Како Амазон за малку ќе го купеше Нетфликс за бакшиш

1998 година, Амазон се уште е мала и нова компанија (за американски размери), ама Нетфликс е уште помала и понова. Нетфликс во тоа време речиси една година e во бизнис со видео содржини, бизнис во кој Амазон сака да влезе, па овие им изгледаат како одличен почеток.

Вработените на Нетфликс на денот на излегување на берза во 2002

На покана од Амазон, ко-основачите на Нетфликс, Рид Хестингс и Марк Рандолф, и уште неколкумина, се упатуваат во Сиетл во седиштето на компанијата. Амазон во тоа време е компанија тазе излезена на берза, со приходи од 150 милиони долари годишно, и 600 вработени. Седиштето на компанијата, според зборовите на Рандолф, е претрупано со луѓе, бироа, книги и празни кутии, а самиот Џеф Безос е во иста канцеларија со уште двајца.

На состанокот што го имаат, по сите шеги и зближување, тие дознаваат дека Амазон би сакал да ги купи, како дел од нивниот тогашен план за купување неколку мали компании.

Делот во кој се разочаруваат е кога од Амазон им објаснуваат дека ако тоа се случи, „веројатно ќе завршиме некаде на ниски 8-цифрени бројки“. Според Рандолф, ова во бизнисот значи дека бројката ќе биде едвај 8-цифрена, и веројатно ќе биде некаде меѓу 14 и 16 милиони долари.

За Рандолф, кој поседува 30% од акциите, ова и не е така лошо, бидејќи тоа ќе значи 5 милиони долари, за 12-месеци работа, плус дома веќе се појавуваат проблеми со парите. За Рид, кој поседува 70% од акциите, и има инвестирано 2 милиона долара, ова не е доволно. Плус, пред да почне со Нетфликс, Рид ја продава својата претходна компанија „за висока 8-цифрена бројка“.

Анализирајќи ја целата ситуација на враќање од Сиетл, на нив им е јасно дека освен што во тоа време не заработуваат доволно пари, и што продажбата на ДВД-а, а не изнајмувањето, им е главен бизнис, доколку одлучат да го одбијат Амазон, тоа ќе значи дека наскоро ќе треба да се натпреваруваат со него, што значи дека веќе нема да има продажба на ДВД-а, што пак значи дека веќе нема да има Нетфликс.

„Продавањето во тој момент изгледаше како решение за сите тие проблеми - или барем нивно префрлање на поголема компанија со подлабоки џебови,“ објаснува Рандолф.

Од друга страна она што е плус за компанијата, е дека имаат добар тим, имаат функционална веб-страна, работат со неколку производители на ДВД-а, и без сомнеж се најдобриот извор за ДВД-а на интернет.

И Рид и Рандолф некако истовремено се согласуваат дека Нетфликс има вистински потенцијал, и дека може да се направат многу повеќе пари. Ова е и моментот што Рандолф го користи за да му предложи на Рид дека треба да се отарасат од единствениот профитабилен дел од нивниот бизнис - продажбата на ДВД-а.

„Мора да најдеме начин да излеземе од продажбата на ДВД-а. Тоа што истовремено изнајмуваме и продаваме ДВД-а ги збунува нашите муштерии и непотребно ја комплицира целата операција. Ако не се продаваме, Амазон ќе не уништи на секое поле. Мислам дека сега е моментот кога треба да напуштиме. Да се фокусираме на изнајмување,“ објаснил Рандолф.

Малку кошкање и Рид се согласува на ова, под услов претстојното лето да ги добијат инвестициите кои им се неопходни.

Во тоа време, само 3% од вкупните приходи на компанијата доаѓаат од изнајмување.

До крајот на повратниот лет од Сиетл тие веќе се решени дека нема да му се продадат на Амазон, дека Рид внимателно и културно ќе го одбие Безос, затоа што и во иднина ќе треба да соработуваат со него, и дека ќе се фокусираат на изнајмувањето видео содржини.

20 години подоцна Нетфликс ја заврши 2018 со приходи од 15,8 милијарди евра и 154 милиони корисници.

12 септември 2019 - 17:43