Грција нешто како пак да се преценува

Тазе осоколена од официјалниот (иако не и вистински) крај на финансискиот „пакет за спас“ на земјата, и апсурдно лесни победи во однос на околниот ситнеж, на Грција почна да и станува тешко да ги заузда своите амбиции дури и кога е во прашање Германија, дури и кога се во прашање работи што веќе се затворени со секаков можен тип на договори.

Шпигел објавува дека иако Ципрас сите овие години молчи и го избегнува прашањето на барање репарации од Германија за Втората светска војна, по завршувањето на третиот пакет за спас Атина почнува да презема иницијатива на темата.

Токму во време кога германскиот претседател треба да пристигне во Атина на средба со грчкиот претседател Палвопулос и со премиерот Ципрас, и двајцата грчки политичари почнаа да зборуваат околу репарации.

Според Шпигел ова ќе биде почеток на долга кампања на Грција која би требала да започне во ноември.

Планот е грчкиот парламент да ја прифати ревизијата која е готова уште од април 2016, и според која на Грција и следуваат 269,5 милијарди евра отштета од Втората светска војна.

Во втората фаза Грција своите аргументи ќе ги презентира пред светски организации како Европскиот парламент, Европскиот совет и Обединетите нации.

Во третата фаза Грција ќе ја повика Германија да преговараат околу воените репарации. Се очекува дека германската влада ќе го одбие ваквото барање. И претходно Германците јасно порачаа дека Грција нема никакво право и правна основа да бара отштета од Втората светска војна.

Ако не им излезе ова, Грците наводно ќе го изложат својот случај пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Да, истиот тој Меѓународен суд на правдата.

Пред некое време и Полска почна да жубори на тема пари од војната.

10 октомври 2018 - 12:24