Судијата кој многу многу не ги есапи тениските ѕвезди

Португалецот Карлос Рамос е жртва на неговите попустливи колеги кои им дозволуваат на тениските ѕвезди со нивното однесување да покажат дека судиите се никој и ништо и дека можат пред нив да ги кршат правилата на теренот.

Откако го искористи правото после три опомени да и одземе поен и гем на Серена Вилијамс, Американката збесна и го обвини главниот судија за сексизам и лаги.

Го обвини за кражба иако попаметно ќе беше да го преиспита своето однесување на теренот каде 20-годишна тенисерка од Јапонија ја збриша од теренот за на крај Серена да и ја упропасти победата и индиректно да ја расплаче на доделувањето награди (преку 20.000 гледачи свиреа и урлаа против организаторите и судиите).

***

Карлос Рамос е роден во 1971 година а на меѓународно ниво почнал да суди на 20 години. По негово кажување, тој не бил ниту лош тенисер во клубот каде тренирал и никогаш не помислил дека ќе стане судија.

Но едно негово сеќавање е поврзано со судиите: во 1986 година португалските коментатори гордо објавиле дека на полуфиналето на Вимблдон меѓу Иван Лендл и Слободан Боба Живоиновиќ ќе суди нивен сонародник. После неколку одини во Лондон првпат судел тениски меч и самиот Карлос.

Виша судиска лиценца добил во 1994 година и од тогаш станал еден од најдобрите арбитри на светот: судел на финалиња на сите Гренд Слемови (прв му бил Australia Open 2005 меѓу Сафин и Хјуит), судел финале на Дејвис Куп, на Куп на Федерации и Олимпијада 2012 во Лондон.

За еден од неговите најголеми моменти во кариерата, Португалецот го смет пет-сетното финале на Вимблдон 2007 кога Федерер го победи Надал. Во историјата на легендарниот Вимблдон овој меч стана култен: тоа беше прво машко финале веднаш по воведувањето на видеоповторување Hawk-Eye и меч на кој Роџер се бунеше за една судиска проценка:

„Како побогу овој удар може да биде во терен? Hawk-Eye ме уби мене“, Федерер барал да се исклучи новиот систем а Рамос очекувано одбил.

***

На прашањето за тоа што е најважно за еден судија, Рамос одговара дека тоа е способноста да се носат исправни решенија и способноста да се носи со притисокот.

За време на расправијата со него на US Open, Серена му се заканувала дека тој веќе нема да суди на нејзините мечеви. Но Португалецот пребродил далеку посериозни моменти како на пример оној кога Рафа Надал јавно говорел како не му се допаднало тоа што судијата Рамос на Ролан Гарос 2017 го предупредувал за задржување време и за комуникација со подтрибинскиот простор.

„Овој судија како да ги лови сите мои грешки. Таков впечаток имам“, рекол Надал на прес-конференција подоцна. Во тој момент Шпанецот знаел дека Рамос ќе му суди пак до крајот.

А чичко му на Надал и негов личен тренер до минатата сезона, не го сака Португалецот уште од 2006 година. Тогаш во полуфиналето на Ролан Гарос Рамос го предупредил Надал за задржување време а барал и од неговиот агент на трибините да биде потивок.

Тогаш Тони Надал рекол дека судијата постојано ја провоцирал нивната страна и дека постојано им праќал остри погледи. Рамос не трпи непочит и агресија од тенисерите. На Ролан Гарос 2017 го опоменал Новак Ѓоковиќ дека задржува време а потоа и дека пцуел на српски јазик како и дека замавнал со рекетот кон него:

На Олимпијадата 2016 Рамос го предупредил Енди Мареј кога овој почнал да зборува за „тупаво судење“. А на Ролан Гарос 2016 го предупредил Ник Кирјос за тоа што му се издрал на детето задолжено за топчиња.

Австралиецот со грчко потекло потоа го обвинил Рамос за двојни стандарди затоа што две недели претходно во Рим ништо не му направил на Новак Ѓоковиќ кој му „мавтал со рацете додека судијата барал да се игра а Ѓоковиќ не сакал затоа што врнело многу и можеле да се повредат“:.

На Вимблдон годинава Рамос го предупредил Новак за фрлање рекет во четвртфиналето против Нишикори. Ѓоковиќ после тоа го обвинил португалскиот судија за необјективност: „Двојни стандарди, мој пријателе. Двојни стандарди!“, само затоа што Рамос не реагирал кога Јапонецот го фрлил рекетот.

Во 2016 се спорел со постарата од сестрите Вилијамс, Венус која исто како Серена тврдела дека игра чесно и дека не се договара со штабот. А во четвртфиналето на Ролан Гарос годинава исто предупредување добиле уште и Ѓоковиќ и Марко Чекинато.

Сиве овие примери се доказ дека Серена Вилијамс не е во право кога го обвинува Рамос за сексизам и дека има нешто лично против неа.

****

Многу експерти, новинари и навивачи му замеруваат на Рамос тоа што тој дејствува жестоко. Сметаат дека не требал да и одземе на Серена гем во вториот сет против Осака во финалето, туку да се обиде да ја успокои, да ја смири и да не прави дополнителна тензија.

Но на крајот од краиштата, Португалецот не направил ништо што би можело да се претстави како пречекорување на овластувањата.

И тој не е обврзан да потсеќа на правилата тенисерка која професионално игра 25 години.

Рамос стана жртва на своите колеги кои трпат од играчите многу работи и им дозволуваат да ги прекршуваат правилата. Поради неговата строгост го прогласуваат за сексист, за тиран кој сака да привлече внимание врз себе.

За парадоксот да биде поголем, официјалните лица на WTA уште не се огласиле за скандалот, а директорката на Американската тениска асоцијација (USTA), Кетрин Адамс после финалето соопштиле дека „Серена секогаш игра со достоинство и дека е предмет на наша гордост“.

Ниту еднаш никој не зборувал за проблемот кој го направила Вилијамс туку сите без полемика застанале на нејзина страна.

Според ова Серена даде знак дека судиите се никој и ништо и дека на теренот може и да не ги слушате. Од друга страна за нејзиното однесување се предвидени парични казни и суспензија, а Серена денес добила казна од 17.000 долари за инцидентот.