Најпознатите тениски академии во светот

Голем дел од ѕвездите на белиот спорт своите први асови, бекхенди, форхенди и дроп-удари ги учеле на некои од најпознатите тениски академии, основани претежно од поранешни играчи.

Академијата Луис и Серхи Бругуера

Година на основање 1986-та
Познати откровенија: Сара Ерани и Габи Мугуруза
Официјален сајт: http://brugueratennis.com/ca

Академијата на таткото и синот Бругуера (Серхи во 1993 и 1994 година играл на Ролан Гарос)се наоѓа на 18 километри од Барселона и се прослави по тн. Метод Бругуера. Суштината на овој метод се сведува на пет основни работи: 1) Тениски часови во склад со доброто образование, 2) Техничка вештина и ментална цврстина, 3) Напорна физичка подготовка, 4) Регуларно учество на турнири, 5) Сите ученици да се чувствуваат како дома.

Семејната атмосфера е базен елемент во филозофијата на Серхи и Луис, кои во своето време бил капитен на шпанската Дејвис Куп репрезентација, а поседува и диплома во областа на тенисот. Пред неколку години, Бругуера постариот ја напиша книгата „Тајната на шпанскиот тенис". Со Академијата најчесто раководи Луис, а неговиот син е таму кога не патува по светот како тренер на Ришар Гаске. На територијата на Академијата има 16 тениски терени, 9 од нив на трева, а 7 на земја. Физичките подготовки најчесто се одржуваат на плажа или по планините.

Академија Крис Еверт

Година на основање: 1996-та
Најпознати откровенија: Медисон Киз, Шуаи Пен, Енди Роди, Белинда Бенчиќ
Официјален сајт: http://www.evertacademy.com/

Нејзината успешна кариера со 157 различни титули ја натера Американката да основа Академија во американската тениска Мека – градот Бока-Ратон. Академијата во Флорида е дизајнирана за не повеќе од 50 луѓе, но е позната по индивидуалниот пристап на секој ученик.


„Се трудиме да избалансираме два процеси. Прво, секое дете има свој личен тренер кој што се занимава со лични тренинзи секој ден, плус имаат резервен, помошен тренер кој им помага на двајцата. Друго, секое дете редовно се меша во групи со различни играчи. Акцент ставаме и на психолошката работа", вели Еверт.

Во декември минатата година, студентката на Еверт Академијата, Русинката Улијана Широкова оствари двојна победа, во сингл и во парови на јуниорското светско првенство за играчи до 16 години кое се одржува секоја година во Бредентон.

Академија Никола Пилиќ

Година на основање: 1996-та
Најпознати откровенија: Новак Ѓоковиќ, Јелена Докиќ, Ернст Гулбис, Иво Карловиќ
Официјален сајт: -

Пилиќ - легенда на балканскиот и светскиот тенис. Никола во 1973. година играл во финалето на Ролан Гарос, а потоа бил селектор-капитен на неколку тениски репрезентации како Германија, Хрватска, Србија. За време на работата на Академијата, која што Никола Пилиќ ја основал на 40 километри од Минхен, од оваа школа дури 40 тенисери влегле во Топ 100.

На работата на Пилиќ и се припишува челична дисциплина и 100 процентна концентрација на тенисот како идна професија. Новак Ѓоковиќ, најдобриот светски тенисер бил забележан на 12 години од Јелена Генчиќ, а Србинот подоцна тениските чекори ги учи кај легендарниот Пилиќ.

Самиот Новак во 2010. година финансиски ја помогнал Академијата која била пред гасење поради банкрот.

Академија Жастин Енан

Година на основање: 2007
Најпознати откровенија: Елина Свитолина, Ирина Хромачева, Софија Жук
Официјален сајт: http://www.justineheninacademy.com/home3.asp?ClubID=132&LG=EN

Филозофијата на Академијата Жастин Енан (вклучува 6 покриени терени со вештачка трева, 3 земјени во затворен простор и 10 отворени земјени терени) е што не е за профит. Главна задача на Академијата позната и како Шесто сетило е да им помогне на учениците полесно да стигнат до учество на меѓународните натпреварувања.

„Зборот Академија не е погрешен, вели седумкратната освојувачка на Грен Слем синглови. Тоа не е институција за елитата. Шесто сетило е отворена академија за тенисери на било кое ниво и било која возраст. Ние сме овде да работиме и да се забавуваме", изјави Жастин Енан.

Во 2012. година, студентката на оваа Академија, Софија Жук го освои јуниорскиот Вимблдон на 15 години.

Академија Иван Лендл

Година на основање: 2011-та
Најпознати откровенија: -
Официјален сајт: -

Осумкратниот шампион пред неколку години ја отвори својата Академија во Јужна Каролина. Школата ја работи со уште двајца ортаци, а главниот акцент е исхраната, психолошкиот аспект и фитнесот. По три години, Академијата се затвори привремено поради финансиски потешкотии во кои западнале неговите соработници.