Ѓоковиќ го распушти целиот стручен штаб

После 11 години, тренерот Марјан Вајда, физиотерапевтот Миљан Амановиќ и кондициониот тренер Гебхарт Фил Грич веќе нема да бидат дел од тимот на српскиот тенисер.

Заврши 11 годишната соработка (почната во сега веќе далечната 2006-та), Новак Ѓоковиќ реши да се поздрави со тренерот Марјан Вајда.

Со Словакот Новак ги доживеа најдобрите моменти во својата кариера почнувајќи од првата АТП титула во Амерсфорт. Двајцата непрестано работеа до крајот на 2013-та кога на стручниот штаб им се приклучи и Борис Бекер, но Ѓоковиќ ја прекина соработката со Германецот минатиот декември.

„Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се договори со тренерот Вајда, кондициониот тренер Гебхарт Фил Грич и физиотерапевтот Милјан Амановиќ заклучно со Мастерс турнирот во Монте Карло да ја прекинат долгогодишната соработка“, пишува во соопштението на Ѓоковиќ преку својот ПР тим на својот сајт.

Новак додава уште и:

„Договорот падна после деталната анализа на играта, постигнатите резултати, но и поради приватни планови на секој член од тимот. Решивме дека и покрај фантастичната соработка во изминатиот период, во моментов се неопходни промени, нов пристап и нова енергија за Ѓоковиќ да го подигне нивото на игра“.

„Бескрајна благодарност до Марјан, Џиџи и Милјан на деценијата пријателство, пожртвуваност, професионализам и посветеност на моите цели во кариерата. Без нивна поддршка немаше да остварам така големи резултати во тенисот. Свесен сум дека живеа за мене и дека се подредуваа на моите успеси и моите сни. Беа моја сила и ми даваа ветер во грбот. Не беше лесна одлука, но заедно увидовме дека е потребна промена. Тие се мое семејство и тоа никогаш нема да се смени“, наведува Србинот во соопштението.

Брзо се огласи и Словакот Вајда, архитектот на сите успеси на Новак Ѓоковиќ во кариерата:

„Времето поминато со Новак е еден живот. Бевме дел од големите успеси, живеевме и дишевме за исти цели. Му пружив се што знам како тренер и горд сум на нашите резултати. Стигнавме до моментот кога сфативме дека е потребна нова енергија во тимот. Новак уште може да оди напред и убеден сум дека ќе остане на самиот тениски врв уште долго и дека ќе пружа нови победи. И натаму ќе се консултираме, гледаме и дружиме, затоа што сепак сме семејство“, напишал Вајда.

Голема благодарност за се што направија заедно со Новак изразија и кондициониот тренер Гебхард Фил Грич (ќелавкото во стручниот штаб) и Милјан Амановиќ, физиотерапевтот и кумот на Србинот.

„Новак е мој најдобар пријател и мој брат. Со него минав повеќе време отколку со моето семејство во изминатите десет години. Ништо нема да се смени во нашиот однос затоа што сме поврзани на многу начини. Секогаш ќе бидам тука за него и ќе се радувам кога ќе победува, освојува турнири и ќе го оствари сиот свој потенцијал“, вели Амановиќ.