Писмо до Горан Трајковски од УЈП

Не сме сите лопови и преваранти. За чудо има маѓу нас и поштени и искрени и почитувани како чичко Али. Знам дека сега стапот е во ваша рака, и кај што има сила - нема правдина, дека секој си крои со свој аршин. Ако е до 750 евра - лесно ќе ги собереме, ако сакате беља - во овие денешни времиња бељи насекаде.

До Г-дин Горан Трајковски
Директор на Управа за Јавни Приходи

Ова го пишувам затоа што нешто доста изненадувачки се случи пред некој ден, па сакам да споделам. Тамам од гужвиве и нервозите од секојдневието, откинав парче време да можам да одам на бербер, кога видов дека мојата маалска берберница „Фризура"е затворена. За мене ритуалот одење на бербер е многу важен, бидејќи само тогаш, тој еден час време, никој, ама баш никој не допира до мене и уживам во берберлакот.

Видете, фактот дека нешто е затворено и не работи и не е толку чуден факт, но кога тоа се однесува за берберницата во Аеродром на чичко Али, тоа е доста чудно. Јас веќе 30 год. живеам во Аеродром и таа берберница е секогаш отворена! Освен можеби кога ги чествуваме нашите големи празници. Но во обичен ден - уште од рано наутро чичко Али прв го отвара дуќанот. И така веќе 25 год. Се до пред неколку дена кога видов на вратата пломба од Министерство за финансии и УЈП.

Се чуствувам повикан да образложам малку за мојата берберница, за чичко Али и синовите и мајсторот и за беберскот занает.

И јас и чичко Али е член на Аеродром. „Фризура" е единственото место каде може човек да поверува дека мултикултурализмот и мултиетникусот кој го пропагира и оваа Влада, а и братството и единството од предходната гарнитура, навистина постојат и не прават подобри и поразлични. Дуќан со бели плочки, преполн со слики од старо Скопје, најмеките берберски столови - нормално во црвена кожа. Многу слики од сегашни и поранешни познати македонци и аеродромци тука ги красат ѕидовите во друштво со најшашавиот ценовник неколкупати објавен по медиумите. Можете да го сретненете другарот Тито, Никола Груевски гушнат со малскиот другар на Али на кој Бранко коментиташе за жената, чичко Ацо - бог да го прости, тренерот на Фенербахче или Галата( не сум сигурен) на маса со синовите на чичко Али у кафеаната на Ѓоре итн. На ѕидот има неколку македонски знамиња, старо - ново па постаро, пофалници за берберницата од полиција, од граѓаните, исечоци од весник како мајстор Али гаси автомобил со кока-кола и спасува луѓе, итн. Место полно со мир, спокој и маалски муабет. Место каде што можете стварно да ја осетите традицијата на берберскиот занает, мирисот на турски лимон и духот на Фигаро од онаа операта. Тука доаѓаат луѓе и што не се шишаат и не се бричат. Доаѓаат и на чашка муабет, да се чуе што има ново во маалото во Аеродром, во светот. Да украдат некоја мисла, некоја утакмица за кладилница, да видат кој до кај е, и како е! Има едни во Аеродром што ми ставаат весник од општината пред врата што не ги знам. Ама во општинскиот весник неколкупати ја имаше Фризура, мајстор Али прав даде попуст за пензионери од 20% па и во Пензионер го имаше. Тука: можам да претпоставам на Лазар Еленовски на шишање му дојде идејата за нова партија, гарант некој дел од буџетот го среди Никола Поповски (бивш министер за финансии), тука мислам дека и Влатко Ѓорчев направи севте на фризурата, тука се шишаше и бричеше Г-дин Стефан, па Г-дин, Г-дин Стефан. Сега за еден од синовите кола пристигнува и оди до Г-дин Г-дин Стефан. И не само кај него, туку и кај еден број постари изнемоштени и болни лица кои не можат да се симнат до бебрерница. Така „Фризура" придонесува за заедницата, за граѓанството, и во тој дух и неговите синови се одгледани да работат. И Ајдар -помалиот, кој почна од чирак, па калфа, па бербер и Февзи кој е единствениот стилист меѓу берберите - Бечка школа руски смер, како што знае да се пошегува Мајстор Африм (по кратокиот курс во Виена).

Сакам да кажам, личности, занает, а пред сè луѓе, кои се за пофалба и за благодарност од граѓаните и Државата.

За историјата можам само еден извадок кој кажува се' :

'Barbering was introduced to Rome by the Greek colonies in Sicily in 296 B.C., and barber shops quickly became very popular centres for daily news and gossip. A morning visit to the tonsor became a part of the daily routine, as important as the visit to the public baths, and a young man's first shave (tonsura) was considered an essential part of his coming of age ceremony.'

Тоа е мојот маалски бербер - прототип, еталон за единица бербер! И јас мојата 'tonsura' ја доживевав во Фризура.

Можам да гарантирам дека Чичко Али секоја ишишана глава и секоја избричена брада ја пријавува во УЈП, иако сите му помагавме да научи да куца на фискална. Дека не само на оваа Влада, туку и на претходната па и на претходниот режим, а како што сме муабетеле уште од турско сигурно плаќал десеток неговиот дедо или прадедо. Еснаф човек е еснаф за цел живот, така стануваш и отвараш дуќан - така затвараш и легнуваш.

Ве молам доколку сте во можност да се интервенира од Ваша страна, и веднаш да се овозможи берберницата да се отвори, дека чичко Али не збори повеќе, не го гледам повеќе, може да се разболи човекот. Еееј! Дуќан со традиција од Турско не се затвара дека фискалнте кои што се куцани биле куцани по ред на 2 мин. и инспекторот да прокоментира дека никој не може да шиша толку брзо. Не може да се шиша за толку брзо- неук еден, може да му кажете на инспекторот: толку време му треба на чичко Али да искуца една фискална дека не гледа, дека е во пензија, или дека отишол кај татко му или кај татко ми дома, да го ишиша или избричи дека тој не може да се симне или да помогне на некој па не ги искуцал фискалните на време. Проектирањето на сопствените особености и одлики, не поминува секаде. Не сме сите лопови и преваранти. За чудо има маѓу нас и поштени и искрени и почитувани како чичко Али. Па нели најблиску до бога е прошката.?

Знам дека сега стапот е во ваша рака, и кај што има сила- нема правдина, дека секој си крои со свој аршин. Ако е до 750 евра - лесно ќе ги собереме, ако сакате беља - во овие денешни времиња бељи насекаде.

Само да потсетам: 'Kолце - тркалце' или каажано маалски, 'what come around goes around'. Да не беа берберите - сите ќе бевме Барбари !?

Дејан Т.

 

4 октомври 2013 - 18:35