Како Елон Маск може да ја „приватизира“ Тесла?

Основачот на Тесла на Твитер напиша дека би ја тргнал Тесла од берзата откупувајќи го уделот на сите акционери по цена од 420 долари од акција. Не многу математика подоцна, излезе дека Маск за таков подвиг би требало да плати 50 милијарди долари.

Понудата на Маск до акционерите е или да ги продадат своите акции за 420 долари или да останат акционери во „приватизирана“ Тесла.

Последниот дел од понудата дополнително го комплицира целиот подвиг бидејќи се базира на ветувањето на Маск дека ќе креира некаков „фонд за специјални намени“ кој ќе дозволи сите сегашни акционери да ги задржат своите инвестиции во Тесла, нешто „што е комплетно без преседан.“

Според процедура Маск прво ќе треба да ја претстави својата понуда пред бордот на Тесла, кој потоа треба со помош на тим од адвокати и експерти да изврши проценка и испитување на планот, по што треба истиот да им го претстави на акционерите на компанијата кои потоа гласаат. Маск освен пауерпоинтот ќе треба да обезбеди енормни суми на пари, и да го оствари ветувањето што им го дал на инвеститорите дека ќе го задржат својот удел во Тесла „преку создавање на некаков финансиски производ за кој најголемиот дел од експертите тврдат дека не постои.“

Објаснувањето на Маск е дека со повлекувањето од берза управувањето со Тесла ќе биде многу полесно и со помалку проблеми, нешто слично како што е со Спејсикс. Законски ова ќе значи и дека Тесла нема да подлежи на истите финансиски проверки кои мора да ги мине како јавна компанија.

На страна амбициозноста на предлогот, Маск ризикува дека за време на гласањето на акционерите за продажба на акциите, тие да добијат и подобра понуда за компанијата од трета страна, која по закон би морале да ја земат предвид.

За сега најголемо исчекување е Маск да покаже од каде ќе ги најде парите за да го оствари својот план.

9 август 2018 - 16:10