Зошто НЕ-то на Макрон е првиот чекор кон трајно НЕ

Макрон беше единствен ЕУ лидер кој стави вето на почетокот на преговорите на Македонија за членство во Унијата. И многу е веројатно дека ова вето во блиска иднина ќе остане непроменето.

Одлуката на Макрон инстантно беше осудена од првиот човек на Европската комисија, Јункер, како „историска грешка“, но францускиот претседател остана на своето дека ЕУ треба „да се фокусира на сопствениот дом пред да може да размислува дали ќе прими нови членови“.

„Ова е недоразбирање околу визијата. На правилата за проширување им се потребни реформи,“ изјави Макрон.

Веројатно и „визијата“ е клучната разлика меѓу него и останатите лидери на ЕУ.

„Во Франција постои почитувана традиција Европа да се гледа од перспектива на концентрични кругови, која се среќава уште во времето на претседателствувањето на Франсоа Митеран. Во оваа визија, која Макрон очигледно ја споделува, Источноевропејците се добредојдени да тераат бизнис и да соработуваат со ЕУ, но тие не му припаѓаат на ’вистински европскиот’ внатрешен круг.

На почетокот од 1990-те, соочен со барањата од Полјаците, Унгарците, Чесите и останатите поранешни комунистички нации од Централна и Источна Европа да се ’вратат во Европа’, Митеран претстави план за Европа во која Франција е во сржта на мала и блиску интегрирана западноевропска Унија, која ќе има лабава, базирана на економија, врска со своите источни соседи.

На крај, желбата на Митеран да ги држи нациите на Централна и Источна Европа вон ЕУ беше игнорирана од останатите членки основачи на Унијата. Како резултат на ова, ЕУ се прошири и дозволи повеќе нови членки да влезат во Еврозоната и во Шенген. Последното дополнување беше Хрватска, која неодамна доби зелено светло од Европската комисија да се приклучи кон Шенген,“ пишува во колумната за Ал Џезира, Димитар Бечев од Атлантскиот совет.

Процената е дека ваквата историска подлога, во комбинација со заминувањето на Британија, и дава на Франција можност да го адаптира планот на Митеран на 21-от век.

Макрон и претходно во серија говори изјави дека би сакал да создаде Европа на три нивоа:

- Внатрешен круг составен од осетливо засилена Еврозона;

- Втор круг составен од ЕУ членки на силен заеднички пазар;

- Многу помалку интегриран надворешен круг кој е „унија на вредности, демократски принципи и економски слободи“, кои потенцијално еден ден би можеле да ја вклучуваат Русија и Турција.

„Па што е до Макрон, тој би сакал Македонија и Албанија да продолжат да висат во чекална. Унгарија, Полска и Романија да останат надвор од ЕУ елитата, врзани со еврозоната.

Проширувањето е мртво. Да живее, новата и компактна ЕУ, со Германија како економска локомотива, а Франција на Макрон како стратешки лидер.

Со блокирање на Македонија и Албанија, Макрон ги презеде првите чекори кон постигнување на оваа визија,“ пишува Бечев.

24 октомври 2019 - 11:12