Дизни победи во сè

За 71,3 милијарди долари Дизни ја купи компанијата 21 Сенчури Фокс и речиси сè што оди со нејзе.

За овие пари, Боб Ајгер кон портфолиото на Дизни ги додаде филмските и ТВ студијата на Фокс, ЕфИкс нетворк, Нешнл географик, индискиот ТВ гигант Стар Индија и удел од 30% во Хулу (со што уделот на Дизни во Хулу порасна на 60%).

Користејќи ги бројките од фискална 2017, Дизни објави дека новиот имот ќе ги дополни годишните приходи на компанијата со околу 19,3 милијарди долари. Во фискалната 2017 Дизни пријави приходи од 55,1 милијарда долари.

Дизни вети дека со преземањето на Фокс ќе успее да ги скрати трошоците за околу 2 милијарди долари, што според некои аналитичари ќе се реализира со меѓу 4.000 и 10.000 отпуштања.

Зделката прво беше одобрена од акционерите на компанијата, па американското министерство за правда, европските регулатори и кинеските регулатори. Последната дозвола што ја чекаа беше од Бразил и Мексико. За да го пројдат договорот Дизни се обврза да ги продаде своите 22 регионални спортски мрежи во САД, спортските мрежи во Бразил и Мексико, а во ЕУ ќе го продаде својот удел во кабелските мрежи како Лајфтајм и Хистори.

Дизни во 2017 постигна договор за купување на Фокс од 52,4 милијарди долари. Во јуни 2018 Комкаст понуди 65 милијарди долари, по што Дизни даде 71,3 милијарди и го откажа Комкаст од неговата намера.

20 март 2019 - 14:00