Амазон се откажа од градење кампус во Њујорк

Во процедура која наликуваше на избор на домаќин за Олимпијада, повеќе американски градови се кандидираа и му се нудеа на Амазон кај нив да го отвори својот нов кампус. Победи Њујорк, во добар дел и заради субвенциите од 3 милијарди долари што градот одлучи да и ги даде на компанијата. Вчера Амазон објави дека се откажува од Њујорк.

Седиштето на Амазон во Њујорк требаше да вработи 25.000 луѓе, меѓутоа речиси и да нема некој што не го критикуваше договорот, од законодавци до активисти и синдикати.

По неколкумесечниот притисок Амазон одлучи да крене раце од проектот, што е сериозен удар и за гувернерот на Њујорк, Куомо, и за градоначалникот Де Бласио, за кои носењето на Амазон беше еден од најголемите успеси во нивниот мандат. Овие двајца стоеја зад својата одлука за давање на повластиците и олеснувањата на Амазон, иако тоа создаде жива дебата околу начинот на кој властите ги делат јавните субвенции на пребогати компании и како доаѓањето на Амазон влијае на гентрификацијата на околината.

„Бројни сојузни и локални политичари јасно искажаа дека се против нашето присуство и дека нема да соработуваат со нас на начин кој е потребен за изградба на врска неопходна за напредување,“ се порачува во изјавата од Амазон.

Компанијата одлуката ја носи доцна навечер во средата, откако стануваат „се позагрижени дека отпорот во Њујорк не покажува никаков знак на попуштање додека истовремено го нарушува имиџот на компанијата и вон градот“.

Амазон ги известуваат властите на Њујорк за својата одлука кратко пред објавувањето на истата на интернет.

Градските власти на Њујорк објавија дека градоначалникот Де Бласио се обидел да го добие и да разговара со Џеф Безос, ама Безос не сакал да разговара со него.

Кога Амазон првично го објави конкурсот за нова локација за второ седиште на компанијата (вон она во Сиетл), на него се пријавија над 200 американски градови. За сега Амазон не објави кој град ќе го замени Њујорк.

15 февруари 2019 - 11:43