Ѓоковиќ го доби дуелот на титаните за рекордна 7-ма титула во Мелбурн

Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ супериорно го победи Рафа Надал во финалето на Австралијан Опен и по седми пат го крена вредниот пехар во Мелбурн.

НОВАК ЃОКОВИЌ - РАФАЕЛ НАДАЛ 6:3, 6:2, 6:3

Српскиот тенисер ги престигна Роџер Федерер и Рој Емерсон кои имаат по шест титули на првиот гренд слем во сезоната.

По 2008, 2011, 2012, 2013, 2015 и 2016, Новак стана првиот во историјата кој освоил седум титули на Австралија Опен.

Со денешниот триумф против својот најголем ривал, Ѓоковиќ сега има 15. Гренд слем трофеи во кариерата со што го надмина Пит Сампрас кој има еден помалку. Во моментов Ноле е на број три на вечната листа најтрофејни тенисери (Надал има 17 а Роџер има дури 20 Гренд слем пехари).

По падот пред неколку месеци, Новак одново го врати тренерот Марјан Вајда кој е шеф на неговиот тим и повторно се врати на победничките патеки.

Против Рафа во финалето на преполната „Род Лејвер Арена“ доминираше од почеток до крај. За доминацијата на Ѓоковиќ говори и фактот што Надал првпат во кариерата изгуби Гренд слем финале со убедливи 3:0.

Србинот сервираше неверојатно - 80% успешност на прв сервис (40/50) и дури 84% на втор сервис (16/19). Ѓоковиќ освои пет од осум брејк топки а имаше и осум асови. Во 53. епски меч на овие два гиганти, Ноле има 28 победи.

Освен 2.000 АТП бодови, Новак Ѓоковиќ ќе добие и 4.100.000 австралиски долари што е околу 2,5 милиони евра.

Во женска конкуренција титулата на Австралија Опен ја освои младата Наоми Осака која ја совлада Петра Квитова во три сета. Осака од понеделник е прва тенисерка на светот. Таа во Мелбурн стигна до втората Гренд слем титула.

27 јануари 2019 - 12:44