Деца-борци во ММА клуб во Кина ја поделија земјата

„Тука ми е убаво: имам за јадење, ме облекуваат, ме тренираат, чисто е и имам другари. Не сакам да си одам“, вели едно од многуте деца-борци во еден ММА клуб во Кина кој ја шокирал јавноста во оваа земја.

Скандал во Кина предизвикало емитувањето на краткиот документарен филм “Боречкиот клуб Ен Бо“ во Ченгду, провинцијата Сечуан, на каналот "Pear Video". Децата во боречкиот клуб, основан од поранешниот полицаец Ен Бо тренираат и фактички се тепаат според правилата на ММА.

Во филмот е прикажан и фрагмент од такви борби во кои учествуваат 12-годишни деца. Родителите на децата прикажани во филмот или се умрени или го напуштиле селото и работат во големите градови па ги оставиле децата на чување кај баба и дедо или други блиски роднини.

Во видеото се утврдува дека за последните десетина години Ен Бо ’воспитал’ стотина деца од сиромашните региони во земјата. Еден од тренерите во клубот признал дека малите повеќе или помалку ги плаќаат за борба, се хранат добро и ги имаат сите потребни работи. Салата на видеото изгледа многу чиста, опремата е нова а многу деца велат дека им е поубаво отколку дома.

Филмот предизвикал голем скандал во Кина. Властите во провинциите Сечуан и Лиангшан (од таму се неколку деца-борци) извршиле информативни разговори и земале изјави кои го доведуваат во прашање законското уредување на клубот на пораншниот полиаец Ен Бо. Утврдено е дека чиновниците кои го посетиле школото во салата не нашле никакви сертификати ниту потпишана согласност за присвојување на децата.

На крајот на јули властите одзеле две деца сираци и ги вратиле во реонот Лиангшан. Тоа е најсиромашниот реон во Кина и децата кои живеат таму најчесто стануваат жртви на трговци со луѓе или работат тешки работи. Неделава околу 19 деца биле одземени од „Боречкиот клуб Ен Бо“. Малите се вратени во своите родни краишта и веднаш ги запишале во школо на почеток на учебната година.

Најмалку две, три деца не сакале да го напуштат клубот во Ченгду. Едно од децата кое се појавува на видеото, малиот Сјо У рекол дека не сака да се врати во родниот град затоа што се плаши дека ќе стане наркоман или дека ќе мора да мигрира како неговите родители.

„Јас дојдов овде за да станам ММА борец и да ја сменам својата судбина. Мечтаам да освојам титула во UFC. Идол ми е познатиот шампион Конор МекГрегор“, вели 14-годишниот Сјо

Корисниците на средставата за масовна комуникација се поделени во коментарите. Некои велат дека децата биле задоволни од односот на Ен Бо и го сакале како втор татко. Раскажувале дека газдата на клубот добро ги тренирал, ги носел во зоолошка градина и им купувал многу нешта (по првпат во животот). Жестоките критичари пак бараат затворска казна затоа што Ен Бо наводно ги злоупотребувал дечињата со цел да заработи од организираните борби каде доаѓал голем број публика.

Самиот Ен Бо изјавил дека не направил ништо незаконски. Тој е уверен дека се однесувал добро кон децата во клубот и дека малку треба некое од нив да стане професионален борец во ММА. Тој исто вели дека годишно вложувал по четири до пет милиони јуани (600.000 - 750.000 долари) за издржување и воспитување на децата. Вели дека парите ги добивал од спонзори кои ги покривале борбите организирани од клубот.

13 септември 2017 - 10:44