја од овие акции се тргува по цена од 205.000 долари. Помножи ги двете бројки и добиваш 63 милијарди долари," објаснува Куадрос.

Иако ситуацијата со Бафет е прилично чиста, Форбс проценува дека Чарлс и Дејвид Кох поседуваат по 39,6 милијарди долари, што е проблематична сума бидејќи најголемиот дел до парите доаѓаат од нивната сопственост во компанија што не се тргува јавно, "заради што немаш консензус на пазарна вредност."

"Во вакви ситуации споредуваме кои метрики и да ни се достапни - капацитет на рафинерија, продажба на ѓубриво - со бројките од јавно тргуваните компании кои ни се достапни," пишува Куадрос.

Конечната листа обично им се испраќа на милијардерите пред да биде објавена. Дел од нив немаат проблем ако нешто е згрешено (сопственикот на Зара во разговор му рекол на Куадрос дека малку го прецениле, ама не е проблем), други најверојатно заради лична безбедност изјавуваат дека не контролираат толкави пари колку што им припишуваат.

"А некои и покрај својата одбивност кон медиумите, сакаат да добијат повисоки бројки. Кога им ја испорачав почетната процена од 10 милијарди долари за Јозеф Сафра, таинствениот потомок на стара еврејска банкарска династија од Сирија, неговите луѓе ме уверуваа дека сумата е повисока за неколку милијарди. Не можеа да испорачаат никаков дополнителен доказ за ова, бидејќи тврдеа дека дел од имотот не може јавно да се открие," пишува Куадрос.

Обично кога некој сака повисоки бројки веднаш почнува да испорачува какви и да се потребни докази. Како пример тој го наведува Батиста, најбогатиот човек во Бразил, кој како поткрепа испрати слики од сите јахти и авиони што ги има.

"Најинтересен е примерот со Доналд Трамп. Тој тврди дека вреди 10 милијарди долари, Форбс тврди дека тој вреди 4,5 милијарди, а според бројките на Блумберг неговата вредност е 2,9 милијарди. Тој дури еднаш и тужеше новинар што го процени на 250 милиони долари. Тужбата беше интересна затоа што ја откри мекоста на пресметките на Трамп, кој дава огромна вредност на неговиот бренд - Трамп. Во образложението тој вели 'мојата нето вредност флуктуира, и расте и се симнува во зависност од пазарот, односот кон неа и чувствата - дури и моите чувства,'" објаснува Куадрос.

Тоа што Трамп заслужува исмевање за ваквата самобендисаност, не значи дека тоа не е точно. Куадрос објаснува дека дури и кај најчистите бројки, пример со Ворен Бафет, нето вредноста не е објективна ниту пак е фиксна, бидејќи "ако Бафет се обиде да ги продаде сите свои акции одеднаш, нивната сума ќе колабира и тој нема ни приближно да има 63 милијарди долари на сметка. Рангирањето на милијардерите е како процените што Трамп ги прави за себе. Неговиот кредибилитет - во бизнис и политика - зависи од перцепцијата на јавноста дека тој е успешен. Слично, списоците на богаташите се вистинити само колку перцепцијата за авторитетот што стои зад нив."

Како примери за ова, тој ги наведува Убер, Снапчат, Пинтерест и Ербиеднби, кои се уште немаат покажано профит, а целата вредност им се базира на поддршката од неколку големи инвеститори кои се подготвени да платат за нивно континуирано функционирање. Ова најчесто е базирано на некој вид бизнис план и нагаѓања за иднината, и за што се подготвени инвеститорите да платат од страв да не пропуштат нешто.

"Ова не е наука, ова не е уметност, ова е емоција. Меѓутоа Форбс и Блумберг обично ги рангираат основачите на овие компании врз основа на токму такви процени," објаснува Куардос.

Според него освен полнење на егото на милијардерите, списокот има своја сериозна вредност во затворање на кругот на животот во финансискиот еко-систем. Тој го дава примерот со Трамп кој неодамна се фалеше како во времето кога тој сериски банкротираше, успеал да го прелаже Форбс да објави дека е побогат отколку што навистина е, по што истите овие бројки ги користи за да ги натера банките да му позајмат дополнителни пари кои инаку не би ги добил, што последователно му помогнало да излезе од банкрот.

10 март 2016 - 11:03