Реакции на читатели

За и против неутралноста

На писмото "За сечие право на збор, така?" кое ја начна темата за определените и неутралните, ни стигнаа три реакции. Едниот читател (писмото со метафората за жабата) е против неутралноста, вториот укажува дека неутралноста на значи рамнодушност а третиот го отекле неутралните со седење дома па ги повикува да направат еден свој масовен протест. Ете ги понатаму сите три мислења, интегрално.

Здраво Трендо

Бидејќи и самиот наслов наведува на тоа, а знаејќи те и тебе дека објавуваш спротивставени мислења на иста тема, испровоциран од текстот на Дејан Р. но и од други наши „гастербајтери-неутралци", те молам да го објавиш и мојов одговор на тема „неутралност". Се потрудив да го склопам и притоа да биде конструктивен и коректен кон сите, па се надевам дека ќе го објавиш.

срдечен поздрав
Александар

Сакам да коментирам околу неутралноста, бидејќи не се сложувам со тој став применет на оваа наша ситуација.
Не случајно, според мене, луѓето што живеат надвор од државава (како Дејан Р., писателот Горан Стефановски и други), го претпочитаат овој став. Можеби и јас ќе го имав да бев на нивно место и тргнувајќи од тоа, не велам дека сам по себе е погрешен. Погрешна е неговата примена за овој наш моментален контекст.
Но бидејќи не сум на поудобно место некаде надвор (за жал или среќа), еве ќе направам аналогија со приказната за жабата што седи во вода која полека се загрева. Таа е метафора на народот која еднаш на 4 минути бира кој ќе дојде да ѝ ја загрее водата (бидејќи не ѝ се седи во ладна вода), а власта е таа која одредува до која температура ќе ѝ ја загрее во рок од тие 4 минути (метафора за 4 години мандат). Ако власта „нема осет" или има крајно себични побуди (на пример, да јаде жабја чорба), ќе ѝ ја намести температурата на 100-ка (вриење).

Да претпоставиме дека имаме 2 жаби – едната незадоволна од моменталната температура, а другата задоволна. На втората можеби кожата ѝ е подебела или стравот од непознатото ѝ е поголем од моменталниот с'клет, или пак толку е самоуверена во своето задоволство, да не им верува на сопствените сетила.
Во одреден момент пред водата да дојде до точка на вриење, да речеме 90 или 95 степени (зависно од нејзината „отрпнатост"), на првата жаба веќе толку ќе ѝ стане неподнослив с'клет што ќе проба да направи се' што ѝ е во можност само за да се спаси дури и по цена на ризици за себе (каде ќе скокне и падне, дали ќе преживее, дали новата средина ќе ѝ одговара ...). Втората жаба ѝ е лута и ја одвраќа од такви активности, зашто би имало опасности и за неа од сето тоа. Таа е толку моментално задоволна што би ја избрала истата власт и за следните 4 минути.

Е сега, луѓето кои живеат надвор од државава, во прикаскава би биле жаби-набљудувачи, однадвор. Тие не можат да видат на колку е наместена температурата за тие 4 минути (аналогија на тоа дека не се ниту може да се толку упатени „од надвор" како кога би живееле во „кујната" на власта), а се разбира не знаат ни како точно се осеќаат жабите внатре.

Гледајќи ја првата како почнува да се грчи и мачи по секоја цена да излезе, додека втората ужива, и гледајќи го тајмерот кој покажува да речеме, 3 минути, ќе се чудат зошто првата жаба сака да излезе по секоја цена (така ризикувајќи многу „непознаници" за неа) кога може да се стрпи уште 1 минута, па следниот што ќе дојде да ѝ ја намали температурата на поподнослива. Истотака се чудат како втората може да е толку искулирана, зашто претпоставуваат / знаат дека нешто не е во ред со температурата.
Меурчињата што се појавуваат во вода која врие сеуште ги нема зашто температурата сеуште не е 100-ка, па жабите-набљудувачи немаат никакви вистински индикатори (ни објективни ни субјективни) за итноста на моменталната ситуација. Се водат од сопствената интуиција, ум и разум, кои сепак не се доволно меродавни дури ни по основното правило на квантната механика, бидејќи тие не се „составен дел од системот". Од нивна гледна точка, не е добро да си ни првата жаба, која е премногу „напната", ни втората која е премногу „искулирана". Спасот го гледаат во меѓусебен договор на жабите кои потоа во „нормални околности" (по истекот на 4-те минути) заеднички би одлучиле за нивната натамошна судбина. Арно ама не знаат дека судбината ќе им заврши пред истекот на 4-та минута.

На крај, главното – прашањето за неутралноста – ако првата жаба реши да ја послуша втората (како и набљудувачите однадвор), и се стрпи барем до истекот на 4. Минута (и покрај сè што осеќа на своја кожа, сè што можеби знае или претчуствува), дали тоа ќе ѝ значи нешто откако, заедно со втората, ќе бидат претворени во жабја чорба?

********************************

Знам дека не сум единствениот со мислење за скорешниве случувања, но бидејќи имам мислење, имам право и да го кажам. И пред да почнете да ја обојувате оваа мала страничка со боите на партијата која што мислите дека ми го испрала мозокот, сакам да потенцирам дека ова е мое мислење и не е напишано со цел да ја поддржи било која страна.

Од целава ситуација со политичкава „криза" (подоцна ќе ги објаснам наводнициве) најмногу ме нервира тоа што не можеш да имаш свој став, не можеш да имаш свое мислење, не можеш да не бидеш на ниту една страна. Ако ги критикуваш едните, тогаш си од кај другите. Без разлика на мислењето, без разлика на целта на која служи, без разлика на идеити кои ги поддржува, човек не може да биде само човек, мора да биде или ВМРовца или комуњар. И тоа според мене е поголемо уништување на слободата на мислата и говорот отколку владиното уништување на таквите слободи и големата иронија е тоа што е предизвикано од обичниот народ, а не од владата.
И сега (опозиционите) протестанти се борат за промени, но какви промени? Промени што ќе го подобрат животот на сите граѓани на државава или само животот на тие што ќе добијат моќ? И јас сум за промени, и протестирам за промени, но не такви какви што едните сакаат да предизвикаат и не такви какви што другите сакаат да спречат. Ако се смени партијата која ќе биде на власт, нема да се смени ништо, само „задникот" што ќе седи во главната фотеља.

И додека ние си ги вадиме очите за тоа која страна повеќе ни одговара, вистинските проблеми си остануваат и само си се таложат. А се таложат затоа што ниту едните ниту другите ги интересира добросостојбата на народот, тие само си ги гледаат своите интереси. И ниту едните, ниту другите се подобри; И двете партии: се служат со (нелегално) прислушкување, вршат притисок, уценуваат, вработуваат партиски, носат луѓе со автобуси за да направат толпа, ги навредуваат луѓето што немаат исто мислење со нивното, бараат начин да ги оцрнат противниците наместо да се обелат самите (со што се добиваат две црни опции, со мали нијанси во црнилото)...

Ин д минтајмн...

Правата на работниците се скоро како во робовладетелско општество (работат дополнителни неплатени сати, работат во лоши услови, работат во куќите и викендиците на газдите, постојано се психички малтретирани и навредувани и сето тоа за минималната плата од која дел треба да им вратат на газдите).

Минималната плата е вистина минимална. Човек не може да се издржува со 8000 денари месечно.
Државното здравство е во очајно лоша состојба. Без разлика дали причината е немањето на опрема или докторска негрижа, поголеми ти се шансите дополнително да се разболиш отколку да оздравиш (секој месец има по некој скандал и никој не се загрижува за тоа, само сме среќни што не ни се случило нам, а националните телевизии одвојуваат по 30 секунди за тие случаи, додека „еден политичар" пред некој ден зборуваше половина час за цвеќињата).

Образованието не би можело да биде полошо (постојат наставници и професори што гледаат порно филмови на компјутерите со кои требаше да се олесни наставата или гледаат коли и мотори на локациите за продажба, додека учениците остануваат со истото знаење кое го имале и во 6-то одделение). Високото образование никогаш не било пониско. Студентите трошат многу пари и време за образование и дипломи што на никој начин нема да им го променат животот, освен што ќе им го направат разочарувањето поголемо. Со тоа што високото образование е направено подостапно за сите, толку многу изгуби на вредност што е непосакувано од сите. Ниту екстерните тестирања нема да променат ништо. Затворање на дисперзираните студии, приемен испит и високи критериуми се основните работи што му требаат на високото образование (едно не сфаќам; кога протестираа студентите против екстерното тестирање, бараа автономија за универзитетите. Ако никој не се меша во работата на факултетите, ако нема надворешна контрола, тогаш професорите се богови со неограничена моќ врз студентите. Како е тоа корисно за високото образование? Но, тоа е друга тема, нема сега да се впуштам во тој правец).

На патиштата секоја година умираат по повеќе од 100 луѓе и сеуште се во лоша состојба. Додека студирав во Скопје ниту еднаш не се возев со автобус поради тоа (наместо, ја одбрав „подобрата" варијанта: три часовен пат (ако беше се' во ред) со воз без парно, на -20 степени).

Инвестициите во спортот се многу мали, а корупцијата многу голема. Мислам дека тие две работи треба да си ги сменат местата (познавам врвни фудбалери што сега работат како плочкари и молери, затоа што кога го постигнале врвот на својот потенцијал и имале желба да тренираат за фудбалската репрезентација, им биле побарани „страшни" (нелегални) пари само за да добијат шанса да „потрчаат" со големите момци).

Јас протестирам за овие работи, работи што се од јавен карактер, работи што им се потребни на сите. А за работа сам ќе си најдам, не ми треба партија да ме вработи.

Пред да заборавам, да се објаснам што мислев со наводниците за кризата на почетокот: Според мене оваа ситуација не е криза. Државата вака би требало да функционира. Опозицијата да врши притисок, власта да прави што е можно повеќе за да го задоволи народот. Дури и премиерот сам си го призна тоа: „Бомбите на Заев не направија ништо, само не' натераа да се мобилизираме...". Што значи тоа? Дека до пред бомбите си спиеја мирно, па сега мораа да се мобилизираат и да сработат нешто? Во тој случај „бомбите" имаа некаков успех, успеаа да издејствуваат нешто, иако тоа нешто е основно право на секој граѓанин, сепак кога е запоставено го сметаме за придобивка. И затоа не сакам да се смени власта и затоа не протестирам против нив, ниту ги поддржувам другите. Затоа што ако дојдат другите на власт, ќе биде исто, погоренаведените проблеми ќе останат, само бојата на знамињата ќе се промени. Не, затоа сакам кризата да остане, опозицијата да ги бара грешките на власта, а тие пак да му се „омилкуваат" на народот за да останат на власт. Така сите би имале некаква придобивка (барем се надевам дека би било така).

За крај, политичарите велат дека „Неутралноста е најголемо зло". Изгледа неутралноста ја мешаат со рамнодушноста. Рамнодушноста, навистина е најголемо зло, значи дека немаш мислење и дека не се ни замараш за да имаш, но неутралноста е нешто друго. Ако не се согласуваш со нив си дел од злото, само затоа што немаш исто мислење со нив, но тоа не значи дека немаш мислење. Уште повеќе, неутралноста би требало да биде поценета од обоено политичко мислење, затоа што е нечие лично мислење, непредизвикано од нечија пропаганда, низвалкано со нечиј грев, несоздадено за личен интерес. А таквото мислење е непријател за политичките партии, бидејќи не можат да го претворат во глас.

Јосиф Трајкоски – Бруцош на „Факултет за Свое Мислење".


*********************************

Прво и основно ни јас не сум партиски определен ниту живеам во Македонија веќе подолго време. Не сум гласал од 1998 и не се чуствувам упатен да им ја одредувам власта на луѓето кои живеат во Македонија, а и искрено не сметам дека има политичка опција којашто го заслужила мојот глас.

Ама ова неутралниве отекоа више.

Во среда, 20 мај, објави писмо од читателот Дејан Р. па реков малце да реагирам. Дејан Р. е во право кога пишува дека Заев не бил Че Гевара. Че Гевара бил, додуше, револуционер, а како што и самиот Дејан Р. тврди -- во револуциите се гине. Но неговото предупредување да мислиме со кого излегуваме на протест е она најодвратното во оваа нова и сега веќе практички легендарна македонска неутралност.

Неутралните денес не разбираат дека да се возиш во автобус не е исто како и да лижеш сладолед. Ќе се вратам на ова. Неутралноста е, демек, да мислиш со своја глава. Во нашиов контекст испаѓа дека неутрален е оној кој сам си носи заклучоци и не чека од штабот (на било која партија) да му јават што да мисли. Мојот прв проблем со таквите неутралци е што се утепаа седење дома. Не дека се кријат туку им е под ниво да се акаат по улици.

Каде се, бе, неутралците да си направат еден свој масовен протест? Да кажат ни едните не се добри, ни другите, ние сме граѓаните кои не се партиски определени, ние на избори гласаме раз-двас-трас или ич не гласаме ама еве сме волку и волку на број и ова се нашите ставови. Не треба да протестираат секој дене туку сега, деновиве, кога „едните" и „другите" се на улица и кога таа легендарна неутралност има смисла.

Друго е што никогаш ништо не биднало подобро со помош на неутралноста. Нити еден чекор напред во историјата на човештвото не е постигнат со бивање неутрален. Никс. Зилч. Нада. Нијенте. Понатаму, самата неутралност не е некоја доблест. Се чини дека е така бидејќи членувањето во партија слови за нечистотија деновиве, но, ако ти е врв на постигнувањето што не си ни од едните ни од другите, тогаш си, извини, ист како и едните и другите. Нивно единствено постигнување им е тоа што се во некој од таборите. Твоето е што не си во нивните табори. Лесно е да се прогласиш за неутрален. Исто како што е лесно да се прогласиш за сдсмовец или врмовец. Со самото прогласување ништо не си направил.

Ама чекај, бе, дечко, па зошто мора нешто да направиш? Е тука сега доаѓаме до автобусот и сладоледод. Некој сака сладолед од чоколадо, некој од јагода, некој не сака сладолед. Овој што не сака може себеси да се нарекува неутрален до задутре. Потполно ирелевантно. Може да се нарекува и Џедај. Проблемот е што кога се возиш во автобус и шоферот и кондуктерот се тепаат кој да вози и ќе го счукаат автобусот негде па ќе селиш у вечни ловишта заедно сосе сите други во автобусот џабе си се прогласил за неутрален.

И додека општеството не е сладолед политиката е апла автобусов. Заев и Грујо се тепаат, се влечкаат по под, се скубат, викаат и пцујат мајки, воланот шантра и автобуост пичи кому иде но, чим некој стане да му помогне на Заев, еве ги неутралните кои урлаат дека кондуктерот бил еднакво лош возач како и шоферот. Абе ајвани едни на избори и на протести не се излага за да си бирате другари за сервис пред зграда.

Кога ќе видиш како Пемба со „говнарска цевка" млати некој стуткан на тротоарот не си подобар од нив ако свртиш глава и кажеш нивна работа. Можеби си неутрален ама и понатаму си ѓубре.

Камо да излезевте со вашите неутрални знамиња и неутрални пораки и барања, со вашите неутрални лидери и неутрални визии за тоа кај да идеме со автобусов. Камо да кажевте неутрални сме бидејќи сакаме прогрес кој нема да ни го одработуваат заевци и груевци. Да артикулиравте две мисли, не повеќе, за тоа каква земја сакате и да покажевте зошто ни едниот ни другиот во таа визија немаат место.

Мартин Лутер Кинг рекол дека најжешкиот дел од пеколот е резервиран за оние кои остануваат неутрални во времиња на големи морални конфликти. Пази, вели човекот оние кои „остануваат неутрални". Значи оние кои биле пред конфликтот и останале неутрални. Кои во тој конфликт не виделе причина да заземат страна.

Е, арно ама, не е Мартин Лутер Кинг Ганди па да застанеш зад него и неговите идеи.

Поздрав,

Марјан Алчевски

(не сакам да бидам анонимен ниту полуанонимен)

21 мај 2015 - 12:41