Богатите плаќаат данок и тоа многу, ама на приход, не на богатство

Од сите протечени документи се знае како глобалните (карипските) оф-шор капацитети се користат за избегнување даноци, или како милијардерите вадат лични карти од Монако за да се скријат пред должноста да платат данок во своето родно место. Но има и друга страна на даноците, според која богативе сепак плаќаат даноци.

Годишниот даночен извештај на британските власти покажува дека за 2016-17 (последната година за која се достапни податоци) собрани се 174 милијарди фунти данок на приход. Од овие пари 52,5 милијарди фунти, речиси една третина од вкупниот данок, е платен од 381.000 даночни обврзници (доминантно машки) кои заработуваат над 150.000 фунти годишно.

Овие 381.000 поединци имаат платено повеќе пари отколку најсиромашните 20 милиони даночни обврзници.

Од овие 52,5 милијарди од богаташите, 43,8 милијарди доаѓаат од богаташите со живеалиште во Лондон.

Една друга повпечатлива статистика вели дека од лондонските богаташи се собрани повеќе пари отколку од сите даночни обврзници во Шкотска и во Велс, заедно.

Патрик Колисон во Гардијан, објаснува како и покрај ваквите статистики доминантното гледиште е дека богатите не плаќаат данок (без притоа нив да ги жали или да апелира за пониски даноци за нив, напротив):

„Одговорот лежи во фактот што додека сериозно ги оданочуваме приходите на вработените на плата, ние го оставаме огромното богатство на вистинските богатите, од кое голем дел е акумулирано преку придобивки од недвижности, да остане недопрено.

Големиот триумф на богатите е што успеаа да го убедат просечниот човек да гласа против даноци на богатство, како данок на наследство, и данок на имот. Па така луксузна вила од 17 милиони фунти може да доаѓа со неверојатно ниски годишни давачки од 1.400 фунти. Спектакуларниот раст на вредноста на овој имот најверојатно ќе биде ослободен од данок на капитални добивки. Законите за трустови овозможуваат имотот да биде пренесуван од генерација на генерација и да остане недопрен од даночните власти.“

Колисон потсетува дека единствениот вистински данок на богатство во западниот свет е воведен во Франција во 1981. Во 2017 овој данок е укинат од Макрон, заради што тој го добива прекарот „претседател на богатите“.

Токму францускиот економист Тома Пикети е тој што детално објаснува дека западните општества се вратија на нивото на нееднаквост од викторијански времиња, и дека богатството преку наследство е станато главен пат до изобилие. Тој нагласува и дека во годините кога има далеку повисоки даноци на богатство, се истите години кога нееднаквоста драматично се намалува.

9 март 2019 - 22:57