Оффнет сторија

Последната борба на Маријан Бенеш

По безмалку 500 настапи во рингот, Маријан Бенеш, деновиве ја боксува својата последна рунда, од финалниот меч на животот.

Пишува: Ноне Абрашева Ноциќ

Тешко се движи, тешко зборува, тешко дише, тешки му се рацете искршени на 26 места, тешко гледа без едно око... „Боксува“ против Алцхајмер, против Паркинс и против речиси целосно зачепената вратна артерија што му го храни мозокот. И тоа го прави тврдоглаво, достоинствено и упорно. Ако отиде на операција, голема е веројатноста дека ќе добие мозочен удар. Ако не отиде - ќе се случи истото! Марио го одбра второто. Седи кротко и опуштено, речиси предизвикувачки, најчесто на троседот во станот на својата поранешна сопруга во Бања Лука, - градот од кој никогаш не се откажа! Тивок е и смирен, како да го чека последниот удар на гонгот, за конечно да ги симне боксерските ракавици од своите раце. Најчесто, ги одбива лековите кои го одржуваат во живот. Налутено ќе опцуе, ќе одмавне со раката и тогаш, стануваат попусти сите молби и убедувања. Набргу потоа, повторно потонува во својот свет...

За двократниот европски боксерски шампион, некогашниот спортски коментатор Драган Никитовиќ ќе рече: „Бенеш е најголемиот трагичар на нашиот ринг. Самоуверен и храбар до беззумие, му веруваше само на својот удар, заборавајќи го старото боксерско правило дека секогаш доаѓа некој посилен! Ништо не можеше да го сопре, ни кога се стремеше вртоглаво кон височините, ни кога почна стрмоглаво да паѓа.“

Долго години по овој коментар, Стана,- жената од која Марјан се разведе пред 23 години, но која сега посветено го чува и се грижи за него- ќе го праша нешто што би посакал да го знае и секој искусен новинар: кога би можел да се вратиш во минатото, вкусувајќи ја сега својата старост и болестите предизвикани од боксот, што би направил? Одговорот, за оние кои добро го познаваат е повеќе од очекуван: Ништо не би променил! Боксот бил и останал, неговата најголема љубов, смислата на животот, неговата страст!
 
Балканскиот Роки Балбоа
 
Маријан е роден во Белград во 1951 година, како најмало дете во семејството на просветни работници. Неговата мајка е учителка, а татко му е професор по музика. Иако бил одличен математичар, на инсистирање на родителите во Тузла каде се преселиле, завршува нижо музичко училиште и учи да свири на клавир и флејта. Неговите браќа Анте и Јосип, тренираат бокс, а Ивица иако најсилен од сите, никогаш не се соочил со рингот. Маријан почнува сосема случајно, откако како десетгодишник ќе го нокаутира 18-годишниот, веќе искусен боксер од Тузла.

Роден со животински рефлекс, железни мускули и романтична душа, на овој нетипичен боксерски ас, судбината му била предодредена: со неполни 16 години заминал во Бања Лука, како штитеник на локалниот клуб „Славија“. Трчал по 30-40 километри дневно и два пати се јавувал на тренинг. За него не постоело ништо друго освен боксот. Фанатично бил посветен на благородната вештина, која во тие години во поранешна Југославија го доживувала својот најголем подем.Трчале со него децата покрај брегот на Врбас, а десетици секојдневно ги гледале неговите спаринзи... Се ределе борби, а Марио од меч во меч го потврдувал своето убиствено кроше. Ниту публиката која во седумдесетите живеела за, и со клубот „Славија“ во Бања Лука, ниту тренерите не можеле да заклучат – со која рака челичниот Бенеш удира посилно?!
 
Како репрезентативец на Југославија, во Белград 1973 година, Марјан станува аматерски европски првак. На 22 години му се отвораат портите кон блескава кариера, но судбината има поинаква намера. Се разболува од жолтица и секој понатамошен напор преставува ризик по неговиот живот. Матичниот клуб ги стопира и ги забранува неговите борби, но тврдоглавиот шампион, своеволно ја напушта болницата и бара лек во алтернативната медицина. Само по две недели тој повторно се враќа на дневната рутина од истрчани 40 километри, но за тренерите и челнците на „Славија“ веќе е „поранешен спортист“ и прерано загубена боксерска надеж.

Несуден светски првак
 
Соочувајќи се со очајот, побарал помош од својата сестра Љиљана која живеела во Германија. И ја добил. Така почнува соработката со боксерскиот менаџер Вили Зелер, со кој ќе ги доживее моментите на најголема слава, но и најголемите разочарувања. Во 15 последователни борби Бенеш остварува 14 победи, а две години откако станува професионален боксер му се исполнува и најголемиот сон. Во салата Борик во Бања Лука,(1979) пред илијадниците негови обожаватели кои скандираат и пеат во негова чест, влегува во рингот со французинот Жилберт Коен. По серијата „кафански“ крошеа во четвртата рунда на противникот му одбројуваат, а Маријан се запишува во легендите на југословенскиот и европскиот бокс.
 
Следат четири одбрани на европската титула, но и шансата да се боксува за светскиот трон, на чие чело тогаш цврсто е закотвен боксерот од Бахамите, Елишa Обед. Го добива тој меч. Го победува, единаесет години непобедениот! Но, судбината повторно е на потег. Непосредно пред мечот неговиот менаџер Зелер, ја повлекува котизацијата неопходна за официјализирање на мечот, не верувајќи ни самиот во способностите на својот штитеник. Светската боксерска федерација одбива да го регистрира мечот за светската титула, поради сериозниот административен пропуст. По ова, како се да тргнува низ удолнина.

Во мечот против порториканецот Синди Торес, тој се здобива со тешка повреда на окото и завршува на операција во Германија. Му советуваат да престане со боксот, но Бенеш не сака ни да чуе. Продолжува да ги крши и туѓите и своите коски, не признавајќи ни пред себе, ни пред другите дека не гледа! Европската титула ја губи од Ајуб Калуле на мечот одржан во Данска. Продолжува да боксува во својот специфичен стил, со спуштен гард и неверојатна храброст, поради што во тогашните медиуми е нарекуван коцкар во рингот. Во 1983 година не слушајќи ги советите од лекарите, влегува во дуел со Луис Минчила и дефинитивно останува без левото око. По 272 добиени и 16 изгубени борби во аматерскиот и 56 добиени мечеви, а само 5 загубени во професионалниот бокс, по освојувањето на титулите најдобар спортист на Југославија во неколку наврати, по учеството на олимпијадата во Монтреал, по титулите аматерски и професионален европски првак и неслужбен светски шампион, конечно и се гледа крајот на една витешка и спортска кариера.
 
Шампионите немаат националност
 
И во приватниот живот на харизматичниот Маријан, има материјал за неколку долгометражни филмови. По овој принуден крај, во времето кога шампионот се откажал од професионалниот бокс, тој се вљубува и се венчава со нишликата Стана, со која ги добил ќерките Жанет и Маријана. Но, и тогаш бил со веќе видливо нарушено здравје: по малку заборавен, со забавен од, зарипнат глас, без едно око, со џумки на рацете... Таков отсекогаш го паметат неговите девојчиња. И самите тие, најблиските, не сакале низ годините да признаат дека неговата здравствена состојба, полека но сигурно се влошувала. Зад себе веќе имал еден неуспешен брак што траел само неколку седмици, и уште две деца - ќерката Марија од врската со белграѓанката Милена и синот Филип со една германска грофица. Жените, несомнено го сакале, ги сакал и тој нив. Мажите му се восхитувале. Злобниците му завидувале. Низ европските метрополи го дочекувале и испраќале Ален Делон, Жан Пол Белмондо, дома бил своевидна поп-икона... Имал се, пари, моќ, слава...Остануваат забележани низ новинарските анали, безброј приказни и сведочења за неговите животни авантури од тоа време. Трошел многу, уште повеќе подарувал. Се преплетуваат тука, комар, жени, тепачки, кафани... Приказни и митови. Некои вистинити, повеќето не.

Но, во тие луди деведесетти, котелот на безумието веќе почнувал да проврива, полека се назирало времето на крв, терор, насилие... Национализмот почнувал да убива. Југославија полека се распаѓала. И токму тогаш, за некогашниот миленик на Тито, човекот кој за себе до бесвест зборувал дека е и Србин, и Хрват, и Бошњак истовремено, дошло времето кога ќе мора ги преживува своите најтешки години... Време на развод, прогон, мобилизација, копање ровови. Време на уцени, уличарство и кукавиштво, време на тепање и хулигански националистички урлик, „кој е сега посилен шампионе“ додека лежи претепан на асфалтот. Време во кое е убиен неговиот брат Ивица, на кого до ден - денешен, не му се знае гробот. Време во кое од тага и немоќ умираат и неговите други двајца браќа. Време во кое Маријан Бенеш е четник во Загреб, усташ во Белград. Време во кое неговата Бања Лука, сега веќе поделена и разорена најтешко го нокаутира. Време во кое губи се што има: семејството, станот, боксерскиот клуб „Феникс“, дуќанот, пријателите, децата ромчиња кои во рингот ги учи на животната, а не на боксерската вештина. Губи се...но не и честа.
 
Победа од небо поголема!
 
Човекот кој потекнува од партизанско семејство, по неколкуте години поминати во бегалски камп во Хрватска и простува на Бања Лука, како што љубовник и го простува неверството на својата сакана. За својот град, тој во свој стил ќе каже дека го сака, како што се сака курва: најмногу! Онака своеглав и храбар, се враќа на местото во кое нема повеќе ништо. Во кое е духовен апатрид. Местото на кое ги нема повеќе ни медалите, ни признанијата ни пехарите, ни плакетите, ни скапоцените статуетки „челична тупаница“ и “златен гонг“... Загубени се некаде попатно, низ воените години...

Долго време по војната, независната држава Босна и Херцеговина, по долготрајна лична правна битка му вратила мал дел од неговиот имот. И вратеното го продал, за да ги подмири долговите и повторно останал без ништо. Никогаш не бил татко за пример. Не бил ниту сопруг по книга. Сигурно не бил ниту зет, што секоја мајка би го посакала. Но, речиси е сигурно дека бил пријател и другар за почит. По сите тешки аперкати, нокаути и крошеа, што ги добил од сите страни, несудениот светски првак продолжил да свири на виолина и на флејта, да пишува песни...да живее. Најдобриот боксер меѓу поетите, или најталентираниот поет меѓу боксерите, е автор на неколку книги, меѓу кои и збирки песни за деца. „Беше еднаш еден шампион“ е документарен филм снимен за него и промовиран во неговата Бања Лука пред дванаесет години.
 
Денес можеби, овој возрасен човек изгледа беспомошно и немоќно. Но, само неговите најблиски знаат навистина, колку сила има во себе. Тој не е сам! Го изгубил домот, но не е бездомник. Го нема она што со свои раце го стекнал, но, не е „сирот“. Тука се неговите деца Маријана, Жанет, Марија и Филип, неговите внуци Андрија и Хелена. Секогаш е тука и Стана. За нив тој никогаш нема да биде само „бившиот спортист“, „шампионот“ или „нашиот Марио“. Ќе биде нивниот „тајо“. И без никакво сомнение и тој е најсреќен со нив: кога се тука, кога може да ги гушне, онака силно да им испукаат коските... кога може да ги бакнува. А, да. Се уште се радува како дете кога ќе види чоколади и колачи. Устата му се развлекува во широка насмевка, а очите необично му заблескуваат. Живототот сепак, го чинат „малите“ нешта. Тоа Марјан Бенеш поетот, најдобро го знае. Не случајно во една своја песна која се вика „Мојата приказна“ ќе напише:

Спортот ме научи лесно да не се предавам,
 
гордоста и честа баш за ништо да не ги давам,
 
кој не знае да загуби, никогаш нема ни да победи,
 
а во поразот и победите се од небо поголеми...
 
* Текстот е реализиран во директна комуникација и координација со ќерката на некогашниот југословенски боксер, Маријана Бенеш, која живее и работи во Виена
2 јануари 2018 - 18:00