Босна треба да ги прибере своите вдовици на ИСИС

Добар дел од жените кои ја напуштија Босна за да се приклучат на калифатот на ИСИС на крај во најдобар случај завршија заглавени во бегалските кампови на северот на Сирија, дел од нив со деца, а речиси сите без дозвола и можност да се вратат во родната земја.

Босанските власти тврдат дека заради комплексноста на прашањето не можат да спроведат враќање дома на сите свои граѓани кои заминаа во Сирија. Засегнатите роднини тврдат дека властите само се вадат за да го одложат враќањето.

Се претпоставува дека околу 300 граѓани на Босна се имаат приклучено на ИСИС во Сирија, со што земјата е во врвот на Европа по извоз на борци на ИСИС по глава на жител. Регрутирањето на овие екстремисти се одвива преку локални свештеници, социјални медиуми и таргетирани видео кампањи.

Иако до сега се вратени околу 50 луѓе кои се бореле за ИСИС, Босна и понатаму нема програма за де-радикализација на борците.

Во случајот со ИСИС вдовиците, тие тврдат дека не учествувале во борбите во Сирија и дека нема зошто да бидат прогонувани. За вдовиците кои имаат дете, наводно властите прво бараат ДНК тест на децата пред да се донесе одлука за давање државјанство.

Најчесто приказната на вдовиците, како што ја раскажува нивното семејство, е дека тие во 2014/15 го запознале својот сопруг на Фејсбук, по што ставаат никаб (иако никој член на нивното семејство не е забулен) и на кратко живеат со сопругот некаде низ Европа пред да заминат за Сирија. Во еден од случаите за кој пишува Политико, сопругот на 32-годишната Алина загинува во летото 2017, по што таа заедно со своето дете е преместена во посебна куќа за ИСИС вдовици и самохрани мајки. Наводно таа со уште четири жени најмува шверцер кој треба да ги префрли во Турција каде ќе бараат помош од своите амбасади. Шверцерот им бега со парите а тие се оставени во куќа сред сириската пустина, каде се откриени од американски војници кои ги префрлуваат во бегалски камп на северот од земјата. Некои од девојките кои порано се отидени во Сирија, имаат и по неколку бракови во калифатот, заради загинување на актуелниот сопруг.

По процедурата што ја имаат властите на БиХ, откако случајот ќе мине во министерството за надворешни работи тој се префрла во министерството за внатрешни работи, кое мора да испрати претставник во камп во Сирија и лично да ја евакуира секоја вдовица и нејзините деца.

7 ноември 2018 - 13:09