Печен Камембер

Прво и основно правило, камембеР! Знам дека се пишува со Т на крај, но се изговара без него. Исто како што Peugeot е Пежо или Merlot е Мерло. Ова го кажувам затоа што се уште среќавам луѓе што така го изговараат, а не да се правам многу паметна. Good!

Потребни состојки:

  • камембер
  • 30 гр мед
  • китка мајчина душица
  • микс шумско овошје
  • микс јаткасто овошје

Да се вратиме на темата. Ми се најавија гости, немам многу време, сакаме да пиеме вино и да си часкаме (не се оговара во денешно време). Прво на памет што ти доаѓа за комбинација со вино тоа е даска со сирење и некое пршутче. Не можам толку многу да се опуштам со купување на толку многу видови на сирења па ќе направам само едно, но совршено. Од преку 2000 видови на сирење во целиот свет, имаме среќа што кај нас има само 0,1 % и да кажеме дека сум задоволна...НЕ! Како и да е, ја имаме среќата да се запознаеме со познатиот Камембер.

Камембер е меко, кремасто кравјо сирење. Потекнува од познатиот северен дел на Франција, Нормандија. Место со најдобрите остриги што ги имам пробано, и шампањ, и меурчиња и...чекај, не зборам за тоа, назад на сирењето. Првпат произведено од фармерката Мари Харел во 1791 по рецепт на еден свештеник кој во исто време се криел во нејзиниот дом во време на Француската Револуција. Оригиналниот рецепт е со непастизирано млеко, но денеска сите производители користат пастеризирано млеко. Се произведува секаде во светот под исто име бидејќи не е заштитено, но доколку сретнете некогаш Camembert de Normandie тогаш сте наишле на вистинското. Да продолжиме со рецептот.

Чекори за подготовка:

  1. Исецкајте си јаткастите.
  2. Измешајте ги во шеќерот
  3. На хартија за печење ставете го шумското овошје. Кога зборам за шумско овошје мислам на малина, капина и јагода. Најубаво е да се свежи, но може да завршат работа и оние што се смрзнати.
  4. Врз овошјето ставете две три гранчиња мајчина душица

  5. Полијте со една лажица мед
  6. Попрскајте со малце лимонов сок
  7. Врз сето ова ставете го Камемберот
  8. Повторно мед и малку лимонов сок врз него

  9. Додадете ги сецканите мешунки
  10. Печете го 12-15 минути на 200с

Послужете со крекери и не го заборавајте виното. Уживајте!

 

:

20 ноември 2015 - 21:11