Ципрас се израдува на „историскиот чекор“ на Грција

Колку е таа Грција назад со материјалот, да се чуди човек. Јужните комшии за првпат после еден век ја ограничиле моќта на шеријатскиот закон, па во иднина, на своите граѓани од муслиманска вероисповед, ќе им дозволуваат да се разведуваат и пред нормален суд, а не да мораат да одат кај муфтијата.

Муслиманите во Грција ќе можат да ги средуваат своите семејни проблеми (разводи, наследства, кај кого ќе одат децата...) пред регуларен грчки суд наместо според шеријатскиот закон, како што досега нормирало еден век старото правило на оваа тема.

Премиерот Алексис Ципрас веднаш го прогласи овој чекор за историски и за „проширување на еднаквоста пред законот за сите Грци“.

Досега за овие спорови муслиманите во Грција оделе кај надлежниот муфтија, решение кое по правило завршувало со дискриминација на жената во спорот. 

Ваквото решение е наследство од периодот после Првата светска војна и договорите меѓу Грција и Турција по падот на Отоманската империја а се однесуваа на илјадниците Турци (денес Грци, види погоре кај Ципрас) кои останаа да живеат во рамките на грчката држава. Се проценува дека денес ги има преку 110.000 и живеат главно во сиромашниот и рурален регион на североистокот од земјата, покрај границата со Турција.

Одлуката на грчкиот парламент да ги овласти грчките судови и за муслиманите доаѓа во година во која Европскиот суд за човекови права треба да се произнесе за тужбата против Грција поднесена од 67 годишната вдовица Хатиџа Сали која со години е заглавена во спор околу наследство со сестрите на нејзиниот покоен сопруг.

Таа во една поплака го има добиено случајот пред грчки суд но потоа Врховниот суд на Грција има донесено одлука дека само муфтијата може да го реши спорот.

„Властите решија да сторат нешто само за да ја спречи одлуката на Европскиот суд која е неизбежна“, изјави адвокатката на Сали.

Како Грција стана членка на ЕУ со ексклузивитет на шеријатскиот закон врз некои нејзини граѓани, немојте нас да нè прашувате.