Неславен крај на кариерата, Болт остана без медал во последната трка

Едно е сигурно, појавата на Усеин Болт ќе фали во светот на спортот. Јамајканецот неславно ја заврши кариерата откако вечерва во финалето на Светското првенство во Лондон 2017 на штафетната трка се повреди и не го заврши натпреварувањето.

Златниот медал во финалето на 4х100 на Светското првенство во Лондон го освоија домаќините, Британците. Американците беа втори а Јапонија неочекувано ја слави бронзата.

Домаќините истрчаа 37,47 и поставија нов британски рекорд но што е поголемо изненадување ги победија фаворитите за златото од САД (Мајк Роџерс, Џастин Гетлин, Џејлин Бекон и Кристијан Колмен) коишто на крајот се задоволија само со сребро.

Светската јавност со нетрпение го очекуваше финалето од причина што беше последна трка за најголемиот на сите времиња, Усеин Болт, но 30-годишниот спринтер од Јамајка одново разочара.

Пред една недела на 100 метри ја освои бронзата, а овојпат на незаслужен начин се поздрави од публиката и се прости од атлетиката. Неговите сонародници одлично ја започнаа трката, а Болт кој трчаше во последната замена се повреди после педесетина метри, држејќи се за бутниот мускул застана во грч и не ја заврши трката.

На крајот златото им припадна на Британците за кои трчаа Чиџија Уџах, Адам Џемили, Даниел Талбот и Натаниел Мичел-Блејк. Тие го поставија новиот европски рекорд. Среброто на Светското во Лондон вечерва им припадна на Американците кои истрчаа 37,52 секунди а бронзениот медал Јапонијаго заслужи со време 38,04

Новите светски шампиони со градоначалникот на Лондон Амир Кан

Четврта заврши Кина со време 38,4, Франција беше петта со време 38,48, Канада шеста со 38,59, а Турците завршија седми со истрчано време 38,73. Јамајка (Омар Маклауд, Џулиан Форте, Јохан Блејк, Усеин Болт) не ја заврши трката.

Болт важи за најбрзиот човек на светот, рекордер на 100 и 200 метри. Стана светски шампион и ги освојуваше златните медали во Берлин 2009, Москва 2013 и Пекинг 2015. Олимписки првак стана во Пекинг 2008, Лондон 2012 и Рио 2016.

Во својата богата кариера освои четири светски и три олимписки злата на 200 метри, а со штафетата на својата земја се радуваше на четири светски и две олимписки злата на 4х100 метри. Болт може да се пофали и со две светски сребра, по едно на 200 метри и на 4х100 како и бронзен медал од овогодинешниот Мундијал во Лондон на 100 метри.

12 август 2017 - 23:55